Германците (не)се плашат од короната | Свет | DW | 08.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германците (не)се плашат од короната

Германците се загрижени пред се’ за економијата, не толку за сопственото здравје, покажуваат резултатите од повеќе истражувања за стравовите во корона-кризата.

Колку се Германците исплашени од корона-кризата? Најновото истражување на оваа тема го направи осигурителната компанија Р+В. Резултатот од репрезентативното истражување на политикологот Манфред Шмит, кој 15 години прави истражувања по налог на компанијата, е изненадувачки.

Ако се изземе зголемениот страв од пропаст на економијата, Германците се главно опуштени во врска со своето здравје и својата работа. „Делуваат вчудовидувачки безгрижно и кул“, вели Шмит.

Во споредба со 2019 година, стравот од тешко заболување се зголемил за само 6 проценти - од 35 на 41 проценти. Тоа е втора најниска вредност од 1992 година досега. Најниската вредност беше забележана минатата година.

„Ова е сензационална вест. Тоа навистина ме вчудовиде“, вели Шмит. „Лебди една карактеристична претпоставка дека лично добро ќе се преживее и дека ризикот е некаде на друго место.“ Научникот сепак додава дека при истражувањето улога би можела да има возраста на испитаниците. „Ризикот кај постарите лица е повисок, а овде се правеше истражување репрезентативно во сите возрасни групи.“

Гледај видео 01:05

Животот по короната

Пред избивањето на пандемијата, институтот за истражување на јавното мислење инфратест-димап дојде до нешто поинаков резултат. Тогаш 51% од Германците изразија страв дека лично или некој од нивното семејство би можел да се зарази со вирус.

Сите истражувања, меѓутоа, покажуваат дека загриженоста од пропаѓање на економијата се зголемува. Во истражувањето на Р+В овој број е зголемен за спектакуларни 29% во споредба со 2019 година и сега изнесува 58%. Загриженоста од рецесија не се должи само на стравот од губење на сопственото работно место. Само една четвртина од испитаниците се загрижени за работното место, односно исто како и во 2019 година. Според Шмит, тоа се должи на мерките на владата и државните финансиски инјекции. Тоа за најголемиот дел од Германците е смирувачки и помага, вели Шмит.

Но, не може да се зборува за целосна опуштеност. Зашто, од основањето на СР Германија во 1949 година до денес Германците не биле никогаш толку песимистични како во корона-кризата. Тоа го покажа истражувањето на институтот Аленсбах на крајот на март. Само 24% од испитаниците, според ова истражување, гледаат со оптимизам кон наредните 12 месеци.

VW Förderband (Imago Images/Sven Simon)

Иако фабричките ленти стојат, стравот на Германците од губење на работното место не е огромен

Во едно, меѓутоа, институтите за истражување на јавното мислење се единствени: Владата во очите на Германците добро си ја врши работата во време на криза и поради тоа ја фалат.

Ваков резултат даде и последното истражување на Р+В. Само 46% од испитаниците мислат дека политичарите не и’ се дораснати на задачата во корона-кризата. Во изминатите десет години тој процент беше многу повисок. Во текот на финансиската криза во 2010 година 62% од Германците сметаа дека политичарите не се снаоѓаат добро, а во текот на бегалската криза во 2016 година на такво мислење беа речиси две третини од испитаниците, односно 65%.

 

Реклама