Германија: Уапсените Сиријци поврзани со атентаторите во Париз | Свет | DW | 13.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија: Уапсените Сиријци поврзани со атентаторите во Париз

Тројца Сиријци уапсени изутринава во северна Германија се осомничени дека припаѓаат на група т.н. „спијачи“ на ИД, која е поврзана со напаѓачите од Париз. Сиријците во Германија пристигнале преку Балканската рута.

default

Прифатен центар за бегалци во покраината Шлезвиг Холштајн, каде наводно била исто така извршена рација

Германските истражни власти сметаат дека тројцата Сиријци, уапсени изутринава во прифатни центри за бегалци во северна Германија, а стигнати во земјата преку Балканската рута, се поврзани со атентаторите од Париз. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие изјави дека тие во Германија стигнале благодарение на истата шверцерска група. И документите за патување на уапсените се од истата терористичка работилница како и документите на париските атентатори, велат иследниците.

Тројцата Сиријци на возраст од 17,18 и 26 години во Германија стигнале во ноември 2015 година. Тие се обвинети за припаѓање на терористичко здружение. Конкретни информации за планови за напади нема, рече министерот Де Мезие. Оттука, се претпоставува дека станува збор за ќелија на т.н. „спијачи“ на Исламска држава (ИД).

Thomas de Maiziere PK Razzia NRW in Berlin

Томас де Мезие

Експертот за тероризам Холгер Шмит оцени дека досегашната истрага покажува оти Сиријците биле испратени во Германија целно. Конците од позадина ги влече функционер на ИД, кој наводно координирал и други терористички планови, како нападот на стадионот во Париз минатата година.

Уапсените биле во визирот на истрагата со месеци. Според министерот за внатрешни работи, тие биле набљудувани и биле прислушувани нивните телефонски разговори. Властите сега се надеваат на натамошни сознанија од анализата на податоците од телефонските разговори, како и од извршениот претрес на вкупно шест објекти.

Де Мезие потенцираше дека би било погрешно сите бегалци да се ставаат под сомневање. Некои се индивидуални напаѓачи управувани од далечина, други пак се инспирираат од веќе спроведени напади, додека некои се повратници од воени региони кои имаат борбено искуство. Освен тоа, постојат и т.н. хит-тимови, кои доаѓаат од странство со цел да извршат напад.

Врските на уапсените со атентаторите во Париз покажува дека не се работи само за опасност по една земја, туку загрозен е целиот Запад. Оттука, важно е Западот да делува здружено за да се спречат натамошни закани.

Според весникот „Велт“, Германската криминалистичка служба има добиено повеќе од 400 информации за бегалци осомничени за тероризам. Во поголемиот дел од случаите се работи за неосновани сомнежи или едноставно за мешање на идентитети. Истрага е отворена во 60 случаи.

DW.COM

Реклама