Германските лекари протестираат голи | Свет | DW | 04.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германските лекари протестираат голи

Не ги налути само недостатокот на заштитна опрема. Иницијативата која ги собира лекарите од општа пракса смета дека тие немале можност да донесуваат одлуки во пандемијата. Затоа се соблекоа пред објективите.

На почетокот на кризата со коронавирусот во март во Германија беше одлучено пациентите со полесни инфекции на дишните патишта да не мораат повеќе да одат кај својот матичен општ лекар за да добијат боледување. Доволен е и телефонски разговор. Целта беше да се растоварат ординациите и да се спречи ширење на заразата. На средината на април беше планирано укинување на тие мерки.
„Еден петок, попладне, бевме информирани дека од понеделник ќе важат старите правила“, вели Ханес Бланкенфелд кој има ординација во Минхен. „Тоа многу не разлути. Кои се луѓето со лесни симптоми на инфекција на дишните патишта? Тоа се веројатно и пациентите заразени со коронавирусот“.
Тие не ги загрозуваат само хронично болните кои ги посетуваат ординациите. Лекарите се фрустрирани и поради недостатокот на заштитна опрема за време на пандемијата.


„Трошиме наша заштитна опрема за преглед на пациентите со лесни симптоми кои можеби не морале да дојдат кај лекар“, вели Бланкенфелд.

„Голи сомнежи“

Бланкенфелд припаѓа на групата лекари од општа пракса кои се поврзаа низ Германија. Сакаа да го искажат своето негодување. „Ни беше јасно дека ако само објавиме некое протестно писмо тоа нема да има доволен одек“.
Пример им е францускиот лекар Ален Коломбје кој позираше гол за фотографија во својата ординација и така го осуди недостатокот на заштитна опрема. Иницијативата „Голи сомнежи“ се роди по примерот на тој акт. Во своите ординации или домови, лекарите се фотографираат голи. Всушност, речиси голи. Интимните делови на телото на се гледаат.


„Кога ќе ни исчезне и ова малку што го имаме тогаш ќе изгледаме вака“, наведуваат лекарите на нивната интернет страница.
На фотографиите лекарите се духовити. Машината за дупчење служи како продолжена рака за да на пациентот да му се земе бриз од безбедна оддалеченост. Прозирниот чадор е заштита низ која лекарот гледа во грлото на пациентот. Докторката ја користи својата коса наместо маска.
Притоа, не е само иницијативата „Голи сомнежи“ која се буни против укинувањето на мерките. Протестираа и здруженијата на лекари и политичари од разни партии. Но продолжувањето засега важи само до 18 мај.

Долгорочно планирање?

Лекарската иницијатива не е задоволна со тоа. Се бара, на пациентите со лесни симптоми, лекарите да можат да им препишуваат боледување по телефон се до крајот на пандемијата.


„Во време на пандемија да се носат одлуки на секои две недели за продолжување, тоа воопшто не изгледа разумно и долгорочно планирање“, вели Бланкенфелд.
И заводите за здравствено осигурување се на страната на лекарите. Претседателот на еден од најголемите такви заводи- ДАК, Андреас Штром, бара правилото да биде во сила до крајот на јуни. Според анкета која ја спроведе институтот Форса на барање на ДАК, вработените одговорно се однесуваат кон новите правила. Само еден десетина од испитаниците кои телефонски се пријавиле за боледување тоа не би го сториле доколку морале да одат кај лекар.


Работодавачите беа загрижени поради можноста од злоупотреба на овој начин на земање боледување. Ханс Бланкенфелд како и здружението на лекари претпоставуваат дека токму интересот на работодавачите се крие зад двонеделното продолжување на роковите. Бланкенфелд ги опишува своите искуства од ординацијата според кои луѓето повеќе сакаат да отидат на работа со лесни симптоми, одошто да се извлечат со боледување. Втората група, според него, е големо малцинство. „Скандалозно е да не доведуваат во оваа ситуација само од страв дека би можело да има многу боледувања“, вели тој.
Одекот ширум светот на кој наиде иницијативата го изненади и Бланкенфелд. Досега на интернет-страницата се поставени 50 фотографии. Но лекарите кои се членови на иницијативата не сакаат да бидат сведени само на слики, тие сакаат да бидат и слушнати. „Сакаме и ние да ги водиме луѓето низ кризата. Сакаме да ги заштитиме нашите пациенти. Сакаме да останеме способни за работа за заеднички да ја надминеме кризата“, вели Бланкенфелд.


На лекарите им е потребна материјална поддршка во форма на заштитна опрема. Но и политичка поддршка за да не се случуваат погрешни одлуки кои „во базата непотребно предизвикуваат поголем хаос“.

DW.COM

Реклама