Германците штедат и се богатат | Економија | DW | 30.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Германците штедат и се богатат

Светскиот ден на штедењето е многу популарен во Германија, и тоа со генерации. Но, дали штедењето се’ уште е исплатливо? Банките велат - да. И, ги повикуваат граѓаните да им ги донесат своите пари.

Недвижности? Честопати се премногу скапи. Акции? Тоа не е за луѓе со слаби нерви, со оглед на цените кои постојани и брзо се менуваат. Злато? Сигурна инвестиција, но не носи ниту дивиденда ниту камата. Дали е воопшто можно да се инвестира во време на ниски камати?

Многу Германци во ваква ситуација се многу прагматични: најголемиот дел од заштедата сепак завршува на банкарските сметки, иако каматните стапки се ниски и се’ повеќе банки на поголеми износи сега дури наплаќаат и затезни камати.

Штедењето е „еднакво важно, како што и отсекогаш било, доколку тоа го направите како што треба“, тврдат во своите огласи германските банки по повод Светскиот ден на штедењето, 30 октомври.

Приказни за мали деца?

Од 1925 година Светскиот ден на штедењето им е посебно наменет на децата. Се прават обиди децата од мали нозе да се наведат на што повеќе штедење. Со касичките под рака да се отиде до најблиската банка, да се предаде заштедата, да се земат играчки кои се добиваат на подарок - овој традиционален германски ритуал и оваа година е можен. Банките ширум земјата ги мамат малите штедачи со подароци.

Но, само да се однесат парите во банка, да се уплатат на сметка и потоа да се остават самите „да работат“ и да собираат убава камата - тоа со оглед на трајно ниските каматни стапки веќе не функционира. Сега е потребна „нова култура на штедење и вложување“, пишува економистот на ДЗ банката Михаел Штапел: „Политиката која сака да испровоцира одржлива акумулација на богатство меѓу широките слоеви на населението, мора да понуди поповолни услови.“

Symbolbild Gehalt nach Geschlechtern

Потребна е нова култура на штедење и вложување

Се штеди се’ повеќе

Заштитата на инвеститорите и строгите градежни прописи се оправдани, вели Штапел, „но ако претераната регулација доведува до тоа нормалните, и пред се’ важни, категории на вложување да стануваат практично затворени за малите вложувачи, а младите семејства со нормални приходи веќе не можат да си дозволат сопствен дом, се укажува потреба од укинување на бирократијата која е вишок и воспоставување на нова регулаторна рамнотежа“.

Во пракса, многу Германци ја надокнадуваат загубата од приходи од камати со ставање на уште повеќе пари на штедна книшка. Здружението на германски банкари (БВР) предвидува дека стапката на штедење годинава, делумно и како последица на корона-кризата, ќе изнесува рекордни 15%. Тоа значи дека приватните домаќинства од 100 евра доход ќе заштедат 15 евра.

Досега, според Сојузниот завод за статистика, најголемата стапка на штедење во Германија е забележана во 1991, односно 1992 година - 12,9%. Минатата година таа стапка изнесуваше 10,9%.

Пандемијата ја зголеми потребата на многу вложувачи за сигурност. Неодамнешнот истражување на понудувачот на фондови Унион Инвестмент покажува дека за повеќе од една третина луѓе (35%) е најважно да барем да можат да го подигнат износот кој го вложиле. Исто така една третина (32%) од луѓето голема важност придава на можноста да располагаат со своите пари во секој момент.

Symbolbild Geldautomat Bankautomat

На голем дел од Германците им е важно да располагаат со своите пари во секое време

Кризата како шанса

Но, постојат и истражувања кои покажуваат дека падот на вредностите на акциите на берзите во контекст на корона-кризатадоведува до тоа вложувачите да купуваат повеќе акции по релативно ниски цени.

Актуелно истражување на Постбанк покажува дека за секој десетти Германец кризата била прилика за работа со хартии од вредност: или за влез во вложување, или за надополнување на инвестициските фондови со кои веќе располагале.

Богати како никогаш досега

Штедењето, од една страна, и опоравувањето на берзите од друга - тоа се два фактора кои доведоа до тоа Германците да бидат најбогати во својата историја.

Според проценките на Бундесбанката, количеството на расположливи финансиски средства на приватните домаќинства во вториот квартал од 2020 година се зголемило на рекордни 6.630 милијарди евра. Редовното штедење, очигледно, сепак се исплаќа!

Реклама