Германија сака да обучува негуватели во Македонија | Северна Македонија | DW | 29.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германија сака да обучува негуватели во Македонија

Германија сака да го реши недостатокот на негуватели со школување на кадри во трети земји. Како можен кандидат се споменува и Македонија, но властите во Скопје не се одушевени од идејата.

Deutschland | Gesundheitsminister Jens Spahn (picture-alliance/NurPhoto/E. Contini)

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан

Германија сака во странство да школува негуватели кои потоа би ги вработувала во своите домови и болници. Четири земји, меѓу кои и Македонија, фигурираат како потенцијални кандидати за соработка.

Македонските власти не се одушевени од идејата, и сметаат дека вакви проекти само дополнително ќе го зголемат одливот на мозоци од земјата.

Германија со години се соочува со голем недостаток на негувател(к)и, па министерот за здравство Јенс Шпан (на насловната фотографија) одлучи со нова иницијатива да се обиде да го редуцира проблемот.

„Од буџетот добивме дополнителни 9 милиони евра. Со нив можеме да побараме партнери за соработка за школи за негуватели во странство“, изјави Шпан за весникот „Рајнишен пост“.

Планот на Шпан е  неговата земја во странство да финансира обука и учење на германски јазик на потенцијални негувател(к)и.
„Во идеална варијанта, со завршувањето на обуката тие би започнале со работа во Германија“. Како можни земји-кооперанти германскиот министер за здравство ги наведува Косово, Македонија, Филипините или Куба.

Опасност за Македонија

Извори во македонското министерство за здравство кои побараа анонимност велат дека пристапот кој го предлага Шпан не и носи многу добро ни на Македонија, ниту на останатите земји од регионот.

Соработката која ја предлага германскиот министер во пракса ќе значи дека Германија само ќе обучува потребни кадри во некоја земја, и дека тие потоа засекогаш ќе си заминат од татковината. Во ситуација кога иселувањето од Македонија и од другите земји од регионот е веќе алармантно, ваквите решенија не им носат ништо позитивно на државите во регионот.

Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce (Bojana Atanasova)

Македонскиот министер за здравство Венко Филипче вели дека не е запознаен со идејата на Шпан

Оттаму велат дека многу подобро решение ќе биде доколку се засили соработката со Германија но според принципот на „штафета“. Таквиот пристап би овозможил да се направат договори за размена со болници или региони во Германија. На тој начин би им се овозможило на македонските доктори и медицински сестри да заминуваат на привремена, на пример шестмесечна, работа во некоја болница во Германија, со тоа тие би ги усовршиле своите медицински знаења, би стекнале нови искуства, би заработиле, но на крајот би се вратиле во Македонија, а на тој начин и матичната земја би профитирала од нивните новостекнати знаења.

На тој начин, велат во македонското министерство за здравство, и одредени региони во Македонија би добиле дополнителна финансиска инјекција.

Министерот за здравство Венко Филипче, од друга страна, вели дека не е запознаен со идејата на неговиот германски колега.

Во изјава за ДВ, Филипче вели дека со Германија е разговарано за поинаков проект.

„Сме разговарале за структурирана размена. Наш став е дека на сите земји од регионот треба да им се пристапи заеднички и да разговараме за заедничка соработка со Германија. Но разговорите се за луѓе кои ќе ротираат, а не да си заминуваат засекогаш“.

 

DW.COM

Реклама