Германски искуства и пари за посилна македонска економија | Економија | DW | 04.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Германски искуства и пари за посилна македонска економија

Среда со двојно значење за Македонија. НАТО во Брисел ќе го потпише Протоколот за членство на Македонија, во Берлин пак, прв оперативен состанок на македонско-германскиот управувачки комитет. Очекувањата се позитивни.

Првиот оперативен состанок на македонско германскиот управувачки економски комитет во Берлин ќе ги утврди конкретните контури на соработката но и поддршката која официјален Берлин ја најавува за Македонија. Вицепремиерот за економија во македонската Влада Кочо Анѓушев, како претседавач од македонска страна, во Берлин патува со конкретни идеи и проекти. Неговите очекувања, во пресрет на состанокот се позитивни:

„Јас патувам во среда во Берлин на прв оперативен состанок во делот на тоа да видиме кои се` проекти би можеле да дојдат во предвид, што е тоа што може да се развива во рамки на тој управувачки комитет, а веќе имаме и конкретни идеи. Детали за нив сепак не би сакал да изнесувам пред состанокот на кој очекуваме дел од нив да бидат прифатени и потврдени од двете страни. Сега имаме оперативен состанок на кој сакаме да расчистиме некои идеи, за да ни стане јасно на сите страни кои се потребите што се можностите и се да биде појасно. Официјалниот состанок на комитетот ќе биде во март во Берлин кога ќе бидат заклучени и некои поконкретни работи“, изјави за Дојче веле вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев.

Инфраструктурата во фокусот

Операционализацијата на македонско-германскиот управувачки комитет кој се формираше во ноември лани во Скопје, е од клучно значење за Македонија.  Иницијативата е на германската канцеларка Ангела Меркел:

„Со ова се покажува конкретна поддршка за македонската влада и целиот овој процес што се случува и се надеваме дека ќе го искористиме најдобро што е можно за да имаме бенефит и за двете страни", коментира Анѓушев.

Од германска страна, целиот процес ќе го менаџира сојузното министерство за економија. Инфраструктурата е фокус на соработката и поддршката која треба да пристигне од германска страна. Не само во делот на совети и пренесување искуства, туку и финансиска. Во целата стратегија, покрај германската оператива, се очекува значајна улога и од страна на германските финансиски институции :

„ Очекуваме пред се германските финансиски институции да застанат зад одредени инфраструктурни проекти во Македонија , но и да се зголеми соработката помеѓу економските компании во Технолошко индустриските развојни зони. Но уште повеќе и надвор од нив со германските компании и обратно. Исто така, германските компании да помогнат во реализирањето на инфраструктурните проекти кои се планираат во Република Маскедонија. Се разбира дека се очекува и поинтензивна соработка со германското стопансто, кое и онака е најголем партнер за македонската економија и таа е земја со која имаме сериозен суфицит во трговската размена пред се заради компонентите за автомобилски делови кои се произведуваат во Македонија а се продаваат во Германија и за тамошните фабрики за автомобили“, вели Анѓушев. 

Дуално образование за квалитетна работна сила

Дел од стратегијата веќе почна да се реализира како пилот проект во Македонија. Станува збор за системот на дуално образование, кој како германски модел, треба целосно да се преслика во Македонија:

„Дуалното образование е првиот проект што е номиниран преку заедничката комора на Западен Балкан кој што е формиран во рамките на Берлинскиот процес. Германската канцеларка Ангела Меркел веќе додели два ипол милиони евра за овој проект како грант и тука ќе почнеме прво со имплементирање на тоа. Како експериментален проект тој веќе почна да се спроведува во Охрид и Кавадарци како јавно приватно партнерство помеѓу стопанството и образованието финансирано и поттикнато од германската комора во Македонија и тоа практично фунционира. Тоа се пилот проекти, но ние се обидуваме таквата програма да ја прошириме на територијата на цела Македонија. Од септември ќе има помасоен одзив“, коментира Анѓушев. 

Дуалното образование е значајно од повеќе аспекти, но клучно е што треба да обезбеди логистика за странските но и домашните компании кои имаат производствени капацитети во Македонија. Работната сила, посебно квалификуаната, е потребна како леб во Македонија и затоа на целиот овој процес се гледа со исклучително внимание. Дополнително и по најавите на премиерот Зоран Заев за нови 14 инвестиции во земјата кои се очекуваат во периодот по ратификацијата на протоколите за членство на земјата во НАТО и отворањето на преговарачкиот процес со Европската унија. Во целиот овој процес активно е вклучена и Германската стопанска комора во Македонија. Освен дуалното образование, за германските инвеститори е многу значајна и сигурноста на инвестициите:

„Фокусот се разбира се и инвеститорите, заштитата на нивните интереси, подобрување на условите за нив, пресретнување и решавање на можните проблеми. Клучните пунктови се правната сигурност, независноста на судството. Тоа е најважно, како да ги подобриме и обезбедиме најповолни услови за инвеститорите, за нивните планови. Нѐ радува тоа што и кај двете страни има подготвеност и транспарентност“, изјави неодамна за Дојче веле Патрик Мартенс директор на Германската стопанска комора во Македонија.

Колку е значајна Германија за Македонија покажуваат статистичките податоци во делто за трговската размена. Лани, заклучно со ноември, таа достигна близу 3.4 милијарди евра. Германија не само што е главен трговски партнер на Македонија, туку и земја со која Македонија остварува суфицит во трговската размена. Веднаш зад Германија, интересно е Република Грција со која остваруваме размена од близу 800 милиони евра. Првата петорка ја заокружуваат Велика Британија, Србија и Бугарија.

 

Поврзана содржина

Реклама