Германија стравува од „тврд“ Брегзит | Економија | DW | 29.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија стравува од „тврд“ Брегзит

Дури и самото гласање за Брегзит остави длабоки траги. Ако сега следува „тврд“ Брегзит, на пазарите им се закануваат големи турбуленции, па дури и крах на економските односи меѓу ЕУ и Велика Британија.

Британската влада денеска во Брисел го поднесе официјалното барање за излез од ЕУ. Германската Индустриска и трговска комора (ДИХК) смета дека Брегзитот ќе предизвика значителен рез во економските односи со Велика Британија. „Брегзитот ќе им нанесе значителни штети на бизнисите на германските претпријатија со Обединетото Кралство“, изјави претседателот на ДИХК, Ерик Швајцер за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Веќе во текот на месеците кои доаѓаат мора да се смета со чекорење наназад во делот на трговијата и инвестициите.

40 проценти од германските претпријатија кои работат со Обединетото кралство очекуваат влошување на бизнисот во наредните месеци, покажа анкета на ДИХК. Тоа и покрај фактот што состојбата досега се оценуваше како „полусолидна“. Девет проценти од претпријатијата опфатени со анкетата планираат преместување на инвестициите од Велика Британија, главно во Германија, но и во други држави во и надвор од ЕУ.

Во поглед на претстојните преговори околу разводот на Велика Британија и ЕУ, Швајцер во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ предупредува од опасноста од правење „преголеми отстапки“ за да не се загрози заедничкиот пазар на ЕУ. Истовремено, меѓутоа, би требало „пречките во размената на стоки и дополнителната бирократија да бидат што помали“.

Разбирлива желба. Зашто, при евентуално пропаѓање на преговорите се заканува т.н. „тврд“ Брегзит. Во таков случај Министерството за финансии во Берлин стравува од аномалии на финансиските пазари. Доколку ЕУ и Велика Британија не постигнат согласност навреме за договор за излез, „би можела да биде загрозена стабилноста на финансиските пазари“, стои во анализа на министерството за „специфичните проблеми“ од британското излегување од ЕУ, пишува „Ханделсблат“.

Deutschland Börse Frankfurt am Main (Getty Images/AFP/T. Lohnes)

Сосема горе на списокот на Лондон со важни работи при преговорите сигурно е иднината на финансискиот сектор

Каталогот за преговори е обемен

На 34 страници службениците во Министерството за финансии набројуваат кои се финансиските прашања што ЕУ и Велика Британија би морале да ги расчистат и што би се случило доколку не биде постигнат договор навреме. Притоа, времето притиска, зашто соодветниот параграф на ЕУ-договорот пропишува дека преговорите за спогодбено разделување може да траат само две години. Тоа е малку, ако се има предвид обемноста на прашањата за преговори.

Според пресметките на ЕУ, само долговите кои Лондон би морал да ги врати при излез од Унијата би можеле да изнесуваат 60 милијарди евра. Овој износ произлегува, меѓу другото, од обврските на Британците кои ги имаат преземено со тековниот буџет на ЕУ, како и обврските кон ЕУ-соработниците.

Сосема горе на списокот на Лондон со важни работи при преговорите сигурно е иднината на финансискиот сектор, кој има удел од 12% во вкупното британско економско постигнување. Покрај тоа, британската влада ќе мора да ја реши и огромната задача за ново регулирање на секој аспект од економскиот и секојдневниот живот. Според „Ханделсблат“, одделот за истражувања на долниот дом на британскиот парламент проценува дека во британското законодавство ќе мора да се импортираат околу 19.000 ЕУ-правила и уредби. И сето тоа паралелно со преговорите со ЕУ.

England Währung Britische Pfund (picture-alliance)

По гласањето за Брегзит британската фунта загуби значително на вредност, што го направи извозот од евро-просторот поскап

Можно продолжување на рокот

Овие преговори надлежниот ЕУ-преговарач Мишел Барние ги терминираше на 18 месеци. Остатокот од времето, до излезот од ЕУ на 29 март 2019 година, ќе биде неопходен за ратификација на нов договор. Но, има и „излезна вратичка“: продолжување е можно доколку „Европскиот совет спогодбено со погодената земја членка едногласно одлучи продолжување на овој рок“, стои во членот 50, точка 3 од ЕУ-договорот. Теоретски преговорите би можеле, значи, да траат до „свети никогаш“.

Од економски аспект тоа сигурно не се посакува, но Брегзитот веќе остави траги во извозниот биланс на германските претпријатија. Според наводи на Институтот на германската економија (ИВ), кој е близок до работодавачите, особено многу во првата половина на 2016 година беше погодена фармацевтската индустрија, која имаше 19% помал извоз во Велика Британија, потоа автомобилската индустрија (минус 14%) и хемиската индустрија (минус 11 проценти). Извозот „Мејд ин Џермани“ во Велика Британија вкупно забележа пад од 7,2% во однос на истиот период од годината претходно. Едно од можните објаснувања е дека по гласањето за Брегзит британската фунта загуби значително на вредност. Тоа го направи извозот од евро-просторот поскап, што доведе до намалување на побарувачката.

DW.COM

Реклама