Германска дилема - „бегалци или пребегани“? | Северна Македонија | DW | 07.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германска дилема - „бегалци или пребегани“?

Тој што има војна во својата биографија, постојано стравува од неа, го викале бегалец или пребеган. Тоа што би му помогнало не е во доменот на лингвистиката, туку во доменот на политиката на мирот. Пишува Кица Колбе

Германскиот филозоф Теодор В. Адорно, кој самиот замина во бегство од Хитлеровиот режим во Америка, еднаш напиша дека зборовите се седиментирано, а некогаш и ненадминато историско искуство. Тоа значи дека ништо не помага промената на зборовите, доколку најнапред не се надмине болното историско искуство, доколку не се промени реалноста. Мислев на Адорновата мисла додека деновиве пишував  на германски делови од мојот роман „Земја на бегалци“, објавен на македонски во Скопје во мај 2018-тата. Имено, во меѓувреме во германската јавност темелно се промени односот кон зборот  „бегалец“, Flüchtling. Парадоксално, тоа се случи поради големата емпатија на големи делови од демократската германска јавност  со бегалците и од општата желба за нивна што побрза интеграција во општеството. Во политичкиот, во медиумскиот и во научниот жаргон речиси го снема зборот „бегалец“.

Една од причините е што тој завршува на –ling. Секако,  како и многу други германски зборови, меѓу нив, за жал,  и такви кои имаат негативно значење. Како „Feigling"(плашливец), „Schwächling" (слабак), „Schädling" (штетник), „Eindringling" (натрапник, крадец). Се‘ одред зборови за непријатни искуства и слики. Притоа се заборава дека на -ling  завршува и „Liebling" (љубен и љубена) и „Schmetterling" (пеперутка). Сепак, се препорачува  наместо „Flüchtling“, бегалец, да се употребува неутралниот збор „Geflüchteter" – пребеган. Освен тоа германскиот збор бегалец не дозволува јазична родова еднаквост, затоа што нема именка од женски род, како  „бегалка“ во македонскиот. До совршенство прецизниот германски јазик покажува дефицит токму во именувањето на  бегалките! Како и да е, за многумина поимот пребеган, сепак,  не ја поседува политичката и правна тежина која со Женевската конвенција од 1951-та ја доби поимот бегалец.

-претходни колумни од авторката: „Простуваме и бараме прошка“

 Јасно ми дека насловот на мојот роман „Земја на бегалци“ отсега  на германски  не може да биде „Land der Flüchtlinge", туку „Land der Geflüchteten" – што значи, „Земја на пребеганите“. Тоа, секако,  не е без последици по  еден суштествен аспект во романот. Се работи за чувството на никадеприпадност кое е белегот на  речиси секое  трауматско бегалско наследство. Тоа чувство дури трансгенерациски се предава и на генерациите на родените во егзилот. Затоа во еден друг  мој роман, „Снегот во Казабланка“, таткото на Дина Аспрова, кој Граѓанската војна во Грција ја доживеал како дете, при првите војни по распадот на Југославија,  токму поради  својата траума од војната, веднаш бега  во Канада, пред војната да стигне во Македонија. Затоа што е уверен дека  „еднаш бегалец значи  секогаш бегалец“!  Во германската дебата многумина веруваат дека  чувствената состојба на „еднаш бегалец, секогаш бегалец“  ја сугерира самиот збор бегалец, кој може да се толкува како име за човек што е постојано во бегство. Напротив, бегалецот знае дека неговата никадеприпадност не зависи од тоа како го нарекуваат другите, туку од тоа дали тие ќе го прифатат како дел од нивниот живот. Тој што живее во егзил, тој што  ја изгубил татковината во војна,  поседува реално чувство на никадеприпадност. Тоа нема да се промени и кога другите би му дале оптимистичко име, како зборот „пребеган“, кој  треба да му сугерира дека тој  во егзилот  „стигнал дома“. Притоа тој самиот добро знае дека  не е „дома”, туку во егзил. „Вистинското дома” останало за него  таму од каде што  морал да бега. Зборовите не можат да го успокојат неговиот копнеж по загубениот дом.

-претходни колумни од авторката: Светите Кирил и Методиј, покровители на Европа

Тој што  има војна во својата биографија, постојано стравува од неа, го викале бегалец или пребеган. Тој живее со  стравот од нови војни, во кои пак би можел да тргне во бегство. Неговата положба  останува непроменета се‘ додека е во егзил од неволја, затоа што границата кон родната земја за него останува затворена. Тоа што би му помогнало не е во доменот на лингвистиката, туку во доменот на политиката на мирот. Само мировната политика која ги надминува причините за војни, која ги отвора границите,  му дава на бегалцот можност да почне полека да ја надминува својата траума, го викале другите бегалец или пребеган.  Бегалецот нема да  ја надмине траумата само со лингвистички  измени во речникот на другите. Тие не го познаваат  животот во  чекање  да се вратат дома, да се отвори границата, како што живееја егејските бегалци како моите роднини и родители.

Вистината за бегалството може да се изговори и низ парадоксот, кој е во  насловот на мојот роман „Земја на бегалци“. Таква земја не постои под сводот небески. Бегалци се тие што повеќе немаат земја. Нивната биографија ги прокажува границите како лажни и лицемерни. За тоа сведочи специфичната содржина на „егејската траума“. Имено, зборот Егејци во Македонија е речиси синоним за  бегалец кому му е забрането да се врати во својата татковина. Кога на егејскиот бегалец, дури и од  најдобри намери, би му се советувало да не се нарекува  бегалец, туку пребеган, со тоа би се омаловажила длабочината на неговата траума. Тежината на егејскиот егзил потекнуваше од тоа што ним им беше забрането  со закон да се вратат во Грција. Тие не бегаа за да останат во егзил, туку само за да се засолнат привремено пред војната, а потоа да се вратат повторно „дома“. 

-претходни колумни од авторката:Бугарскиот бриселски театар на апсурдот

Парадоксално,  дебатата  што  настана во германското општество по  „бегалската криза” 2015-тата, како израз на емпатијата на големи делови од него со бегалската драма, ја загрози    токму перцепцијата  на зборот „бегалец“ кој  цели седумдесет години беше симболот за емпатијата и солидарноста на светот  со луѓето без земја, луѓето без татковина, тие кои порано ги нарекуваа апатриди. Тој вид емпатија е запишан    во текстот  на Женевската конференција од 1951-та.  Егзилот никогаш не станува вистински дом за првата генерација на бегалци. Тој станува дом за оние што се родиле во егзилот. За нив може да се каже дека тие се „пребегани“ во посакуваната позитивна смисла во актуелната германска  дебата. Дека втората генерација на некогашни бегалци конечно нашла свој нов дом и нова татковина. И дека за нив завршува состојбата на „еднаш бегалец, секогаш бегалец“. Но се‘ додека има воји, ќе има и бегалци. Ќе има луѓе кои, доколку преживеле голема траума, сиот  понатамошен живот во егзилот напати ќе го доживуваат како имагинарен, како што Адорно пишуваше за сопствениот постојан кошмар на човек што  избегал пред Аушвиц.  Тој постојано бега од него, затоа што апсурдот, грдото лице на злото во Аушвиц никогаш не го оставило на мир. Тој кошмар го познаваат сите бегалци, дури и кога другите оптимистички ги нарекуваат само пребегани.