Германската рецесија може да биде поволна за македонската економија | Економија | DW | 23.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Германската рецесија може да биде поволна за македонската економија

Стопанството и Владата се оптимисти дека германскиот минус може да значи плус за домашната економија. Првичните сигнали се позитивни.

Главниот мотор на европската економија ја губи силата. По пролетниот минус, нема изгледи за позитивен развој и во летниот период. Сигналите се загрижувачки, посебно по прогнозите на Централната банка која предупреди од негативен тренд во извозот, пред се на традиционално моќната автомобилска индустрија. Изгледите за брзо подобрување се минимални, што создава дополнителен стрес но и стравувања од несакани ефекти во делот на пазарот на работна сила и домашната побарувачка.

Оптимизам наместо загриженост

Во вакви услови, нема дилеми дека Германија ќе влезе во фаза на техничка рецесија. Но има дилеми, како тоа ќе се одрази врз глобалните текови и какви ќе бидат влијанијата врз односите со традиционалните трговски и инвестициски партнери. Меѓу нив, несомнено спаѓа и Македонија, која важи за една од регионалните стратешки точки за германското стопанство, пред се во делот на производството на компоненти за автомобилската индустрија.

Повеќе:

-Германија ќе се спасува од рецесија со субвенции?

-Германија - Техничката рецесија како сигнал за тревога

-Германски искуства и пари за посилна македонска економија

Бизнис заедницата и властите се на штрек и со внимание ги следат состојбите, но засега не демонстрираат загриженост. Напротив, дури владее и оптимизам дека она што се случува во Германија, може да предизвика позитивни поместувања:

„Компаниите од Северна Македонија кои своите производи ги извезуваат во Германија нема да бидат погодени од рецесијата, ќе се штеди во Германија, не во Северна Македонија! Сметам дека актуелната состојба во стопанството во Германија може да го зајакне стопанството во земјава, а постои можност и за преместување на производството во овој регион со цел да се заштеди на трошоци, но се разбира оваа одлука зависи од компаниите“, изјави за Дојче веле  Патрик Мартенс, Директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.

Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft (Marija Radevska)

Патрик Мертенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија

Интерес за соработка

Во таа насока според него се и иницијативите за продлабочување на соработката. На овој план веќе се закажани и конкретни активности:

 „Во септември во Скопје со Асоцијацијата на метална и електро индустрија „МАМЕИ" ја организираме бизнис конференцијата „Macedonia Manufacturing Expo". Оваа година очекуваме 30 компании од Германија кои се во потрага по деловни партнери во улога на добавувачи од Северна Македонија. Ова е само уште еден показател дека добрите стопански врски помеѓу Северна Македонија и Германија и оваа година остануваат повеќе од стабилни“, коментира Мартенс.

Сигнали за зголемено производство

На македонскиот пазар во моментов функционираат околу 200 компании со германски капитал кои вработуваат околу 18 илјади луѓе. Во владата се оптимисти дека бројките можат да растат. Ова го покажувале и анализите кои биле направени во изминатиот период:

„ Во постојан директен контакт сме со Делегацијата на германското стопанство, како и со дел од компаниите кои функционираат во земјата. Од комуникацијата која ја имаме со Делегацијата и компаниите, и покрај техничката рецесија, како што ја дефинираат германските економски експерти, а која се однесува на падот на БДП во Германија за 0,1% во вториот квартал на 2019 година, не очекуваме да има негативни ефекти за домашната економија. Напротив, согласно развојните планови на германските компании во земјата, особено оние кои работат во технолошко-индустриските развојни зони, очекуваме зголемување на производството, а со тоа и нови вработувања и зголемување на извозот од нашата земја кон Германија“, изјави за Дојче веле вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Koso Angjushev, Wirtschaftsminister der Republik Nord-Mazedonien (DW/K. Delimitov)

Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

Суфицитот расте

Сојузна Република Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија со која во 2018 година е остварена трговска размена во износ од 3,6 милијарди евра. Во првата половина на 2019 година, трговската размена достигна 2 милијарди евра, односно бележи пораст од 18,2% во однос на истиот период лани. Суфицитот е на македонска страна, а извозот на стоки во периодот јануари-јуни 2019 година бележи пораст од 22%. Овие економски параметри според Анѓушев покажуваат дека економската соработката помеѓу двете земји имаат позитивен тренд кој се очекува да продолжи:

„Двете Влади во 2018 година формираа заеднички управувачки комитет за спроведување на економски проекти, а германската Влада го номинираше и Валтер Дефа, експерт со големо искуство, како специјален советник на нашата Влада за уште повисока ефикасност во спроведување на економски проекти, што покажува дека соработката продолжува да се спроведува во позитивна насока. Според проекциите на Германската Влада, растот на БДП во 2019 година треба да достигне 0,5%, а германскиот министер за финансии Олаф Шолц веќе размислува за стимулативен пакет за економијата, доколку земјата западне во целосна рецесија. Германија е европски лидер во индустриското производство, веруваме дека соработката со оваа земја сеуште не го достигна својот максимум и дека имаме уште многу простор за унапредување на економските односи", изјави Анѓушев. 

Потреба од висококвалификуван кадар

Еден од клучните фактори за развој на соработката и зголемување на инвестициите кои би креирале додадена вредност е квалификуваната работна сила, која во моментов хронично недостасува. Во таа насока се и конкретните активности кои започнаа во соработка со десетина германски компании кои се дел од проектот за образование по германскиот дуален принцип. Од годинава проектот стартува во средни училишта во четири општини. Идејата е преку пракса по највисоки стандарди да се обучат кадри за потребите на присутните германски компании.

Ризични фактори

Според анализите на Делегацијата на германското стопанство, рецесијата дефинитивно ќе ја погоди автомобилската индустрија, но последиците ќе бидат доминантно на германскиот пазар. Факторите според Патрик Мартенс се неколку, а тие ќе влијаат на редуцирање на работни места во сојузните покраини каде трошоците за плати се највисоки. Последици ќе чувствуваат и работниците кои немаат соодветно стручно образование:

„Прв фактор е висината на платите, поточно одлуките за покачување на тарифите на платите кои беа донесени од страна на здруженијата на работодавци и синдикати. Во одредени покраини тие достигнаа и до 6%. Исто така и политиката која во моментов се води околу заштитата на животната средина поврзана со новите извори на енергија, горивните ќелии како извор за добивање чиста енергија и Е- мoбилноста влијаат на купувачите на нови автомобили. Во изминатата година се воведе и нов индивидуален стандард за издувни гасови и потрошувачки вредности кој веќе негативно влијае на автомобилската индустрија. Третиот подеднакво важен фактор е се уште не расчистената трговска војна во однос на царините и трговските тарифи помеѓу Америка и Кина, која остава последици на германската економија“, коментира Мартенс.

 

DW.COM

Реклама