Германија, Франција и Британија го обвинија Иран за нападот врз рафинериите | Свет | DW | 24.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германија, Франција и Британија го обвинија Иран за нападот врз рафинериите

Ангела Меркел, Емануел Макрон и Борис Џонсон ја зазедоа линијата на САД за нападите врз саудиските нафтени рафинерии, оценувајќи дека Иран стои зад агресијата. Тие повикуваат на дипломатска разврска.

Германија, Британија и Франција во понеделникот со заедничко соопштение го обвинија Иран дека стои зад нападите во Саудиска Арабија и го повикаа Техеран да избегнува натамошни „провокации“.
„Нам ни е јасно дека Иран ја сноси одговорноста за нападот. Не постои друго објаснување“, се наведува во заедничката изјава на Меркел, Макрон и Џонсон составена на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Но, трите европски држави, кои се и потписнички на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, потенцираат дека решението за избегнување на потенцијален конфликт на Блискиот Исток е дипломатијата.
„Дојдено е време за Иран да ја прифати долгорочната преговарачка рамка за својата нуклеарна програма, како и за регионални безбедносни прашања, кои ја вклучуваат и ракетната програма“.
„Го повикуваме Иран да се обврзе на таков дијалог и да избегнува нови провокации и ескалација“, велат тројцата лидери во изјавата.

Трамп може подобро...

Британскиот премиер Џонсон отиде и чекор натаму, па во интервју за телевизијата НБС оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп може да постигне нов подобрен нуклеарен договор со Иран.
„Постои само еден човек кој може да постигне подобар договор... а тоа е претседателот на САД. Се надевам дека ќе има Трамп договор“, рече Џонсон.
Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф во меѓувреме отфрли преговори за нов договор. Европските држави не успеаја „да си ги исполнат обврските“ од договорот од 2015, твитна тој.

Засилен притисок врз Техеран

Заедничката изјава на европските лидери го става Иран под дополнителен притисок по нападите врз саудиските рафинерии од 14 септември годинава.  Американскиот државен секретар Мајк Помпео им се заблагодари на Германија, Франција и Британија за поддршката на американската аргументација.
„САД им благодарат на нашите блиски пријатели, за нивниот јасен став за одговорноста на Иран за актот на војна кон Саудиска Арабија и неговото влијание врз регионот и врз светот“, напиша Помпео на Твитер.

DW.COM

Реклама