Германската монополска управа се заканува со санкции против Фејсбук | Панорама | DW | 03.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Германската монополска управа се заканува со санкции против Фејсбук

Монополската управа го предупреди Фејсбук поради злоупотреба на корисничките податоци и најавува санкции против интернет гигантот. Фејсбук контролира две третини од пазарот на социјални мрежи во Германија

 Антимонополската управа на Германија е загрижена поради начинот на кој Фејсбук собира и продава кориснички податоци, и го предупреди дека мора да најде решение или да се соочи со санкции.
„Ја информиравме компанијата дека веруваме оти доминира на пазарот. Го критикувавме начинот на кој компанијата собира и користи лични податоци како можна злоупотреба на нејзината пазарна моќ“, изјави претседателот на управата Андреас Мунд за весникот Рајнише пост.
Тој е особено критичен кон начинот на кој американската социјална мрежа, која има околу 31 милиони корисници во Германија, собира податоци надвор од својата страница. „Од една страна социјалната мрежа нуди навидум бесплатна услуга, а од друга нуди атрактивен простор за рекламирање, чија вредност е толку висока бидејќи Фејсбук контролира огромни количини лични податоци“, вели тој. „Но Фејсбук мора да ги почитува правилата и законите“. 

Повеќе на темата: 

Германија остро ќе го казнува говорот на омраза на Интернет 

ЕУ: Казна за Фејсбук од 110 милиони евра
Мунд предупредува дека компанијата ќе се соочи со санкции доколку не промени одредени методи. „Ќе видиме како Фејсбук ќе реагира на нашите критики. Потоа ќе решиме што ќе правиме. Можеби Фејсбук ќе понуди некои решенија и ќе се насочи кон поинакви одлуки. Или можеби на крај ќе мораме да го забраниме собирањето и користењето на податоци од трети извори без експлицитна согласност од корисникот“. И покрај тоа што европското седиште на Фејсбук е во Ирска, тој сепак потпаѓа под јурисдикција на германската антимонополска управа бидејќи во прашање се германски корисници.

Andreas Mundt, Präsident des Bundeskartellamtes (DW)

Андреас Мунд, претседател на Германската антимонополска управа

Лукративен модел

Добро е познато како функционира ултра-лукративниот бизнис модел на Фејсбук, и како тој собира кориснички податоци од своите супсидијарни сервиси како Инстаграм и ВатсАп за да ги персонализира рекламите. Фејсбук оствари 26,9 милијарди долари приходи од реклами во 2016, што е практично неговиот севкупен приход. Сега за првпат антимонополската управа во Германија најавува истрага околу тоа дали Фејсбук доминира на пазарот на социјални мрежи. Претставници на Фејсбук за Рајнише пост изјави дека компанијата ги отфрла критиките од Мунд, но ќе соработува во истрагата.
„Актуелната проценка на антимонополската управа е за поздравување“, вели адвокатот за дигитални права Кристијан Золмеке за ДВ. „Се надеваме дека Фејсбук ќе почне да нуди опции преку кои корисниците ќе го ограничат собирањето на нивните податоци“. 

Гледај видео 00:38
Now live
00:38 минути

Убиство во живо


Золмеке верува дека во „нивната актуелна форма“, методите на Фејсбук претставуваат нарушување на германските закони за заштита на потрошувачите и дека антимонополската управа ќе работи со претпоставката дека корисниците „не се доволни информирани за начинот и опфатот на собирањето податоци и оттука не можат ефективно да се согласат со тоа“.

Европската Унија има јасни правила за користење на личните податоци кои се наведени во директивата за заштита на лични податоци од 2016 година. „Лица или организации кои собираат и управуваат со лични податоци мора да ги заштитат од злоупотреби и мора да почитуваат одредени права на сопствениците на податоците кои се гарантирани од ЕУ законите“.
Фејсбук ќе има право на жалба доколку добие казна на суд, што значи дека ќе биде потребно долго време за било какви измени да стапат во сила.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема