Германското стопанство загрижено за Турција | Економија | DW | 02.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германското стопанство загрижено за Турција

Германија и Турција се важни трговски партнери. Околу 6000 германски претпријатија се ангажирани во Турција. Новиот политички развој во Анкара би можел да го помати партнерството.

По неуспешниот пуч, курсот на акциите во Турција потона, вредноста на домашната валута- лирата стмоглаво паѓа. Рејтинг агенцијата Стандард и Пурс ја намали оценката за кредитоспособноста на земјата од „ББ+“ на „ББ“. Веќе и претходната оценка беше во таканареченото „ѓубре“ подрачје. Од обидот за државен удар, политичката ситуација се поларизира, ја образложи одлуката Стандард и Пурс. На земјата, според рејтинг-агенцијата, ѝ претстои подолга фаза на политичка несигурност. Тоа би требало да го оптовари дотокот на кампитал од странство. Ова би можело да има катастрофални последици за Турција, со оглед дека земјата во забрзан развој со години остварува дефицит во тековниот биланс и е упатена на доток на капитал.

Обидот за пуч и чистките кои ги спроведува по него претседателот Ердоган им задаваат грижи на претставниците на германското стопанство. „Тоа се одразува непосредно врз бизнисите на германската економија во Турција“ предупредува Ерик Швајцер, претседател на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК)

Двете земји одржуваат тесни трговски врски. Во 2015 година билатералниот трговски волумен изнесуваше преку 36 милијарди евра. Турција извезе стоки во вредност од 14 милијарди евра во Германија а од своја страна купи германски производи во вредност од 22,4 милијарди евра. Со тоа Турција се најде на 14 место на најважните германски извозни пазари. Околу 60 проценти од германскиот извоз таму отпаѓа на машиноградбата како и на автомобилската и на хемиската бранша.

Важен пазар

Пред сѐ за автомобилскиот сектор Турција е важен трговски партнер и земја на производство. Сите автопроизводители кои важат нешто во браншата се претставени во евроазиската земја и од своја страна придонесуваат за извозот на Турција. Така на пример само фабриката во Бурса на Бош, најголемата компанија испорачувач за автомобилската индустрија, придонесува со 1,5 проценти во извозот на Турција. Во изминатите две години извозот на Бош изнесуваше половина милијарда евра.

Претставниците на автомобилската индустрија и на машиноградбата сега стравуваат дека нивните идни бизниси во Турција се загрозени. За германската автоиндустрија сега е најважно „во земјата повторно да се врати политичка стабилност и со тоа да постојат услови за планирање во претпријатијата. Истото важи и за правната држава“, соопшти Здружението на автомобилската индустрија (ВДА). Германските претпријатија за машиноградба додуша ја завршија со исполнети книги со нарачки, но „последните политички случувања, меѓу нив брегзит и обидот за пуч во Турција, предупредуваат на претпазливост“, вели Ралф Вихерт, главен економист на Здружението на германските машиноградители (ВДМ). Можните инвестиции во Турција сега ќе бидат „особени критички проверувани', се вели во соопштението на здружението издадено непосредно по обидот за пуч.

Сѐ очекуваат помалку директни инвестиции

Претпазливи не се само машиноградителите туку и целокупната германска индустрија е воздржана околу нови инвестиции во земјата на Босфорот. 85 проценти сметаат со значително намалување на директните вложувања како последица на политичката состојба, покажува една анкета спроведена меѓу менаџерите на германските претпријатија. Само четири проценти сметаат дека бизнисите на германските фирми на лице место нема да бидат погодени од најновите настани.

Во изминатата година германските директни инвестиции во Турција достигнаа околу 9,2 милијарди евра. 1,2 милијарди евра повеќе од претходната година. Во моментов таму има околу 6000 германски претпријатија или фирми со германски удел во капиталот.

Од почетокот на новиот милениум, Турција благодарение на политичката стабилност бележеше стапки на економски раст до 10 проценти и привлекуваше странски инвестиции. На тоа сега барем привремено му дојде крајот. Поради серијата терористички напади, туристичката бранша на Турција која чини десет проценти од Брутодомашниот производ на земјата, е падната на колена. Според податоците на германското здружение за туристички патувања, бројот на германски туристи, инаку најважната група посетители на Турција, годинава се намалил за цели 35 проценти. Турската централна банка сепак очекува економски раст од 3,5 проценти.

DW.COM

Реклама