1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада на дистанциа од резолуцијата за Ерменија?

ЕМФ/дпа2 септември 2016

Германската влада има намера да го преформулира својот став кон резолуцијата за геноцидот во Ерменија. Дали тоа ќе значи дистанцирање од суштината на резолуцијата, сѐ уште е отворено.

https://p.dw.com/p/1Judc
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Германската влада има намера да се дистанцира од резолуцијата за Ерменија на Бундестагот. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер денеска по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Берлин изјави: „Германскиот Бундестаг има полно право и слобода да се изјаснува за политички прашања.“ Самиот Бундестаг вели дека „нема секоја резолуција обврзувачко дејство“. Штајнмајер не одговори прецизно каков е ставот на Владата. „Шпигел онлајн“ информираше дека Министерството за надворешни работи и Кабинетот на канцеларот постигнале договор портпаролот на Владата, Штефен Зајберт, да излезе пред новинарите и во име на Владата да се дистанцира од резолуцијата. Тоа би требало да се случи во текот на денов.

Во резолуцијата, злосторствата извршени врз Ерменците во Првата светска војна се окарактеризирани како геноцид. Тоа ја налути Турција, која по донесувањето на резолуцијата во јуни не им дозволува на германските пратеници да ги посетуваат германските војници кои се стационирани во Инџирлик.

Информациите за дистанцирање од резолуцијата, предизвикаа иритации во пратеничката група на владеачките партии на Унијата (ЦДУ и ЦСУ). Заменик-координаторот на пратеничката група Штефан Харбарт изутринава изјави: „Ставот на пратеничката група останува непроменет.“ Член на раководството на пратеничката група, кој сака да остане анонимен, за агенцијата ДПА коментира дека дистанцирање од страна на канцеларката Меркел би било „фатално“ и сосема „погрешен сигнал“ кон турскиот претседател Ердоган, кој по донесувањето на резолуцијата ги напаѓаше лично пред сѐ пратениците во германскиот парламент со турско потекло.

Канцеларката Меркел не учествуваше во гласањето за резолуцијата во Бундестагот, но претходно, при пробното гласање во пратеничката група заедно со останатите пратеници се изјасни за резолуцијата. И вицеканцеларот Зигмар Габриел (СПД) и министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер не учествуваа во гласањето за резолуцијата.

Германската армија во Инџирлик, на југот на Турција, има повеќе од 200 војници. Нивна задача е поддршка на борбата против терористичката милиција Исламска држава (ИД).