Германски пензии за нацистички колаборационисти | Свет | DW | 22.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германски пензии за нацистички колаборационисти

Белгиски парламентарци бараат од нивната влада ги запре исплатите на пензии на лица кои соработувале со нацистите во Втората светска војна. Белгиски, но и британски граѓани, сѐ уште добиваат пензии од Германија.

2. Weltkrieg Poster Belgische Waffen SS (picture-alliance/dpa/arkivi)

Постер од Втората светска војна на кој е прикажан белгиски припадник на СС

Белгиски и британски ветерани сѐ уште добиваат пензии од германската влада за соработката со нацистичка Германија за време на Втората светска војна. Група белгиски парламентарци деновиве поднесоа барање до белгиската влада да го расчисти овој проблем со официјален Берлин.

Конкретно во Белгија се работи за околу 30 лица кои имаат над 90 години. Тие добиваат редовна месечна дополнителна пензија од Германија во износ меѓу 425 и 1.275 евра. За разлика од нив, еден Белгиец кој завршил во концентрационен логор за време на војната, од Германија добива обесштетување од 50 евра месечно.

Каде е правдата?

Според белгиските парламентарци, меѓу поранешните нацисти-приматели на германски пензии има и британски државјани. Тие бараат од белгиската влада да „ја врати правдата - фискална, социјална и историска - на линија на историските и морални обврски преземени од основачите на Европа, вклучително од нашата земја и од Германија“.

Германската пратеничка од социјалистичката партија на Левицата, Ула Јелпке во повеќе наврати бараше од германската влада информации за пензиите поврзани со војната, но, особено владата на Ангела Меркел ги блокираше обидите да се сопрат исплатите.

„Неприфатливо е што нацистичките соработници добиваат пензии со децении, додека жртвите на нацизмот се борат за компензација“, вели Јелпке за ДВ.

За волја на вистината, во 1998 година Германија ги измени своите пензиски закони со член кој им оневозможува на воени злосторници или нивните вдовици да примаат пензии. Но Владата призна во 2014 година дека тоа било применето во само 99 случаи од вкупно 940 илјади луѓе кои примаат вакви пензии.

Според информациите на Јелпке, околу 10 илјади луѓе биле доброволци на СС-единиците, најмоќната паравоена формација во нацистичка Германија, која најчесто ги спроведувала геноцидните акции.
Владата тврди дека е тешко да се идентификуваат воени злосторници затоа што пензиските документи не вклучуваат информации за тоа што правеле пензионерите за време на војната.

Гледај видео 03:37

Зошто нацистите се преоблекувале како жени?

Правна дупка

Јелпке барала конкретни информации и за исплатите на белгиските колаборационисти, од кои повеќето, по указот на Адолф Хитлер во 1941 година, добиле германско државјанство поради тоа што им се приклучиле на СС-единиците.

Историчарот Мартин Гелниц од универзитетот „Јоханес Гутенберг“ во Мајнц, вели дека многу колаборационисти се протнале низ правна дупка бидејќи припадниците на СС во окупирана Европа биле под команда на германската армија, Вермахтот, за време на војната.

„Тоа значи дека тие не се воделе како припадници на НСДАП (нацистичката партија), туку како службеници на Германскиот Рајх. Оттука и некои роднини на припадници на СС ќе добиваат пензија“, вели Гелниц.

Историчарот се сомнева дека сега ситуацијата може да се промени: германскиот социјален систем делумно е базиран врз принципот дека таквите барања се сметаа за независни од кривични истраги. „Ќе биде проблематично и да се именуваат, затоа што не знаеме конкретно, на пример со Белгијците, дали навистина биле вмешани во воени злосторства. Секој поединечен случај мора да се провери. А владата ќе има проблем со тоа“, вели Гелниц.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама