Германците најавуваат проверка на дипломите од БиХ | Свет | DW | 02.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германците најавуваат проверка на дипломите од БиХ

Медиумите во Германија и натаму пишуваат за бизнисот со фалсификувани дипломи кој цути во БиХ. Причината е тоа што голем број негуватели и медицински сестри во Германија доаѓаат токму од оваа земја.

Откритието на порталот „Журнал“ во БиХ крена голема прашина не само во Босна и Херцеговина, туку и во Германија. Наводно ќе биде направена проверка на дипломите и на сите вработени во заедничкиот парламент на БиХ. Според Кенан Вехабовиќ, шеф на управата на Парламентот, само се чека зелено светло од Уредот за заштита на лични податоци. Со тоа нема многу да се постигне, смета новинарот Авдо Авдиќ, потенцирајќи дека мора да се откријат механизмите според кои е спроведена измамата и одговорните да бидат казнети.

Повеќе: БиХ: Со лажна диплома до работа во Германија

Германското државно радио „Дојчландфунк“ објави репортажа од Сараево насловена како „Негуватели за 17 дена". Во извештајот, покрај другото, се наведува дека проблемот со купувањето дипломи во БиХ е познат и дека државното обвинителство не презема речиси ништо. „Дојчландфунк“ исто така наведува дека според последниот извештај за миграција, во Германија во 2016 и 2017 година пристигнале повеќе од 50.000 државјани на БиХ. „Многу од нив се вработија во таканаречените сектори каде недостасува работна сила во Германија. Овие лица во Германија мора да поднесат барање за признавање на нивните дипломи. За признавање на истите се задолжени надлежни служби во германските покраини." „Дојчландфунк“ пишува дека надлежните служби за признавање на дипломите во Германија се запознаени со босанскиот случај.

Вистинска диплома без одење во училиште

Германската тв-станица РТЛ ја анализираше оваа тема во својот централен дневник и покрај другото наведува дека во БиХ може да се купи диплома за околу 1.250 евра. РТЛ пренесува дека голем проблем за истражните органи е тоа што дипломите не се фалсификувани. „Тоа се вистински дипломи кои им се издаваат на луѓе што немаат завршено никаква обука“, наведува РТЛ и додава дека во тој случај негувателот всушност можеби се образувал за автомеханичар. РТЛ исто така додава дека голем број лица кои работат како негуватели во Германија, доаѓаат токму од БиХ.

Deutschland Symbolbild Studienkredite (picture-alliance/dpa/U. Baumgarten)

Не е познато колку негуватели од Босна работат со купени дипломи по германските болници и старечки домови

Што прави германската влада за да се спречи пациентите да бидат препуштени на неквалификуван персонал?

Одговорот на ова прашање РТЛ го побара од министерот за здравство Јенс Шпан, кој рече дека секоја германска покраина е задолжена за проверка на дипломите. „Мора да се разјасни дека тие дипломи за лекари се еквивалентни на нашите“, изјави министерот Шпан во интервју за РТЛ. За Шпан е важно тоа да се реши „што е можно побрзо, бидејќи на Германија ѝ е потребна стручна работна сила и да не се проверува само документацијата, туку важен сегмент да биде и праксата“. Во германските болници и старечки домови во моментов има недостиг од околу 30.000 негуватели. Се проценува дека до 2030 година нега ќе им биде потребна на околу 3,1 милиони лица, додека тој број до 2050 година ќе порасне на 4 милиони.

Трговија со лажни дипломи во БиХ

Со купувањето дипломи во Босна се занимава и весникот „Ди Цајт“, кој пишува дека земјата во 2017 година ја напуштиле повеќе од 35.000 луѓе и дека главно станува збор за млади кои се загрижени за својата иднина. Весникот наведува дека БиХ е четвртата земја во Европа по број на невработени и дека речиси секој петти во земјата е без работа. „Ди Цајт" додава и дека негувателките во Сараево по тригодишно школување во просек заработуваат до 500 евра месечно и тоа бруто. Во Германија, според синдикатот Верди, еден почетник во оваа бранша заработува 2.635 евра бруто. „За тоа мора да изврши преквалификација, а десетина приватни медицински школи во БиХ се специјализираа за такви курсеви", пишува „Ди Цајт".

Повеќе: Германија: Ново добредојде за квалификувани работници од странство

Весникот наведува дека некои агенции кои посредуваат при вработувањето веќе се соочени со проблемот на купени дипломи. „Знаеме дека во БиХ можат да се купат дипломи. Тоа е јавна тајна“, вели Андреас Деперман од фирмата Профко од Бремен. „Ние ги проверуваме сите кандидати. Годишно имаме по два до три кандидати со лажни дипломи. Но, тој проблем можеме успешно да го решиме." Обично во приложените документи кај ваквите кандидати веднаш паѓа в очи дека преквалификацијата е извршена за многу кратко време. „Во тој случај ја контактираме болницата во БиХ и проверуваме дали кандидатот навистина ја поминал обуката."

Клиниката Дипхолц од Долна Саксонија е првата која презема мерки поради скандалот со купени дипломи од Босна и Херцеговина. Оваа клиника го прекина договорот со германската агенција за посредување и вработување од Бремен и најави проверка на сите дипломи кои ги поседуваат негувателите од БиХ. Во моментот не е познато колку негуватели од Босна работат со купени дипломи по германските болници и старечки домови.

DW.COM

Реклама