Германија: Од недела, С. Македонија на листата земји со висок ковид-ризик | Информации и анализи за Германија | DW | 20.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија: Од недела, С. Македонија на листата земји со висок ковид-ризик

Поради растечкиот број на новоинфицирани со коронавирус, германската влада ги прогласи Северна Македонија, Косово, Крит и други грчки острови за подрачја со висок ризик.

Веќе од недела (22.08.2021), на германската листа на подрачја и земји со висок ризик од коронавирус се ставени С. Македонија и Косово од балканските земји, грчкиот остров Крит и неколку други острови во јужен Егеј, како Родос, Кос, Миконос и Наксос, како и неколку региони во Ирска, додека од листата се симнати делови од Шпанија: Канарските Острови, Каталонија, Валенсија, Кастилја и Астурија, кои досега важеа за високоризични корона-подрачја, соопшти денеска Институтот Роберт Кох. Со тоа на германската „црвена листа" ќе има околу 70 земји, кои целосно или делумно имаат статус на високоризични во однос на Ковид-19. 

Патниците кои доаѓаат од земји со висок ковид-ризик, а не се вакцинирани или ја немаат прележано болеста, мора да одат во десетдневен карантин. Тој може да биде прекинат по петтиот ден, со приложување негативен корона тест.

-повеќе:

Германски печат: Берлин планира да ја стави Северна Македонија во групата земји со висок ризик

ЕУ даде зелено светло за македонските сертификати за вакцинација против Ковид-19

Германија ги заостри мерките за влез на невакцинирани патници

За целосно вакцинираните и оние кои ја прележале инфекцијата, не постои обврска за карантин.

За региони со висок ризик може да се прогласат подрачја каде бројот на инфицирани е особено голем во споредба со инциденцата во Германија. Индиција притоа е седумдневна инциденца која е над 100. Покрај тоа, за региони со висок ризик може да се прогласат и подрачја каде според квантитативни и квалитативни критериуми (брзина на ширење на вирусот, висок број на хоспитализирани, оптовареност на здравствениот систем, низок број на тестирани, а притоа висок број позитивни или недоволно доверливи епидемиолошки податоци) може да се очекува опасен развој на заразата.