Германија - Турција: Мало прашање, голема возбуда | Свет | DW | 17.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија - Турција: Мало прашање, голема возбуда

Тврдењето дека Турција е поддржувач на исламистите, не е премногу смело. Такво е мислењето и на германската влада. Но, обелоденувањето нејзин доверлив документ, е упадлив случај, смета Марсел Фирстенау.

Ангела Меркел веројатно нема да биде одушевена. Само што почна со работа по годишниот одмор, една непријатна вест предизвика внимание. Таа ја погодува канцеларката во најчувствителната точка: односот кон Турција. Оваа земја и нејзиниот непредвидлив претседател Реџеп Таип Ердоган германската влада се чини ги смета за поддржувачи на исламистичките терористи. Таков заклучок произлегува од документот на владата, со ознака доверлив, кој го цитира АРД.

Всушност, германската влада досега избегнуваше на својот тежок НАТО-партнер јавно да му припише блискост кон терористите. Таа нема ни најмал таков интерес, првенствено поради осетливото прашање за бегалците. Но, во берлинскиот владин кварт, и не само таму, веќе отворено се шпекулира дека Ердоган може да го раскине постигнатиот договор со ЕУ за враќање на бегалците. Иако, малку е веројатно дека ќе дојде до тоа. Ердоган и досега имаше поводи за таков чекор.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio

Марсел Фирстенау

Сомнението паѓа врз Левицата

Сепак, за Меркел случајот останува исклучително непријатен. Сега таа мора да ја срка кашата што друг ја зготвил. А кој притоа постапувал невнимателно или сосем свесно, е нејасно. Според јавниот телевизиски сервис АРД, доверливиот документ доаѓа од парламентарниот државен секретар во Министерството за внатрешни работи, Оле Шредер. Тој и неговиот шеф, министерот Томас де Мезие, двајцата од партијата на Меркел, ЦДУ, не би ја доведувале својата канцеларка и партиска лидерка во непријатна ситуација без нужна потреба. Значи, сомнението паѓа врз примателот на експлозивниот одговор на барањето информација од владата: Левицата.

На нивните пратеници од владиниот табор често им се пррефрла оддавање тајни на медиумите. Меѓутоа, лансирањето бризантни информации е вештина која ја владеат сите во политиката. Во конкретниот случај, сепак сомнението е логично, зашто Левицата е единствената партија во Бундестагот, која жестоко се противи на германската и европската бегалска политика.

Знаејќи го ова, се поставува прашањето: зошто воопшто во одговорот се нашле доверливи поединости? Зашто, на опозицијата, во која спаѓаат и Зелените, често, повикувајќи се на државни интереси, и‘ се ускратуваат било какви одговори. Значи, нема прифатливо објаснение за постапката на германската влада во овој случај. Освен, ако целата работа не се сфати за глупав гаф на Министерството за внатрешни работи. За ваква интерпретација аргументи нуди пратеникот од СПД, Ролф Мицених: „За ваква чувствителна и далекусежна проценка морало да биде вклучено и Министерството за надворешни работи“., го цитира АРД.

Германската влада во тесно

Вчудоневидувачки би било ако владиниот кабинет не се усогласил. Тоа би носело значително поголеми ризици за влошување на ионака затегнатите односи меѓу Германија и Турција со непромислени изјави. Германската влада ќе има мака да го објасни овој случај. Притоа, не игра никаква улога тоа што кажаното е нешто очигледно : тесните контакти на Турција со исламистичките струења. Блискост од која се чини не се отстапува и кога се во прашање терористички групи, како Хамас.

DW.COM

Реклама