Германски пратеници за бугарското вето: Критики за Софија и Вархеји | Северна Македонија | DW | 23.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германски пратеници за бугарското вето: Критики за Софија и Вархеји

Критики од германскиот парламент за последната бугарска блокада на проширувањето на ЕУ. Од владејачката ЦДУ и опозициските Либерали велат дека ветото е нов удар за веродостојноста на ЕУ.

Новото разочарување што на процесот на проширувањето на ЕУ во Луксембург му го приреди Бугарија не остана незабележано во Берлин. Од владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел жалат што Бугарија стави вето на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија „од внатрешнополитички причини“. Опозицијата упатува критики кон Софија, но и кон македонскиот претседател Стево Пендаровски и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Нам Западниот Балкан и натаму ни е високо на приоритетната листа. Битно ни е да имаме приближување и прием на земјите од Западниот Балкан во ЕУ“, вели за ДВ координаторката на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг Катја Лајкерт.
„Ние жалиме што од внатрешнополитички причини од страна на Бугарија се блокира почетокот на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија. Ние во ЦДУ-ЦСУ уште во септември 2019 се заложивме за почеток на преговорите и за жал тоа сега се блокира од земји-членки“, вели Лајкерт.

Dr. Katja Leikert
Dr. Katja Leikert
Dr. Katja Leikert - Stellvertretende Vorsitzende der CDU/CSU-Bundestagsfraktion im DW Interview

Жалиме што од внатрешнополитички причини од страна на Бугарија се блокира почетокот на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија, вели Катја Лајкерт


Северна Македонија и Албанија уште во јуни 2019 година добија зелено светло од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Но оттогаш, најпрво Франција, а потоа и Бугарија ставаат рампи на тој пат.
Според пратеничката на опозициските Либерали (ФДП) во Бундестагот, Рената Алт, новата блокада на Бугарија можела да се предвиди. Но „исто толку предвидливи“, вели таа, „се и последиците на ова вето врз веродостојноста на ЕУ."
„Изјавата на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски за барање алтернативи не испраќа добар сигнал. И изразената подготвеност на Бугарија за продолжување на дијалогот не е многу утешна."
„Тоа што ЕУ, и покрај своите недостатоци, не успеа да оствари компромис со бугарската страна, уште еднаш ја покажува нејзината ограничена способност да дејствува.

Bundestag Renata Alt FDP

Ветото ја покажува и ограничената способност на ЕУ, вели Рената Алт


Земјите-членки на ЕУ мораа подобро да ја искористат политичката криза во Бугарија, за да го зголемат притисокот врз земјата“, вели Алт за ДВ.
Пратеничката на опозициските Либерали, која е експерт за Балканот и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, не го поштедува од критики ниту еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тој, според неа, влечел потези во полза на бугарската влада.

„Наместо да ја убеди бугарската страна да се воздржи од инструментализирање на процесот на пристапување, комесарот за проширување на ЕУ, Вархеји, попушти. Со неговиот предлог Албанија да продолжи сама, Вархеји одигра во корист на бугарската влада. Сега е многу важна блиска координација со Австрија. Германската влада мора повеќе да се заложи и конечно да го отвори патот за меѓувладината конференција“, вели Рената Алт. 

 

DW.COM