1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската пошта го купува Ексел

20 септември 2005

Со инвестиција од пет ипол милијарди евра за купување на британскиот логистички концерн, најголема во својата историја, Дојче пост се стреми да го преземе водството на светскиот пазар на логистика.

https://p.dw.com/p/AeNw
Фотографија: AP

Шефот на Поштата Клаус Цумвинкел во Лондон го објави планираното купување на Ексел, со што Дојче пост станува најголемо логистичко претпријатие во светот. Со оглед на таквите димензии, Цумвинкел се послужи со зборовите на еден човек кој стигна многу високо – Нил Армстронг, првиот човек кој се искачи на месечината.

„Со Нил Армстронг би можело да се каже: ова преземање е мал чекор за човештвото, но огромен скок за светот на логистиката“.

Сепак, прво мора да се согласат акционерите на Ексел, но тука не се очекуваат никакви пречки. Поштата нуди додаток од 24 проценти од курсот на акциите, што менаџментот на Ексел го оцени како фер-цена и им препорача на акционерите да дадат согласност за зделката. Три четвртини од вкупната сума од пет ипол милијарди евра германската пошта ќе ги плати во готово, остатокот со издавање нови акции.

Дојче пост ќе стане претпријатие со половина милион соработници и со обрт од повеќе од 50 милијарди евра, од кои една третина ќе отпаѓаат на делот за логистика. Во него спаѓаат авионски и бродски транспорт на контејнери, но и организирање комплетен транспорт на стоки за поединечни претпријатија. Тој бизнис се нарекува договорна логистика и тука Ексел е веќе водечки на светскиот пазар.

„Длабоко сум уверен дека договорната логистика е пазар на иднината...Вистински успешните фирми го одвојуваат од себе и им го препуштаат на други транспортот на стоките и тоа е огромен пазар од 150 милијарди евра ширум светот, кој и натаму расте“ – образложи Клаус Цумвинкел.

По преземањето на Ексел Германската пошта би имала двојно повисок удел на пазарот на договорна логистика од најблискиот конкурент, а слично е и кај бродскиот контејнерски транспорт. Поштата, освен тоа, ја намалува зависноста од порано клучниот бизнис со доставување писма. Таа тука и натаму ги прави најголемите пари, пред се’ поради монополот што го има во Германија, но тој истекува во наредните години. По преземањето на Ексел за прв пат повеќе од 40 проценти на добивката би дошле од другите дејности – логистиката, експресната пошта и бизнисот на Поштенската банка. Главното седиште на одделот за логистика ќе биде во Брекнел во близина на Лондон, сегашното седиште на Ексел, чиј шеф Џон Ален ќе остане одговорен за логистиката, сега како член на Управниот одбор на Дојче пост. Ексел во минатото настојуваше да стане еден од најголемите логистичари, за на крајот и самиот да биде проголтан.

„Да погледаме поинаку на работата. Кое претпријатие ние најрадо би го преземале кај нас? Секако перфектен кландидат би била Дојче пост. Но, тоа беше невозможно, па се случи обратното“ – вели Џон Ален.