Германското претседателство и македонските преговори со ЕУ | Северна Македонија | DW | 03.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германското претседателство и македонските преговори со ЕУ

Би можеле да кажеме дека европскиот распоред на претседателство со Унијата е на наша страна. Сега ни е потребна внатрешна европеизација. Пишува Ивор Мицковски.

На 1 јули започна шестмесечното германско претседателство со Унијата предводено од Ангела Меркел, зајакното од повторното воспоставување на франко-германската локомотива и поткрепено од уште две жени, блиски соработнички на Меркел, кои ги водат клучните европски институции како Европската комисија и Европската централна банка, односно Урсула фон дер Лајен и Кристин Лагард.

По некоја случајност или не, на истиот ден Европската комисија ја претстави нацрт преговарачката рамка за Северна Mакедонија и Албанија. Во следните две седмици документот ќе се разгледува од земјите членки на ЕУ, кои треба да ја одобрат финалната верзија, според која ќе се водат македонските преговори за членство во Унијата.

Германското претседателство се најавува како најамбицизно во поновата историја на ЕУ. Пред пандемијата амбициите на германското претседателство беа ограничени на идејата да и’ се даде потпора и поддршка на претседателката Фон дер Лајен. Денес пак, се’ тоа е променето и исполнето со автентична историска тежина која излегува од реторичките и семантички еклибризми посеани со празни и недостижни ветувања. Денеска германскиот и европскиот печат говорат за предизвици кои се судбоносни, за вистинска „промена на парадигмите“, за една Европа која издава заеднички долг и која подарува пари, како некогаш толку стравуваната и дистописка „Трансфер-Унија“. Би можеле да кажеме дека германската политика и нејзиното водство на Унијата влегуваат во својата „хегелијанска“ фаза, односно, дека денес сме во фазата на противречност кон старите принципи, но дека набрзо ќе треба да дојдеме и до некаква синтеза.

Епизодни промени или историска еволуција, прашање е сега

Никаде не пишува дека солидарниот и политички обединувачки одговор на пандемијата ќе претставува трајна и одржлива еволуција на европската политика. Би можело се’ да сведе на еден „исклучителен одговор во исклучителни времиња“, но, воедно можеби е на повидок еден институционален подем на Унијата, каде од сега па натаму повеќе од интересите на европските држави, акцентот ќе биде ставен на интересите на европските граѓани. Од расчистувањето на оваа дубиоза - дали Европа ќе продолжи да игра епизодни промени, или пак ќе се нафати со историска еволуција – ќе зависи и иднината на Европа.

Тука лежи и една порака за сите земји членки на Унијата, или пак аспиранти членки, дека во оваа политичка промена на Унијата, многу ќе зависи од германското водство, но и дека Германија не може се сама и дека сите земји, од најмалите до најголемите, ќе мораат да го дадат својот позитивен и политички влог во зајакнување и подобрување на самите себе, а со тоа и на целата Европска Унија.

Предизвиците со кои Европа се соочува се повеќебројни и повеќеслојни. Околу новиот план за економско опоравување на Унијата, пакетот Next Generation EU, одлуката околу Recovery Fund ќе мора да пристигне набрзо, на една од следните средби, која овојпат би се одржала и со физичко присуство на шефовите на државите и владите од ЕУ. Веројатно тешко би се дошло до согласност меѓу сите на следниот Европски совет закажан за 17-18 јули во Брисел, но многумина притискаат да се дојде до брза одлука. Од оваа одлука потоа ќе зависи повеќегодишниот буџет на Европската Унија и со тоа можноста што побрзо да се искористат средствата за соочување и излез од силната и асиметрична криза која ги погоди земјите од Унијата. Главната пречка е да се пронајде консензус меѓу 27-те членки, односно помеѓу земјите кои се на иста линија со Комисијата и оние како „штедливите“, кои бараат ревизија, не само во поглед на широчината и големината на фондот, туку и во условите и методите на кои тој би се финансирал.

Затоа, основниот приоритет е економското опоравување. Берлин ќе мора да посредува меѓу различните позиции и да понуди реформи од долг здив, кои би се однесувале на економскиот governance, на улогата на Централната банка, но и на фискалниот капацитет на Унијата. На долги патеки, во прашање е преживувањето на симболот на европската унификација, односно, Еврозоната и заедничката валута.

Потоа, тука се политичките и геополитичките проблематики. Германија мора да ја дефинира и трасира улогата на Европа во меѓународното постпандемиско сценарио. Тоа значи Берлин да ја искристализира регионалната и глобална проекција на ЕУ, односно, да одлучи како ќе ја позиционира ЕУ во однос на трговската и политичка борба помеѓу САД и Кина, но и како да се вклучи во безбедносните, политичките и економските динамики во Медитеранот и Блискиот Исток.

Ништо помалку важни се и претстојните пост-Брегзит преговори со Велика Британија, каде треба да се биде во потрага по најдобар можен договор, имајќи предвид и подготвувајќи се и за едно „no deal" сценарио.

Конечно, Берлин ќе ги дефинира идните чекори поврзани со интеграциската агенда за Западен Балкан, почнувајќи од заклучување на пристапните преговори на Белград и Подгорица и конечно отворање на новите преговори со Тирана и Скопје.

Големите поддржувачи на проширувањето

И токму на ова поле и имајќи го предвид новото политичко лидерство на Германија, легитимно е да се запрашаме колку и како тоа ќе влијае на македонските аспирации за отворање на преговорите со ЕУ?! Би можеле да кажеме дека европскиот распоред на претседателство со Унијата е на наша страна. После хрватското претседателство, каде добивме одлука за старт на пристапните преговори, се надоврзува германското, земја која знаеме дека е голем поддржувач на евроатлантските интеграции на земјата.

Некои наши експерти и истражувачи кои се бават со европската проблематика сметаат дека тоа ќе одигра важна одлука, но и дека по Германија, следуваат земји кои се големи поддржувачи на проширувањето. Според Стефан Ристовски, истражувач од ЕПИ, подготовката на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија и пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан е дел од програмата на германското претседателство. „Важно е што и Стратешката агенда на триото земји членки кои претседаваат со Советот на ЕУ во наредните 18 месеци има за цел да  продолжи со процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Дополнително, државите кои ќе претседаваат во овој период, Германија, Португалија (јануари-јуни 2021) и Словенија (јули-декември 2021), се поддржувачи на процесот на проширување на Европската унија", смета Ристовски.

Германија веќе најави дека ќе направи се’ за позитивни исчекори на двете земји до крајот на годината, и во следните две седмици документот ќе се разгледува од земјите членки на ЕУ, кои треба да ја одобрат финалната верзија според која ќе се водат македонските преговори за членство во Унијата. Откако сите членки на ЕУ ќе се согласат со текстот на преговарачката рамка, претседателство со Советот на ЕУ ќе ја претстави таа усогласена позиција на Унијата на првата меѓувладина конференција, со што ќе се означи и формалниот почеток на преговарачкиот процес.

Други колумни од авторот:

„Make Europe great again“

Европската унија пишува историја

Дали вирусот го убива национализмот?!

Според политичкиот аналитичар и консултант Љупчо Петковски, за германското претседателство – ако судиме по официјалните приоритети - проширувањето сепак не е излистано во главните приоритети. „Сепак, не смееме да заборавиме дека Германија е најголемиот пријател на проширување базирано врз јасна условеност. Балканот е дел од нејзиниот индустриски простор, во интерес на Германија е ЕУ да се заокружи. Тешко е да се очекува, сепак, дека првата меѓувладина конференција, која го симболизира почетокот на преговорите, би се случила годинава. Пореално е дека ќе биде следната година. Коронавирус-кризата очигледно ги помати преоптимистичките математики“, смета Петковски.

Има ли преговарачка структура?

Како и да е, тоа што следно и клучно е Македонија да ја подготви својата преговарачка рамка, и да изготви патоказ за отворање на поглавјата според новата европска методологија која беше наметната од страна на Франција. Само за потсетување, тоа значи дека Македонија нема како порано да отвора и затвора преку 30 поглавја, туку ќе мора да одговори на пошироки кластери, конкретно 6, кои според ЕК, би гарантирале побрз, подинамичен и потранспарентен процес, но и кој би бил реверзибилен, доколку земјата покаже демократско и реформско уназадување во процесот. Пример, првиот кластер – Основни вредности, ги опфаќа клучните реформски области од Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права, Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност, економските критериуми, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, Поглавјето 5 – јавни набавки, Поглавјето 18 – статистика и Поглавјето 32 – финансиска контрола.

Премиерот Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров сметаат дека преговарачките тимови се подготвени да ги почнат и во најкус период да ги спроведат преговорите за членство на земјава во Европската унија. Но, некои аналитичари кои сакаа да останат анонимни во оваа фаза се на ставот дека во Македонија се’ уште нема целосна и адаптирана преговарачка структура која би одговарала на новата методологија. „Мораме да имаме конечна, јавно објавена преговарачка структура во која ќе знаеме кој/а што прави. Таа сега не е детализирана. Кои се предводниците на преговарачките тимови? Каде е граѓанското општество? Каде се останатите чинители: медиуми, бизнис, научна академија? Делува како таа структура да постои – за да не постои“, е ставот на некои аналитичари.

Проблемите со Софија

Останува отворено и прашањето како на процесот ќе влијаат веќе проблематичните односи со Софија и покрај договорот за добрососедство, особено откако бевме сведоци на враќањето на македонскиот јазик во документите на Унијата, без никакви дополнителни објаснувања или фусноти. Според Петковски, дел од нашите политички елити прогласија победа и „цементирање“ на македонскиот идентитет со усвојувањето на предлог Преговарачката рамка од страна на ЕК. „Тоа е разбирливо за предизборен период. Сепак, станува збор за предлог подготвен од ЕК, која е најголем пријател на проширувањето. Наивно е да се верува дека државите членки, вклучувајќи ја и Бугарија, нема да ја искористат шансата во документот да инкорпорираат свои интереси. Знаеме кои се најавените позиции на Бугарија – нивниот Парламент усвои за нас контроверзни документи во врска со интерпретирањето на историските прашања кои се дел од Договорот за пријателство од 2017 година. Сепак, Бугарија нема да може да ги истурка сите свои интереси и Германците е за очекување да бидат гарант нивните барања да бидат разумни, со цел да не направат штета на политичката клима во двете држави“, смета Петковски.

Покрај соседските политики, техничките критериуми кои ќе треба да бидат задоволени, како и реформската агенда, особено на полето на владеење на правото, корупцијата и јакнење на институциите, голем дел од процесот ќе зависи од политичките околности во Македонија. Се разбира дека Европа под водство на Меркел нема никаква желба да види враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт и на нивните контрадикторни политики. Но, за Германија да ни помогне во процесот на интеграција во ЕУ, очекува да види конкретни резултати и реформи на домашно поле, и не случајно официјален Берлин постојано става акцент на важноста што ќе ја има продолжувањето на реформите и јакнењето на владеењето на правото.

Македонија на тоа поле е половична, и голем дел од ветувањата кои беа дадени во екот на падот на режимот останаа незадоволени, не само според стандардите на ЕУ, туку најважно од се’ - според стандардите на мнозинството македонски граѓани. Во Македонија и понатаму постои еден паралелен систем во однос на вредностите и реформите кои би требало да не внесат во ЕУ. Се’ уште имаме високо усовршен систем на криминал, корупција и клиентелизам, од кои преживува речиси целата политичка елита. Провладиното влијание врз медиумите и невладините иако повеќе не е капиларно како во времето на Груевски, и потанаму останува ендемско и латентно, додека контролата врз судовите говори за една изопачена колузија меѓу власта и остатоците од режимот.

Потребни се визионери

Според Петровски тоа може да биде голем хендикеп во и онака долгиот и макотрпен пристапен процес. Тој смета дека во недостиг на политички елити што би имале визија подалечна од „купи ден“ политиката, целиот процес на пристапување се фетишизира.

„Поточно, дел од јавноста го фетишизира, а другиот, циничниот дел, ја губи довербата во него. Мора да се отарасиме од фасцинацијата дека преговорите ќе бидат магично стапче (ала Заев наративот дека треба некој со камшик да не’ мава) и да се самоинфантилизираме. Луѓето треба да разберат дека преговорите не се замена за домашна политичка визија. Преговорите можат да бидат инструмент на таа визија. Таа визија ја нема, односно, никој досега не ја понудил. Затоа, како што стојат работите сега, можат да бидат само инструмент за замајување на јавноста и купување индулгенции од страна на неинвентивните и потпросечни политичари, заинтересирани за поделба на колачот“, смета Петковски.

За правилно да ги искористиме големите промени кои настапуваат во рамките на ЕУ, и на тој начин да се надеваме на побрз и политички потпомогнат процес на пристапување, мора и самите да бидеме дел од големи промени во нашата држава. Како што европската иднина се потпира на три столбови - економски, социјален и демократски – исто така и ние треба нашата внатрешна европеизација да ја базираме на истата основа.

Реклама