Германско-полските односи во слободен пад | Свет | DW | 12.01.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германско-полските односи во слободен пад

Остри обвинувања во медиумите, амбасадорот повикан на разговор: германско-полските односи се во слободен пад. Но, преедноставно е за сето тоа да се обвинува само едната страна, смета Бартош Дудек.

Парадокс: Полска и Германија имаат намера во јуни да одбележат 25 години добрососедски односи. Пред четврт век слободна Полска и обединета Германија склучија Договор за пријателство. Тоа беше епохален настан, споредлив со Елисејскиот договор, кој три денецении претходно му стави конечен крај на „смртното непријателство“ на Германија и Франција. Сега, во јубилејната година, и само два месеца по преземањето на власта во Полска од страна на национал-конзервативната партија ПиС, германско-полските односи се во слободен пад.

Меѓутоа, секој кој смета дека за тоа е виновна само партијата на Јарослав Качински, тој на работите гледа преедноставно. Зашто, во основа оправданата критика од страна на германските и на ЕУ-политичарите со германско потекло во врска со вознемирувачкиот развој на ситуацијата во Полска, во многу случаи сведочи едноставно за игноранција и непознавање на работите. Користењето на прекорни, па дури и воинствени поими, како „ставање под надзор“ или „казнени мерки“, во врска со земја која минатиот век под германски „надзор“ даде милиони жртви, буди најлоши асоцијации не само кај германофобните гласачи на ПиС. Затоа би било добро кога германските политчари во Берлин или во Брисел би се задржале на фактите и кога внимателно би ги одмерувале своите зборови. Или уште подобро - кога критичките обвинувања би им ги препуштиле на своите колеги од другите ЕУ-земји. Оној кој го познава гордиот полски народ, знае дека заканите од германска уста се апсолутно контрапродуктивни и може сѐ да направат само полошо.

Dudek Bartosz Kommentarbild App

Бартош Дудек

Последици и за ЕУ

Зашто, цената за вистинските или препоставените излегувања од колосек (на двете страни) е голема. На коцка се многу работи. Германско-полските односи имаат значење кое ги надминува границите на нормални односи меѓу соседи. Тоа е еден од носечките столбови на ЕУ, нежна билка за чиј раст е неопходно многу трпение и разбирање. Без заемна доверба и имање чувство за другиот, оваа билка нема да остане здрава.

Би било парадоксално, а истовремено и трагично, ако со криза во овие односи би се продлабочиле и онака големите проблеми на Европската унија. Задача на политиката, но и на цивилните општества во двете земји, е тоа да се избегне и да се спречи слободен пад. Така, 25. годишнина од Договорот за пријателство, документот со епохално значење, би можела да се дочека во пријателство, а не на ледена дистанца.

Реклама