Германија: Сиромаштијата зависи од цените | Економија | DW | 11.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Германија: Сиромаштијата зависи од цените

Кој сака да знае кој е во Германија сиромашен, не треба да ги гледа само примањата, туку и куповната моќ на луѓето, смета Институтот за германска економија (ИВ).

На секој човек му останува неоспорено да се чувствува сиромашен. Но сиромаштијата исто така е административно точно дефинирана : Кој во Германија има помалку од 60 проценти од просечните примања, според таа дефиниција, е сиромашен. Или поточно кажано: кој месечно има приходи од 917 евра или повеќе, официјално веќе не е сиромашен. Замката е меѓутоа во тоа што, на пример, во Минхен со 917 евра човек може да си дозволи многу помалку отколку во некое село во Емсланд. Тоа почнува од станарините, кај повеќето најголеми издатоци, но продолжува и кај прехранбените производи, а завршува некаде кај посетите на музеи или фризер. Институтот за германската економија (ИВ) го воведе во употреба изразот „сиромаштија во куповната моќ“. Кој има помалку од 60 проценти од просечната куповна моќ, според ова мерило, е сиромашен, односно „сиромашен во куповната моќ“. Во новата студија ИВ ја истражува сиромаштијата во Германија според овој критериум.

Најзагрозените групи се во големите градови

Најизненадувачкото сознание е дека речиси и нема разлики меѓу истокот и западот на Германија, како кај истражувањата кои се базираат исклучиво според примањата. Коавторот на студијата Кристоф Шредер за ДВ вели: „Проблематичните области се наоѓаат повеќе во градовите отколку во источна Германија“.  ИВ, покрај традиционалниот атлас на примањата во Германија, изготви и „атлас на сиромаштијата во куповната моќ“. Двете карти на многу места силно отстапуваат една од друга.

Christoph Schröder, Institut der deutschen Wirtschaft Köln

Кристоф Шредер

Источните сојузни покраини, Тирингија, Бранденбург и Саксонија на пример, според сиромаштијата во куповната моќ се под германскиот просек, иако нивните жители заработуваат релативно малку. Проблематични области се без исклучок градовите - и меѓу нив пред сѐ големите западногерманските градови. Гелзенкирхен има стапка на сиромаштија во куповната моќ од 28,4 проценти, Келн од 26,2. Дури и Диселдорф и Ахен, кои не се познати како места на беда, имаат стапки од околу 23 проценти на луѓе кои според овој критериум важат за сиромашни. Најдобро котира еден рурален регион кај Боденското езеро, со само 8,6 проценти од население кое има помалку од 60 проценти од просечната куповна моќ. 

„Понекогаш убавите продавници во градските центри заслепуваат“, смета Шредер. Богатите жители ги креваат цените, се грижат за сјајна понуда, но често висок процент од луѓето останува исклучен од тоа

Но кому точно во градовите му оди најлошо? Студијата го истражи и тоа и  издвои пред сѐ три групи кои посебно се погодени од сиромаштијата во куповната моќ. Притоа, воопшто не зачудува дека токму овие три групи речиси и не можат да се носат со сѐ повисоките цени во градовите, пред сѐ на станарините: невработените, луѓето со мигрантско потекло и самохраните родители. „Овие групи во градовите можат почесто да се сретнат отколку во руралните средини“, вели Шредер. 

„Да им се помогне на групите загрозени од сиромаштијата“

Со други зборови: фактот дека овие групи особено често живеат во градовите, само по себе е голем дел од проблемот. Но невработените веројатно уште претходно живееле во голем град и се надеваат на нова работа во градот, мигрантите знаат други мигранти исто така главно во градовите и таму имаат подобра инфраструктура за себе, а самохраните родители во градот попрво ќе најдат место во градинка за детето отколку на село. Значи има добри причини, кои ги привлекуваат овие групи кон градовите.

Авторите на студијата затоа не предлагаат, загрозените од сиромаштија во куповната моќ да се преселат во рурални средини, зашто тоа би било нереално. Кристоф Шредер препорачува политиката да најде решение за помош на загрозените групи. „Државата мора повеќе да инвестира во понудите за образование и дообразование, како и во изградбата на станови во градовите, за да го намали притисокот врз станарините. Покрај тоа, авторите на студијата сметаат дека германските и европските субвенции досега беа премногу концентрирани на источна Германија. Во иднина државата би морала да спроведува политика за борба против сиромаштијата која не помага според географската положба, туку според потребите.

 

DW.COM

Реклама