Германците лути на сиромашните мигранти | Европа | DW | 18.03.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Германците лути на сиромашните мигранти

Германците се’ почесто отворено протестираат против доселувањето на сиромашните мигранти од новите членки на ЕУ како Бугарија и Романија. Некои општини се веќе на работ на банкрот, а државата не им помага.

Бербел Нелке не се чувствува удобно во својот дом. Повеќе од 20 години таа живее во оваа куќа во Дуизбург. Но, од минатото лето се’ е поинаку. Во зградата спроти нејзиниот дом одеднаш се доселија повеќе од 150 Синти и Роми од Бугарија и Романија. Оттогаш околината стана прегласна, неуредна, па дури и опасна.

„Ние сме тука каменувани. Тие фрлаат со камења по прозорците. Седев со мајка ми во другата соба и си помислив: што ли станува?; и потоа излегов да проверам. Тогаш забележав едно младо момче како бега. Излегов на балканот и тие уште почнаа и да викаат по мене и да ме навредуваат. Притоа ми го покажуваа и средниот прст и такви нешта“, вели 57. годишната Бербел Нелке.

Револтирани граѓани

Од проширувањето на ЕУ кон Источна Европа во 2007. година само во Дуизбург се доселија повеќе од 6.000 Бугари и Романци. Мнозинството се Роми кои биле дискриминирани во својата татковина. Тие се сиромашни, без образование и не зборуваат германски.

На Бербел Нелке и на нејзините соседи им е доста. ЕУ проширување, или не, тие сакаат нештата да бидат како порано.

„Кој ги донесе во оваа земја? Кој им ја даде таа можност? Политичарите, не ние“.

„Нас никој не не прашува за ништо“.

„Тие не се граѓани на ЕУ кои можат да живеат на ова ниво на кое живееме ние. Не смееме да дозволиме ова да се уништи“, велат револтирано дел од граѓаните на Дуизбург, соседи на Бербел Нелке.

Карстен Филингс ги познава грижите на локалните жители. Тој е локален политичар. И за него е се’ потешко да го смири незадоволството.

Филингс знае дека уште сега Дуизбург е финансиски оптоварен со сиромашните бегалци, со трошоците за курсеви по германски јазик, места во училиштата, помош за децата и за семејствата. Но од 2014 ќе стане уште поскапо: оттогаш Бугарите и Романците ќе добијат пристап и до социјалната помош.

„Политиката на ЕУ се води на сметка на локалните заедници кои се погодени од проблемот со доселениците. Во моментов Дуизбург се соочува со дополнителни трошоци од 15 милиони евра, кои следната година ќе дојдат за наплата. Исплатите на кои доселениците имаат право во целост паѓаат на товар на општината. Град како Дуизбург не може да одвои 15 милиони“, вели Филингс.

Апел за помош од државата

Duisburg Marxloh Roma

Зграда со сиромашни доселеници во Дуизбург

Повикот за помош од Дуизбург не е единствен. Се’ повеќе градови се на работ. Поради хронично празните каси алармот го вклучи и надлежниот покраински министер.

„Бараме итна помош од државата за погодените општини која би се финансирала од државни и од фондовите на ЕУ. Понатаму, бараме поголем притисок врз земјите од кои што доаѓаат сиромашните бегалци таму да создадат услови за развој кои ќе им овозможат на луѓето да останат во своите земји“, порача неодамна Гунтрам Шнајдер, министер за труд, интеграција и социјала на Северна Рајна Вестфалија од редовите на СПД.

Но засега нема повеќе пари. Ниту за советувалиштата на агенциите за вработување кои се прва станица на Ромите. Во разговорите со доселениците веднаш станува јасно: Германија е и останува ветената земја.

„Имам семејство со две деца и жена. Мојот син беше постојано дискриминиран во училиште. Тогаш ми дојде преку глава. Цел ден размислував за овие проблеми во Бугарија, затоа што доживеав многу дискриминација. Потоа дојдов во Германија, затоа што во Германија постои голема култура, почитување меѓу луѓето и меѓусебна помош“, вели 36 годишниот Славејко Христов, доселеник од Бугарија.

За старите жители на Дуизбург како Бербел Нелке сето тоа е тешко разбирливо. Тие ја губат надежта дека ќе биде подобро.

А Романците и Бугарите? Тие и натаму доаѓаат, иако во градови како Дуизбург никој не знае што да прави со сиромашните бегалци.