Германија ја засилува одбраната за решавачкиот дуел со Македонија | Северна Македонија | DW | 17.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германија ја засилува одбраната за решавачкиот дуел со Македонија

И македонскиот и германскиот селектор Гонзалес и Прокоп одлучија да ги засилат одбраните на своите селекции пред решавачкиот дуел на Европското првенство во ракомет. Македонија е поинаков калибар, велат Германците

Ноќта по нерешениот исход против Словенија, германскиот селектор Кристијан Прокоп одлучи да ја засили одбраната на својата селекција за решавачкиот дуел против Македонија на Европското првенство во ракомет. На местото на Бастијан Рошек, повикан е Фин Лемке- џин од 2.10 метри кој треба да ја закрпи одбраната на актуелниот европски првак.

Против Македонија, освен брзина, на Германците им е потребна и маса во центарот. „Македонија многу игра преку пикерите, кои се доста робустни. Сакав на мојот тим и на мојата одбрана да им дадам поголема корпулентност“, објаснува германскиот селектор, Кристијан Прокоп. „На тој начин“, додава тој, „и голманите ќе имаат поголема сигурност, повеќе раце во блокот“.

Целта на Прокоп е да запре тројца играчи на македонската репрезентација: двајцата корпулентни пикери Стоилов и Пешевски и капитенот Кирил Лазаров.

Германија мора да победи против Македонија за да го освои првото место во групата, но и за да остане во трката за пласман во полуфиналето на првенството.

И германските ракометари и селекторот во пресрет на дуелот покажуваат голем респект кон македонската селекција. Стрелецот на израмнувачкиот погодок од пенал против Словенија, Тобијас Рајхман вели дека „Македонија е сосема поинаков калибар“. 

Битка за првото место

„Сега останува последниот меч. Македонија е малку поинаков калибар. Мораме подобро да играме во одбраната и помудро во нападот“, вели Рајхман.
Прокоп оценува дека Македонија игра слично на Словенија, со „големо срце“. „Тоа е ракомет со многу страст, посветеност и борбеност“, вели Прокоп.

На Македонија и е доволен и нерешен резултат за да се избори за прво место во групата Ц, по победите над Словенија и Црна Гора. Но, ни македонскиот селектор Раул Гонзалес не седи со скрстени раце пред дуелот. На местото на Филип Лазаров, во пресрет на дуелот, селекторот го повика специјалистот за одбрана Велко Маркоски.

Handball-EM Slowenien - Deutschland (picture alliance/dpa/M. Skolimowska)

Капитенот на германската репрезентација, Уве Гензхајмер

Од освојувањето на европската титула во 2016 година, германската репрезентација не бележи добри резултати. На последното светско првенство во Катар, европските прваци загубија уште во осминафиналето од селекцијата на домаќинот. Капитенот Уве Гензхајмер признава дека затоа мечот против Македонија е од голема важност.
„Подолго време не играме на нашето ниво. Се надевам дека најлошиот натпревар на турнирот (против Словенија, н.з.) е минато“, вели Гензхајмер.

Традицијата на страна на Германија 

Македонија и Германија досега одиграле четири меѓусебни дуели на големите натпреварувања и сите и припаднале на германската селекција. Највисоката победа, Германците ја забележаа на првиот дуел во 1999 година со 36:25. Последниот дуел беше во 2013 година и Германците славеа победа од 28:23. 

Реклама