Германски печат: Компромис за историските учебници | Северна Македонија | DW | 28.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германски печат: Компромис за историските учебници

Не стивнуваат реакциите и коментарите во печатот на германски јазик по историскиот договор меѓу Атина и Скопје. Се велича улогата на премиерите Ципрас и Заев, но се отвора и дилемата: што ќе прават идните влади?

Франкфуртер алгемајне цајтунг во редакцискиот коментар оценува дека „крајот на спорот за името меѓу Грција и нејзиниот северен сосед е добра вест“. 

„Бројните проблеми во Југоисточна Европа со тоа нема драстично да се намалат- но тоа е еден конфликт помалку во светот кој имаше потенцијал да стане уште поголем. За изнаоѓање на решението не беа потребни нови идеи, затоа што компромисот 'Северна Македонија' одамна се наоѓаше на масата. Решавачка беше политичката волја во Атина и Скопје. За првпат откако поранешната југословенска република прогласи независност во 1991 година, во двете земји на власт се политичари кои навистина сакаа да го решат проблемот и, што е исто толку важно, не се исплашија од бесот на националистите на обете страни. Со нивната настојчивост, Алексис Ципрас и Зоран Заев имаат заслуги не само за нивните земји, туку и за регионот. Останува надежта дека нивната работа нема да биде нарушена од некои идни влади“, пишува ФАЦ

Зиддојче цајтунг, исто така во редакциски коментар, излегува со кус наслов на оваа тема: „Храбро“ и прогнозира дека Ципрас со својата политика ќе влезе во историските читанки. 

„Речиси 30 години поминаа од падот на Берлинскиот ѕид и на Железната завеса. На Балканот промените донесоа серија на војни, и до денес мирот е кревок. Оттука, уште поважен е помирувачкиот ефект кој може да го донесе компромисот помеѓу Грција и Северна Македонија. И двете страни во иднина ќе мора да се потрудат да ја отстранат недовербата која произлегува од тврдењата дека некој некому му ја краде историјата или му го спори идентитетот.  Долготрајниот конфликт меѓу соседите беше пред сѐ храна за екстремистите. Пратениците на владејачката Сириза пред гласањето добиваа закани, полицајци беа хоспитализирани, сѐ „во име на нацијата“. Колку апсурдно. На Северна Македонија сега и е отворен патот во НАТО и ЕУ, а тоа и од корист на Грција. Конзервативната граѓанска опозиција не стори ништо за да ги придуши запалените 'патриотски чувства'. А најверојатно нејзиниот шеф, Кирјакос Мицотакис, уште и ќе профитира од Договорот против кој тој самиот гласаше. Сите анкети му даваат предност пред премиерот Алексис Ципрас, а изборите се очекуваат наесен. Ципрас можеби нема да загуби заради договорот, но и тој ќе игра улога. Со тоа, тој плаќа висока цена за својата храброст за компромис. Поради тоа неговото име ќе се најде во историските учебници“, заклучува Зиддојче цајтунг

И Ноје цирхер цајтунг во текстот под наслов „Против сите отпори“ пишува за политичкиот ризик кој го презел Ципрас за да го реши спорот. 

„Ципрас заедно со својот северномакедонски колега Зоран Заев го исполни својот дел - и покрај сиот отпор и неверојатно принципиелно. Тоа е едно големо достигнување кое му отвора на Балканот нови перспективи за стабилна иднина: Влезот на Северна Македонија во НАТО е само прашање на месеци, додека преговорите за влез во ЕУ ќе добијат нов залет. Европејците и Американците ќе им бидат благодарни на двајцата премиери, имајќи ја предвид и растечката геополитичка конкуренција во регионот од Русија и Кина. 
Со своето однесување Ципрас уште еднаш ја покажа и другата страна на својата политичка личност: онаа на играч кој многу ризикува. Затоа што внатрешнополитички, компромисот е експеримент со многу неизвесен крај - како во Атина, така и во Скопје. Распадот на владејачката коалиција значи нови избори наскоро. Шансите за победа за Ципрас се мали, иако тоа има повеќе врска со политиката на штедење одошто со спорот за името. Парадоксално оваа почетна позиција го помогна успехот на компромисот за името, затоа што ни конзервативната опозиција повеќе би сакала да го менаџира политички, отолку да наследи нерешен конфликт. На краток рок тоа ќе ѝ помогне да победи на изборите; иако тоа носи нова неизвесност во спроведувањето на компромисот. Но, и конзервативците ризикуваат со радикално националистички ставови да ги загубат гласачите од центарот. Оттука, на среден рок, картите на Ципрас не се лоши. Како гарант за прагматизам и умереност, тој останува и во иднина еден важен внатрешен и надворешнополитички фактор на моќ“, пишува Ноје цирхер цајтунг
 

DW.COM

Реклама