Германско-француски пролетни чувства | Свет | DW | 22.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германско-француски пролетни чувства

По 56 години Германците и Французите го обновуваат своето партнерство. Новиот „Договор од Ахен“ не е само политички фолклор. Тој би можел да предизвика нов европски полет, оценува Кристијан Трипе.

Во воздухот лебди здив на кич кога една двојка која старее го обновува својот брачен завет. Кога сака да ги надмине фазите на рамнодушност и кризи за со еден симболичен акт да го обнови партнерството. Кај државите не е ништо поинаку. Шампањското кое со драго срце се дели во вакви пригоди брзо удира во главата, но неговото дејство исто така брзо исчезнува.

Сега Германија и Франција во Ахен наздравуваат за обновувањето на своето партнерство. И, тоа е повеќе од чиста нарцисоидност. Една од главните насоки на германската надворешна политика отсекогаш била - Сојузната република никогаш да не се најде во состојба да мора да одлучува помеѓу САД и Франција. Овој постулат редовно се провлекува низ сите коалиции и кабинети уште од 1949 година, а продолжи да важи и по 1990 година, кога обединета Германија повторно си ја врати својата сувереност. Но сега се чини како тасот на вагата јасно да натежнува на една страна - онаа на Франција.

Разместување на сојузништвата

Тоа не е одлука која е донесена свесно, барем не од страна на Берлин. Но, тежината во текот на изминатите две години драстично се прераспредели. Трансатлантството сѐ уште не е во урнатини, но сепак, благодарение на Доналд Трамп, е акутно загрозено од уривање.

Deutsche Welle Dr. Christian F. Trippe TV Berlin (DW/B. Geilert)

Кристијан Трипе

Зашто, колку помалку политички капитал САД вложуваат за негување на своите алијанси, толку повеќе кај разочараните партнери се зголемува отуѓувањето, почнувајќи со разместување на сојузништвата.

Елисејскиот договор, кој сега е обновен во Ахен, во суштина беше договор за помирување помеѓу земји кои во период од 75 години една против друга водеа три катастрофални војни. Германците на Елисејскиот договор набрзина му додадоа Преамбула во која се истакнува значењето на трансатлантските односи. Во случајот на Договорот од Ахен такво нешто не се случи. Тој го потврдува постигнатото, но содржи и невообичаено многу делови за заедничко политичко делување, проекти на воена соработка, соработка на меѓународното трговско поле, соработка на институции и во Советот за безбедност на ОН.

Малку несфатлива е формулацијата во Членот 4 од новиот договор. Во него Германците и Французите го потврдуваат обврзувањето за воена поддршка на НАТО, што би било сосема непотребно доколку е нешто што е само по себе разбирливо. Но, откако актуелниот американски претседател си поигрува со размислата за напуштање на воената алијанса, на тест е ставена секоја сојузничка политичка извесност.

Прашањето кое ѝ лежи на срце на Франција

Германците и Французите оценуваат дека нивните „одбранбено-политички цели и стратегии се сѐ поблиски“. Во Париз и Берлин одамна во мали кругови се размислува за тоа дали и како Франција би можела да го внесе во германско-француското партнерство својот нуклеарен потенцијал. На Германците не им е лесно да размислуваат на таков стратешки начин.

Меѓутоа, за Франција она што сега се случува во Ахен е нешто што ѝ лежи на срце. Никогаш досега во француската историја немало влада кој била толку фиксирана на партнерство со Германија. Доколку претседателот Емануел Макрон не успее, а со него пропадне и германско-францускиот проект, тогаш ќе пропадне и Европската унија. Во таков случај добри шанси да станат претседатели би имале левичарскиот популист Жан-Лук Меланшон и деснорадикалната Марин Ле Пен. Двајцата се исклучително националистички настроени и непријателски поставени кон Германија.

Политички притиснатата германска канцеларка долго чекаше пред да го даде својот одговор на европската политчка иницијатива на Макрон, што доведе до незадоволство во Париз. Сега Ангела Меркел дава одговор во Договорот од Ахен. Ако овој договор биде спроведен, тогаш Германците и Французите ќе направат огромен чекор напред во европско-политичка смисла. Тоа ќе биде нешто како втора политичка пролет. Зошто на Париз и Берлин не би им успеало она што го може по некоја брачна двојка во години?

DW.COM

Реклама