Германија: Раст на новоинфицирани, 150 евра за неносење маска во јавен превоз | Информации и анализи за Германија | DW | 12.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија: Раст на новоинфицирани, 150 евра за неносење маска во јавен превоз

1226 новоинфицирани во земјата во еден ден; во Северна Рајна Вестфалија и Мекленбург-Предна Померанија од денеска важат повисоки казни за неносење заштитна маска во автобусите и возовите, полицијата контролира.

Бројот на дневно регистрирани нови инфекции со коронавирус во Германија за изминатите 24 часа достигна највисока вредност од почетокот на мај – според Институтот Роберт Кох се пријавени 1226 новоинфицирани лица. Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан изјави дека бројките се навистина загрижувачки. „Преку летувалците кои се враќаат дома, но и забавите од различен вид, семејни собири, во повеќе места во земјата настануваат помали и поголеми кластери. Доколку не бидеме внимателни, ќе се развие несакана динамика."

Повеќе:

Високи казни за летувалците во ризични земји кои нема да се тестираат

Две училишта во Германија затворени по неколкудневна настава

Обврска за носење заштитна маска и на отворено

Од почетокот на корона-кризата во Германија се регистрирани 218.519 случаи на Ковид-19, бројот на смртни случаи поврзани со коронавирус изнесува 9207, додека 198.800 лица се опоравиле од инфекцијата.

Повисоки казни за неносење маска

Од денеска во најбројната со население германска сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија за неносење маска во јавниот превоз ќе се плаќа казна од 150 евра.

Во покраината Мекленбург-Предна Померанија ќе важи исто толкава казна, досега таа беше 25 евра.

Непридржувањето кон мерката за сузбивање на коронавирусот, покривање на носот и устата во автобусите, трамваите и возовите ќе се санкционира веднаш, без предупредување.

„Носењето маска е знак на солидарност со најслабите во нашето општество. Тоа претставува мала непријатност, но таа може да спречи големи катастрофи“, изјави покраинскиот министер за сообраќај, Хендрик Вист.

Во 18-милионската Северна Рајна Вестфалија, за разлика од сите останати покраини, обврската за носење маска важи и во училиштата за 2,5 милиони ученици, дури и за време на наставата, освен за оние до четврто одделение, кои маска мора да носат во ходниците и школските дворови.  

 

 

Реклама