1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците купуваат недвижности во Хрватска

Андреа Јунг-Грим
16 јули 2022

Куќичка на море – овој сон си го остваруваат сѐ поголем број Германци на Јадранскиот брег. Некои градат или купуваат за себе, за поминување на летниот одмор. Некои пак за изнајмување на туристи.

https://p.dw.com/p/4DWox
Kroatien | Istrien
Полуостровот Истра во ХрватскаФотографија: Rainer Hackenberg/picture alliance

Јенс и неговото семејство си оствариле еден сон: убава куќа со базен и поглед на море на хрватскиот полуостров Истра. Целиот потфат започнал пред неколку години, кога семесјтвото од германската покраина Баден Виртемберг првпат дошло на одмор во Хрватска .Германците веднаш биле одушевени од Истра,  „хрватската Тоскана“ – и побарале сместувалиште. Но, за поголемо семејство не било лесно да се најде убава голема куќа за изнајмување. Ни малку едноставно, а ниту евтино.

Затоа Јенс и семејството направиле сметка и решиле дека е поевтино да си купат куќа. Меѓутоа, и тоа не било непролематично, било тешко да се најде соодветен објект. Оттаму се родила идејата за сопствена изградба. „Беше полесно отколку што си мислевме“, раскажува 53-годишниот Јенс. Цената на градежните материјали била отприлика на германско ниво, но цената на работната сила е многу поповолна. Така, изградбата на куќата на Германците била завршена уште лани, годинава за првпат ќе примат туристи.

Од приходите од изнајмувањето ќе го отплатат кредитот добиен од една германска банка.

За опцијата „градење наместо изнајмување“ се одлучил и 55-годишниот Оливер од Баварија. И тој повеќепати со семејството летувал во Хрватска. „Беше повеќе случајност. На враќање од Италија поминавме низ Истра и видовме убави градови, бистра вода и чисти плажи. Тоа веднаш ме освои“, раскажува тој.

Потоа семејството неколку години летувало во Истра, сѐ додека не дошло до идеја да купи куќа.

И Оливер, како и Јенс, не можел да најде ништо соодветно, но пред неколку години открил еден убав и голем плац. Иако првично сакал да изгради нешто за свои потреби, се решил да го купи големиот плац со поглед на море и да подигне голема куќа. Покрај неговиот простран стан, во куќата има уште три други апартмани кои ги изнајмува на туристи. За да ги финансира градежните трошоци, Оливер основал фирма во Хрватска, која во меѓувреме соработува со неговото германско претпријатие. 

Изнајмувањето се исплатува, потврдува тој, но додава: „Без базен во Хрватска е релативно тешко, зашто понудата е многу голема.“

И навистина, речиси на секој агол никнуваат нови и често луксузни градби, речиси секогаш со базен, без оглед на растечките градежни цени.

„Базен во меѓувреме е предуслов ако сакате да остварите повисоки приходи“, вели Оливер.

Kroatien Ferienhäuser Deutschland Tourismus
Насекаде низ Хрватска никнуваат нови објекти, многу од нив припаѓаат на странциФотографија: Thomas Grimm

Најголемиот број странски купувачи се Германци

Јенс и Оливер се само двајца од илјадниците Германци кои во меѓувреме поседуваат недвижности во Хрватска, трендот е нагорен. Според податоците објавени неодамна од хрватската Служба за финансии, во 2021 година биле продадени вкупно 9514 недвижности на странци, што е педесет прценти повеќе од претходната година. Најголем број купувачи се Германци, следат Австријци и Словенци. Кај германските купувачи зголемувањето изнесува дури 70 проценти во однос на претходната година.

Многу станови и куќи се купени за сопствени потреби, но сѐ почесто се гради и за инвестирање. Изнајмувањето во Хрватска е лукративен бизнис, туризмот цвета, станарините растат, а изнајмувачите се релативно поволно оданочени. И данокот на имот за викенд куќи и станови е речиси симболичен.

Познатото мото на агенциите за продажба и изнајмување недвижности: „положба, положба и положба“ важи и за странските купувачи во Хрватска. Затоа најрадо купуваат на брегот, во овој регион повеќе од една четвртина од купувачите не се Хрвати. Тоа посебно важи за областите кои се лесно достапни со автомобил од Германија или Австрија, значи Истра (40 проценти) и северниот брег околу пристанишниот град Ријека (30 проценти).

Хрватска: Бегство од масовниот туризам

Зголемната побарувачка од странство, се разбира влијае и врз цените на недвижностите во Хрватска: на брегот тие лани биле за 11,7 проценти повисоки од претходната година. За домашните, на кои во овие области им треба стан, во меѓувреме се отвора сѐ поголем проблем.

„Овде нема корупција“

Оливер и Јенс, кои граделе наместо да купат, спаѓаат сепак во малцинство. Најголем број Германци не се впуштаат во таква авантура, туку купуваат готова куќа или стан. Дали се двоумел околу градењето во странство? Оливер одмавнува со глава: не, прво добро се ориентирал и се информирал. На пример, се стекнал со доверба во хрватска градежна фирма откако видел и се восхитил од дел од објектите кои ги има изградено.

„Кога гледам каков занаетчиски и професионален квалитет нудат овде, тоа многу ме изненади. Секако, имав дилеми поради јазикот, договорите и како се одвиваат овде работите во целина,“ вели Оливер.

Зашто, Хрватска важи за една од најкорумпираните земји во ЕУ. На индексот за корупција на Транспаренси интернешнл Хрватска зазема 63 место од вкупно 180 истражувани земји, далеку зад Германија која е на десетто место. Но, Оливер не дошол во допир со корупција: „Не, овде немаше воопшто такво нешто“, вели тој.

Значи, тој сега поседува недвижност во Хрватска и со години летува во земјата. Дали во меѓувреме зборува хрватски? „Не толку добро. Проблем е што овде речиси сите зборуваат германски или англиски. Кај помладите англискиот е пораспространет, но кај постарите, од кои очигледно голем дел некогаш работеле во Германија или Австрија, често најдобро можеш да се разбереш на германски јазик.“