Германските осамени мртовци | Информации и анализи за Германија | DW | 01.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германските осамени мртовци

Во германските поголеми градови сѐ повеќе луѓе се погребуваат без присуство на роднини. Ангажирани поединци се грижат за тоа најосамените мртовци во Германија да не бидат заборавени.

Никому не му недостасувал. Трупот на 46-годишен маж беше пронајден во неговиот стан во центарот на Гелзенкирхен дури по повеќе од осум месеци. Кога свештеното лице Зузана Ханусек раскажува за ова, во принцип нејзиниот енергичен и ѕвонилив глас станува потивок. „Многу сум растревожена поради тоа што често и соседите се несвесни или рамнодушни. Има сѐ повеќе луѓе кои незабележано исчезнуваат од нашето општетство. Тие не само што не добиле внимание по смртта, туку тоа им недостасувало и додека биле живи“, вели Ханусек за ДВ.

Погреб без пријатели и роднини

Зузана Ханусек го знае само името и адресата на овој осамен човек од Гелзенкирхен. Нема роднини, нема пријатели, нема познаници. Дури ни соседите немаат што да кажат за покојникот. Дотолку поважно за Ханусек е и тој да биде достоинствено испратен. Заедно со еден католички свештеник урната со пепел ја погребаа на градските гробишта во Гелзенкирхен во рамки на „општински погреб“. Зад овој бирократски поим честопати се кријат трагични судбини како на 46-годишникот од Гелзенкирхен. Се работи за погреби кои ги финансира општината, а погребалното претпријатие не го ангажираат роднини, туку градот. Нема статистика за ваков тип на погреби, вели Штефан Нојзер, генерален секретар на Сојузното здружение на германски погребални претпријатија за ДВ.

„Со оглед на тоа дека над 81% од погребалните претпријатија во земјата се наши членки, сепак имаме информација дека има сѐ повеќе општински погреби.“ Тоа особено важи за густо населените места. Таквиот развој паѓа особено в очи во Хамбург, вториот најголем град во Германија. Според статистиката на хамбуршките гробишта, бројот на општински погреби помеѓу 2007 и 2017 година е двојно зголемен (преку 1200 во изминатата година). Берлинските служби, на барање на ДВ, информираа дека и во главниот град бројот на такви погреби е во пораст, но ситуацијата е помалку драматична отколку во Хамбург. Слична тендеција има и во Келн.

Deutschland Grablichter auf einem Friedhof (picture-alliance/dpa/U. Baumgarten)

Општинските погреби се последица на изолација и сиромаштија

Изолација и сиромаштија

„Порастот на бројките, меѓу другото, се должи и на тоа што сѐ повеќе луѓе живеат до длабока старост, но честопати остануваат сами до смртта", вели Штефан Нојзер. Тој потсетува дека и финансиските прилики играат многу поголема улога отколку до пред 2004. година, кога задолжителното осигурување ги преземаше погребалните трошоци. Оние роднини кои имаат законска обврска за погребување на покојниот, а тоа е регулирано во секоја покраина поединечно, доколку се со мали примања, може да побараат од социјалните служби покривање на трошоците. Тоа тогаш се смета за социјален погреб, и не потпаѓа под општинската служба, вели Нојзер.

Повеќе: Тренд - погребување на диви гробишта по пониски цени

Второто е само случај кога во законски предвиден рок не се пријавуваат роднини или кога тие не се подготвени да организираат погребална церемонија. Општинските погреби се последица на изолација и сиромаштија, вели свештеното лице Зузана Ханусек. Сиромашните роднини понекогаш се срамат да бараат социјален погреб „бидејќи толку се големи условите што треба да се исполнат, што некогаш трае долго време додека да се проверат сите потврди за примања“.

Дали починатите кои се погребуваат „по службена должност“ ќе бидат анонимни, или пак ќе има барем плочка со име кое ќе потсетува на нив, е одлука која е препуштена на секоја општина одделно. Во Хамбург од средината на 2014 година има надгробни плочи за осамените мртовци, на кои се гравираат имињата и датумите на нивниот животен век.

За задушница свечено ги читаат нивните имиња во главната црква Свети Петар за да си припомнат на покојните. Погребалните друштва кои ги спроведуваат погребите по службена должност еднаш годишно организираат помени за осамените мртовци, вели Штефан Нојзер. Во Гелзенкирхен нивните имиња ги гравират во камени плочи, но трошоците не ги покрива општината, туку Иницијативата за камени плочи, чиј коосновач е Зузана Ханусек и која се финансира од донации.

Zuzanna Hanussek Pastorin (Privat)

За да ги приближи луѓето Зузана Ханусек во Гелзенкирхен го започнала проектот „Соседите им помагаат на соседите“

„Обрнувајте повеќе внимание на други луѓе“

Ангажирани поединци, како свештеното лице Ханусек, се грижат за тоа најосамените мртовци во Германија да не бидат заборавени. Во своите проповеди Ханусек и нејзините католички колеги најчесто немаат што многу да кажат за мртовците, бидејќи многу малку знаат за тоа како живееле.

„Во нашите богослужби апелираме повеќе да водиме грижа за други луѓе во околината во која живееме", вели Ханусек. Да се урнат ѕидините на изолацијата за воопштода не дојде до смрт во осаменост. За тоа секој можел да придонесе со наједноставни постапки, како на пример разговор со соседот.

За да ги приближи луѓето Ханусек во Гелзенкирхен го започнала проектот „Соседите им помагаат на соседите“.  

„Во првата фаза социјален работник редовно спроведува домашни посети, во следната соседите се поврзуваат. Кога тие ќе се сретнат неколку пати преку посредништво, вообичаено ги задржуваат релациите, но таа иницијатива не би ја преземале самостојно.“

Друг проект што го води е бесплатно кафуле во кое може да се сретнат двапати неделно луѓе кои заради финансиските неприлики инаку не би можеле да си дозволат посета на локални кафулиња. „Со овие нешта не можете да го спасите светот, но барем е обид да се извлечат луѓето од нивната самонаметната изолација.“

DW.COM

Реклама