Гир го предаде извештајот - ќе започнат ли преговорите со ЕУ до крајот на годинава? | Северна Македонија | DW | 20.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Гир го предаде извештајот - ќе започнат ли преговорите со ЕУ до крајот на годинава?

Вицепремиерот Никола Димитров вели дека мора да се биде внимателен со очекувањата - подобро е да се биде изненаден од добра вест, отколку разочаран.

Европската комисија очекува првата меѓувладина конференција со која ќе се означи стартот на преговорите со Северна Македонија да се одржи до крајот на годинава. Еврокомесарот Дејвид Гир, кој денеска на македонскиот државен врв му го предаде Извештајот на ЕК за напредокот на земјата во процесот на евроинтеграцијата, ги потврди ставовите дека Северна Македонија ги исполнува критериумите да ги почне преговорите за членство и дека одложувањето има негативно влијание врз кредибилитетот на ЕУ.

„Се вложуваат сите напори целта, Северна Македонија да започне преговори со ЕУ да биде остварена до крајот на оваа година, за време на словенечкото претседателство, но таа останува и понатаму. Сега сме концентрирани тоа да биде до крајот на годината“, рече Гир, кој имаше заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Nord-Mazedonien Video-Konferenz Nikola Dimitrov und Michael Roth

И вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, смета дека прозорецот за почеток на преговорите е крајот на оваа година

Според Гир, треба да се засилат напорите за решавање на прашањето со Бугарија, како и да продолжи имплементацијата на билатералните договори со Бугарија и со Грција, од сите страни потписници. „Земјата покажа цврста решеност да напредува кон ЕУ, одржува чекор во реформите и има резултати. Треба да продолжат напорите поврзани со борбата против корупцијата, владеење на правото и реформа на админстрацијата“, порача денеска евроамбасадорот.

И вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров смета дека прозорецот за почеток на преговорите е крајот на оваа година, со словенечкото претседателство, и почетокот на следната со француското. „ЕУ одлучува со консензус. Сите 27 членки во март се согласија, но една, Бугарија, оневозможува да се одобри преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција. Ова влијае и на нас, на македонско-бугарските односи и на политиката на ЕУ кон регионот, бидејќи тоа е каква порака се испраќа“, рече Димитров.

Сепак, тој рече дека мора да се биде внимателен со очекувањата и подобро е да се биде изненаден од добра вест отколку разочаран.

Објективна слика за состојбите

Премиерот Зоран Заев е задоволен од извештајот, кој, според него, ја нагласува цврстата и одлучна имплементација на ЕУ реформите особено во клучните области, како што е владеење на правото, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Mazedonien, Skopje | Präsidenten Stevo Pendarovski (Mazedonien) und Rumen Radev (Bulgarien)

Претседателот Стево Пендаровски смета дека извештајот претставува објективна слика за состојбите во државата

„Врз основа на тоа, во извештајот се препорачува итен почеток на преговори за пристап кон членство и прва меѓувладина конференција до крајот на годината за време на словенечкото претседателство. Извештајот потврдува дека чекориме силно на европскиот пат. Тоа е единствениот пат кој носи европски стандарди и подобар живот“, рече Заев.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека извештајот претставува објективна слика за состојбите во државата. Тој е задоволен што Европската Комисија повторно го констатираше напредокот на Северна Македонија во исполнувањето на потребните реформи и во извештајот ја реафирмираше подготвеноста на државата за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ. Тој очекува скоро усвојување на преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и закажување на првата Меѓувладина конференција, која ќе го означи почетокот на пристапните преговори, согласно препораките на Европската комисија.

Стејт департментот е дециден

Во заедничка изјава на американскиот Стејт департмент и ЕУ се вели дека по неодамнешната средба меѓу секретарот Ентони Блинкен и високиот претставник на Унијата, Жозеп Борел, САД и ЕУ се согласиле дополнително да го зајакнат својот заеднички ангажман на Западен Балкан за поддршка на напредокот на регионот на европскиот пат.

„Ја потенцираме нашата целосна поддршка за процесот на проширување на ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ, кој е наведен како приоритет за целиот Западен Балкан, помага во зајакнување на демократските институции, заштитата на основните права и унапредувањето на владеењето на правото. Овој регион припаѓа на ЕУ. Интеграцијата ќе ја зајакне стабилноста и ќе придонесе за просперитет на луѓето од регионот. Во овој контекст, нагласуваме дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање“, се вели во заедничката изјава на Вашингтон и Брисел.