Германски топ десет
9 мај 20111. On the Floor - Jennifer Lopez feat. Pitbull
Jennifer Lopez повторно се врати во центарот на вниманието на јавноста, а со тоа и прашањето како успева и на 41 година да изгледа беспрекорно. Таа откри дека пред снимањето на видео-спотовите, шестпати неделно спортува. „Облеката може многу да покрие, но при снимањето на клиповите човек и нема многу облека на себе“, вели мајката на две близначиња.
2. Sweat - Snoop Dogg vs. David Guetta
Во последниве година-две David Guetta е човекот на кој треба да му се обратите, доколку сакате хит. По безбројните поп-пејачи, сега и дел од рап-сцената сака да соработува со славниот диџеј. Благодарение на стратешкиот потег, Snoop Dogg, по долго време, повторно се искачува меѓу врвните позиции во Германија.
3. Hollywood Hills - Sunrise Avenue
Составот од Финска пред неколку дена ја заврши турнејата во својата татковина, но тоа не значи дека нивниот календар со термини останува празен. Промотивните концерти продолжуваат по другите земји, а наесен почнува и нивната германска турнеја, во чии рамки ќе настапт во 15 градови.
4. S & M - Rihanna
Во музејот Метрополитен во Њујорк минатата недела Rihannna се појави во улога на манекенка. Таа имено прифати да носи една од креациите на починатиот моден дизајнер Alexander McQueen, на манифестацијата организарана во негова чест. Во Германија добро и оди и на официјалната сингловска листа, и неделава останувајќи меѓу петте најпродавани.
5. You and Me (In my Pocket) - Milow
Додека се` уште држат импресиите од кралската венчавка на принцот Вилијам и Keјт, Белгиецот Milow исто така се замисли како би било да стане крал на Белгија. Идејата дури и му се допаднала, но има еден проблем - се` уште се чувствува премногу млад за таква улога.
6. Night Like This - Caro Emerald
Со соул-албумот Deleted Scenes from the Cutting Room Floor, Caro Emerald преку ноќ стана позната во Холандија и во делови од Европа. Таа има завршено џез пеење и уште еднаш покажува дека кога е музичкиот бизнис во прашање, прашливата и веќе подзаборавена музика може се` уште да биде актуелна.
7. More - Usher
Минатата недела папараците го забележаа Usher на прошетка со неговиот син во Њујорк. И покрај обврските на супер-ѕвезда, пејачот се обидува да ја исполни својата улога како татко. „Животот знае да биде напорен, но децата секогаш ми ја враќаат силата“ изјави Usher.
8. Yeah 3X - Chris Brown
На 5. мај Chris Brown го прослави својот 22 роденден, и тоа не со една, туку со неколку забави една по друга, во Мајами и во Лас Вегас. Претходно тој мораше да го откаже концертот во Перт, Австралија, поради стомачен вирус. За фановите да му поверуваат, тој преку Твитер испрати фотографија, на која се гледа дека не му е добро.
9. Grenade - Bruno Mars
Bruno Mars неодамна ги повика посетителите на неговите концерти да престанат да фрлаат гранати-играчки на сцената. Откако излезе неговиот хит Grenade, тоа се повторува на секој концерт, вели Mars. „На почетокот беше интересно, но сега почнува да ме плаши“, додава пејачот.
10. E.T. - Katy Perry
Австралијанското издание на магазинот FHM ја прогласи 26-годишната Katy Perry за најсекси жена на светот. Пејачката сепак признава дека без шминка воопшто не изгледа толку привлечно. На германската сингловска листа бележи пад од една позиција.
Автор: Media Control GfK/Трајче Тосев
Редактор: Борис Георгиевски