Германија планира нови корона-мерки спроти сезоната на грип | Информации и анализи за Германија | DW | 22.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија планира нови корона-мерки спроти сезоната на грип

Бројот на корона-инфекции расте низ цела Европа, особено во Шпанија и во Франција. Ситуацијата во Германија не е толку загрижувачка, но нервозата кај политичарите значително се зголемува. Затоа тие планираат нови мерки.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан се обидува да ги смири духовите во земјата. Има сè повеќе нови инфекции со коронавирусот во Германија но, тој вели: „Сегашната состојба покажува дека нашиот здравствен систем е во состојба да се справи со зголемениот број на инфекции, но динамиката во другите европски земји е загрижувачка“.

Поголем број на инфекции и истовремено епидемија на грип - ова може да се очекува во претстојните есен и зима. Тоа може да го загрози германскиот здравствен систем и затоа Шпан веќе сака да формира локални амбуланти за пациенти со треска, во кои оние кои имаат симптоми на грип или на Ковид-19, би можеле да побараат помош.

Министерот исто така за залага за овозможување на брзи тестови на антитела: „Тоа би бил квалитативен чекор напред“.  Таквите тестови можат да се направат многу побрзо од конвенционалните тестови за корона, но тие не се толку точни. Шпан сака да ги понуди пред се на оние кои сакаат на пример да одат во посета на роднини во домови за стари лица.

Gesundheitsminister Jens Spahn (picture-alliance/dpa/M. Becker)

Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан

„Нема причина за самозадоволство!

Канцеларката Ангела Меркел се чини дека во принцип ја споделува загриженоста на министерот за здравство. Нејзиниот портпарол Штефен Зајберт вчера  (21.09.) во Берлин рече: „Немаме причина за самозадоволство  од фактот дека во Германија немавме развој сличен на тој во странство“.

Досега во Германија од коронавирусот се заразени вкупно 274.157 лица. Во последните 24 часа, тој број се зголеми за 1821, што е далеку помалку отколку во другите европски земји.

Повеќе:

-Што им прави корона-кризата на Германците?

-Коронавирус: Може ли Европа да избегне втор целосен карантин?

-Коронавирус: Повеќе заразени, помалку болни

Сепак, ситуацијата во германската покраина Баварија станува сè посложена. Во главниот град на покраината, Минхен, властите регистрираа повеќе од 50 нови случаи на 100.000 жители неколку дена по ред. Оваа вредност се смета за критична граница.

Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер објави дека од овој четврток луѓето ќе мора да носат маски на сите јавни места и на отворено, како и тоа дека ќе им биде дозволено на најмногу пет лица или членови на две семејства / домаќинства јавно да се собираат. „Мораме да сториме се што можеме за да избегнеме собирање луѓе, а тоа особено се однесува на прославите и на забавите“, нагласува Рајтер.

Тоа многу потсетува на прописите што беа воведени во април, на почетокот на корона-кризата.

„Лекомисленост и неразумност“

Премиерот на Баварија, Маркус Зедер исто така е многу загрижен и не ги штеди од критики и граѓаните: „Организираните собирања не се навистина проблем, имајќи предвид дека постојат софистицирани концепти за хигиена“. Но, невниманието и ирационалноста на приватните прослави се проблематични. „Не можете да ги загрозувате животите на другите поради радоста на поединците“, рече Зедер за баварскиот јавен сервис Бајерише Рундфунк.

Сепак, Зедер не го критикуваше концептот што се применува во рестораните и пабовите од викендот, наместо откажаниот Октоберфест. Под строги хигиенски мерки, со заштитни маски и физичка дистанца, таму има и свирки, па на тој начин се евоцира барем дел од атмосферата на Октоберфест.

Голем број новозаразени и во Берлин

Истовремено, градот-покраина Берлин ја престигна Баварија кога станува збор за бројката на нови инфекции на 100.000 жители во период од 7 дена. Реакцијата на надлежниот берлински сенатор за здравство, Дилек Калајчија, е слична со реакцијата на сојузниот министер за здравство Шпан: заштитата на постарите сограѓани сѐ уште функционира, но мора да се смета на тоа дека инфекциите, кои во моментов се претежно раширени меѓу помладите, сѐ повеќе ќе се пренесуваат и на постарите категории од населението.

Deutschland Berlin | Coronavirus | Illegale Party Hasenheide (DW/T. Kondratenko)

Илегални корона-забави

Затоа бројките на хоспитализирани и смртни случаи би можеле да пораснат. Во споредба со другите германски покраини е тешко, бидејќи Берлин истовремено е и град и сојузна покраина, а бројот на заразени е сѐ уште повисок во градските отколку во руралните подрачја.

И покрај зголемениот ризик од коронавирусот, повеќе покраински премиери се залагаат за тоа во Германија сепак да се одржат многу популарните божиќни пазари, па макар и во значително намален облик. „Постои емоционална потреба за овој вид нормализација“, изјави премиерот на Тиринигија Бодо Рамелов за весникот „Велт“.

Останатите премиери на покраини се занимаваа, меѓу останатото, и со тоа на овие пазари да се намали конзумирањето на алкохол. Портпаролот на канцеларката, Штефен Зајберт, недвосмислено изјави дека „не е време за чекори кои водат кон отворање“.

Канцеларката Ангела Меркел планира повторно да се сретне со покраинските премиери за да разговараат за коронавирусот. Тогаш веројатно ќе се разгледа и прашањето за отворање на божиќните пазари во Германија.

 

Реклама