Германија: Сѐ повеќе научни трудови се објавуваат во лажни „научни“ списанија | Панорама | DW | 23.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Германија: Сѐ повеќе научни трудови се објавуваат во лажни „научни“ списанија

Илјадници германски научници резултатите од свои научни истражувања ги објавувале во квази-научни списанија кои не се рецензирани, се вели во еден медиумски извештај. Ова е „катастофа за науката“ е оценката на експертите

Над 5000 научници на германски универзитети и други високи образовни институции, резултатите од своите истражувања ги објавувале во научни стручни списанија кои ги водат квази-научни издавачи, тврди еден медиумски извештај. Кога научниците објавуваат резултати од свое истражување во стручно списание, се очекува дека истражувачкото прашање, методите и резултатите биле подложени на ригорозна проверка од страна на други научници од областа, во процес познат како рецензија. Целта е да се осигура контрола на квалитетот и да се потврди дека трудовите се научно издржани пред да бидат објавени во јавноста.

Но, квази-научните издавачи не се грижат многу за рецензијата на поднесените трудови и често ги објавуваат веќе следниот ден откако ќе им се достават, се вели во истражувањето кое го спроведоа германските телевизии НДР и ВДР, како и германскиот магазин, „Зиддојче цајтунг магазин".

Овие издавачи ги контактираат научниците и компаниите низ светот, поттикнувајќи ги да ги објават трудовите во нивните стручни списанија. Научниците потоа плаќаат нивниот труд или студија да биде објавен во некое од овие стручни списанија во кои се појавува за само неколку дена откако ќе го испратат. Според истражувањето на новинарите, околу 400.000 научници во светот, намерно или ненамерно, ги објавувале своите трудови во овие сомнителни стручни списанија.

Во Германија пет пати зголемен бројот на објавувања во квази-научни списанија

Вакви квази- научни издавачи постојат одамна, но огромниот пораст на бројот на научници и истражувачи кои ги користат за објава на своите трудови е новина. Бројот на публикации од угледни научници во квази-научни стручни списанија низ светот тројно нараснал од 2013 година досега, вели извештајот.

Според ова истражување, во Германија, објавување на трудови во вакви публикации е зголемено за пет пати. Во извештајот се нагласува и дека многу научници не се ни свесни дека го испратиле своето дело да се објави кај сомнителен издавач, кај кого се нуди и опцијата научници да си платат за побрзо да им биде објавен трудот.

Повеќе: 

Откриен ензим за побрзо распаѓање на пластиката

Вакцини - факти и митови

Измами во науката

Квази-научните стручни списанија се користат често од автори кои сакаат да објават труд кој најверојатно ќе биде одбиен од реномирани научни стручни списанија. Скептиците за климатски промени како и компании кои продаваат сомнителни лекови за рак, аутизам и Паркинсонова болест имаат објавено свои трудови во овие стручни списанија.

Новинарите исто така откриле и дека германски фармацевтски гиганти како на пример, Баер исто така имаат објавено студии за нивни производи кои ги имаат напишано нивни вработени. И тутунски компании ги користат овие стручни списанија за да објавуваат студии поврзани со ефектите од пушењето.

„Катастрофа за науката"

 Водечки германски научници кои објавиле свои трудови во овие стручни списанија се шокирани.  Бернд Шолц – Рајтер, ректор на Универзитетот во Бремен вели дека објавил 13 трудови во сомнителни научни списанија. Тој за „Зиддојче цајтунг магазин" вели декане се сомневал во релевантноста на публикациите, но истакна дека „научниот квалитет и интегритет" на неговите текстови сѐ уште се непроменети.

 И еден добитник на Нобеловата награда исто така е меѓу оние кои објавил труд во едно од овие сомнителни стручни списанија, иако магазинот „Зиддојче цајтунг магазин" не го објави неговото име. 

Јоахим Функ, професор по психологија и омбудсман на Универзитетот во Хајделберг, остро ги критикуваше овие сомнителни практики на објавување трудови во дубиозни стручни списанија.

Квази-научни стручни списанија се „катастрофа за науката, бидејќи нерецензирани тврдења се објавуваат во јавноста под превезот на тоа дека се научно докажани", вели во извештајот еден експерт кој сака да остане анонимен. Деветмесечното истражување спроведено од НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг магазин" беше спроведено во партнерство и со други меѓународни медиуми, меѓу кои и францускиот весник „Ле Монд".

 

DW.COM

Реклама