1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот уставен суд на проевропски курс

ЖА/ дпа/дв/афп12 септември 2012

Германија смее да пристапи кон Европскиот постојан фонд за спас, ЕМС, под одредени услови, реши денеска германскиот уставен суд во Карлсруе.

https://p.dw.com/p/167Be
Фотографија: picture-alliance/dpa

Судиите од Уставниот суд во Карлсруе ги дефинираа и условите: германската влада може да ги ратификува договорите за механизмот за стабилност, само ако гаранцијата на Германија останува ограничена на договорените 190 милијарди евра. Секое зголемување на финансиското учество на Германија во капиталот на фондот мора да оди на гласање во германскиот парламент, Бундестагот.

Со тоа Германија може да пристапи кон постојаниот фонд за спас, ЕМС. Таа досега беше единствената земја од еврозоната која се‘ уште го нема ратификувано договорот за Европскиот механизам за стабилизација (ЕМС), поради што тој не можеше да стапи на сила.

Истовремено е отфрлено барањето на политичарот на германската Христијанско-социјална унија Петер Гаувајлер, Постојаниот механизам за спас да биде стопиран се‘ додека Европската централна банка не го повлече решението за купување државни обврзници. Судот сепак го задржува правото на проверка во постапка- дали Европската централна банка не ги надминала своите компетенции.

Symbolbild Bundesverfassungsgericht Euro-Rettungsschirm ESM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Карлсруе тужби против Постојаниот фонд за спас и против Европскиот фискален пакт за поголема буџетска дисциплина поднесоа повеќе групи тужители. Меѓу нив се Петер Гаувајлер од ЦСУ, поранешната германска министерка за правда, Херта Дојблер-Гмелин од Социјалдемократската партија и пратеничката група на Партијата на левицата во германскиот Бундестаг. Освен тоа, кон заедничката тужба на асоцијацијата „Повеќе демократија“ се приклучија над 37 илјади граѓани. Критичарите како свој аргумент ја истакнуваат недоволната демократска легитимација на мерките за спас на еврото.

Европскиот механизам за стабилизација ЕСМ треба да го замени во мај 2010-та година основаниот прв „Чадор за спас на еврото“, ЕФСФ и да придонесе долгорочно за стабилизација на еврозоната. ЕМС би требало на земјите во криза да им обезбеди итни кредити за помош до 500 милијарди евра. Во капиталот на ЕМС од 700 милијарди евра Германија учествува со 21,7 милијарди евра уплати во готово и 168,3 милијарди евра во форма на гаранција. Значи, во екстремен случај, Германија би била оптоварена со 190 милијарди евра.