Германски печат: Европските лаги на Западен Балкан мора да завршат | Европа | DW | 07.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Германски печат: Европските лаги на Западен Балкан мора да завршат

„Проширувањето на Европската Унија мора да се запре! Европските лаги на Западен Балкан мора да завршат“, пишува, меѓу другото, германскиот печат по Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Словенија.

Весникот Велт пишува дека „и на овој самит на земјите на ЕУ и шесте земји од Западен Балкан беше исто како и секогаш - се спореше дали тие земји треба да сметаат на „европска перспектива“ или „на ветување за понатамошно проширување “. За разлика од минатите години, овој пат земјите од Западен Балкан добија неодредено ветување и многу топли зборови: „Задржете го курсот, не откажувајте се, продолжете така. Целта ни е пред очите“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. И уште додаде: „Ние сме европско семејство“. 

Авторот на текстот, сепак, го поставува прашањето: „Врз основа на што Грузија и Украина не се дел од тоа семејство" и „кој одредува што припаѓа кон европското семејство: географија, историја или политички калулации?" 

„Европејците темелно го зезнаа проширувањето“ 

Текстот, исто така, се потсетува на самитот во Солун во 2003 година, кога ЕУ даде „еуфорични ветувања“ за проширување, како од тогаш се водат напорни преговори со Србија и со Црна Гора и како Албанија и Северна Македонија „копнеат да започнат“ преговори. „А Косово, признато од само 22 од 27 -те земји на ЕУ, и Босна и Херцеговина, земја која се повеќе се поткопува од државата во држава - Република Српска со доминантно руско влијание - долго сонуваат за кандидатски статус“.

„Она што е сигурно е дека Европејците темелно го зезнаа проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан“, оценува Велт, додавајќи дека за тоа не е виновен само Брисел, туку и земјите кандидати. 

Во текстот, исто така, се поставува прашањето што направи ЕУ погрешно во однос на Западен Балкан. „Покрај ветувањето за пристапување, постои и технократско воспоставување на т.н Договорот за стабилизација и асоцијација, кој требаше поцврсто да го поврзе регионот со ЕУ. Тој нуди целосна програма на бриселската бирократија: годишен самит, Совет за асоцијација, Комитет за асоцијација, Парламентарна комисија и форуми за граѓанско општество. Вака треба да изгледаат совршените членови според т.н критериуми од Копенхаген, кои се придржуваат кон демократските принципи, институционално се воспоставени и економски целосно развиени“, пишува Велт, нагласувајќи дека истовремено се инвестирани многу малку пари во регионот. 

„Во маѓепсан круг" 

Весникот ја цитира и директорката на одделот за истражување на Берлинската фондација за наука и политика, Барбара Липерт, за проблемот на шесте балкански земји, која вели: „Тие се фатени во маѓепсан круг на лошо управување и економска и социјална беда“. 

Во текстот се посочува дека лошата економска состојба води кон емиграција и со тоа на соодветно губење на квалитетот. „Тоа создава растргнати општества со корумпирани структури, криминалот се прошири на највисоките нивоа на влада и полуавтократските лидери како Александар Вучиќ (Србија), Еди Рама (Албанија) и Мило Ѓукановиќ (Црна Гора). 

Slowenien l Westbalkan-Gipfel der EU in Brdo

Што направи ЕУ погрешно во однос на Западен Балкан?, анализираат германските медиуми.

„Срамота е", се нагласува во текстот, „дека ЕУ им се додворува на актерите како на српскиот претседател Вучиќ кој ја фали Кина, одржува воени маневри со Русија, има министер за надворешни работи што ги негува големосрпските фантазии, остро постапува против опозицијата во земјата и склучува економски договор со Евроазиската унија со која доминира Русија“. 

Исто така, се забележува дека јазот меѓу некои балкански земји е се уште длабок, дека недовербата е голема, а подготвеноста за соработка е просечна. „Би било важно овие шест земји конечно да воспостават регионален пазар, место да се потпираат на ЕУ за сите нивни проблеми. 

„Проширувањето генерално мора да запре“ 

Весникот Велт затоа заклучува: „Проширувањето на ЕУ мора генерално да се запре! На европските лаги за Западен Балкан мора да им дојде крајот. Место вештачки да одржуваат илузии за пристапување, Европејците треба да ја кажат вистината, за да не продолжат да ги разочаруваат тие луѓе и со тоа сукцесивно да го дестабилизираат регионот. Јасната порака мора да биде: нема да има полноправно членство. Во случајот со Западен Балкан, трошоците за интеграција би биле превисоки, така што во рамките на Унијата би довеле до борба околу распределбата на средствата и ќе продолжат да ја еродираат и онака кревката ЕУ.  Земјите од Западен Балкан мора да развијат силна волја за реформи и помирување, место да се занимаваат со химерите на идното пристапување“, заклучува Велт, додавајќи дека „е важно регионот да продолжи да се поддржува со износи кои се мерат во милијарди“. 

„Најавените 30 милијарди евра за следните седум години се чекор во вистинската насока. Постои опасност Кина, Русија и Турција да се рашират низ регионот на Западен Балкан, но тоа е маргинално. На Русија и недостигаат пари, а искуствата што земјите ги имаат со Кина се разочарувачки“, заклучува новинарот на весникот Велт. 

Во чекалната на ЕУ 

„Земјите од Западен Балкан не се само по своја вина заглавени во чекалната на Европската Унија“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ). „На крајот на краиштата, не се само недостигот на реформи и нерешените конфликти во регионот тие што доведоа до ќор-сокак во проширувањето на Унијата. „Барем исто толку важно е искуството од неодамнешните рунди на пристапување во ЕУ, што доведе до големо разочарување во Брисел и другите европски престолнини“, пишува германскиот весник, потсетувајќи на примерите на Полска и Унгарија, но и на Кипар, кој „увезе територијален конфликт“ во ЕУ.  

„Тоа е причината зошто во основа е правилно земјите како Франција да инсистираат прво да ја реформираат Европската Унија, пред да прифатат нови членки. „Не би било паметно да им се каже на балканските земји датум на пристапување, дури и да е тоа во 2030 година, бидејќи никој денес не знае во каква состојба ќе биде тогаш Европската Унија или Западен Балкан“, се нагласува во текстот. 

DW.COM