Германија на чекор до нова влада | Свет | DW | 12.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија на чекор до нова влада

Двете најголеми политички партии во Германија, ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел и СПД на Мартин Шулц се согласија да започнат преговори за формирање на коалициска влада, нивна втора едноподруго.

„Нов почеток за Европа, и нов почеток за Германија“. Така германската канцеларка Ангела Меркел ги оцени успешните сондирачки разговори на нејзината Христијанско-демократска унија со социјалдемократите околу формирањето на новата влада во Берлин. По маратонски 24-часовни преговори кои завршија рано утрово, двете партии се договорија да започнат формални преговори за формирање на коалициска влада.

Сондирачките разговори финишираа со документ на 28 страници кој ги опфаќа сите клучни политики на идната влада. Компромис е постигнат за цела серија прашања и политики: од даноците преку миграцијата па сѐ до здравствена нега.

Меркел утрово призна дека не била убедена оти преговорите ќе успеат. Шефот на СПД, Мартин Шулц, пак, рече дека во сондирачките разговори биле постигнати „извонредни резултати“.

Според протечените информации од постигнатиот компромис, ова се најзначајните резултати од преговорите:

- Постепено укинување на солидарниот данок наметнат по повторното обединување на Германија, а со кој се финансираше транзицијата во сиромашните источни покраини

- Инвестиции од речиси 6 милијарди евра во образование, истражување и дигитализација до 2021 година.

- Балансиран буџет без нови долгови

- Признавање на климатските цели за 2020, 2030 и 2050 година

- Донесување закон кој ќе гарантира намалување на штетните емисии на јаглерод диоксид за 55 проценти до 2030

Deutschland Sondierungsgespräche Papier (Twitter/Dorotee Bär)

Договорот на 28 страници за коалицирање на ЦДУ и СПД

- Обезбедување на 65 проценти од енергијата од обновливи извори до 2030 година.

- Ограничување на миграцијата во Германија и Европа за да се спречи повторување на напливот на бегалци од 2015 година.

- Ограничување на 1.000 месечно на бројот на луѓе на кои им е дозволено да му се приклучат на своето семејство во Германија, а кои имаат статус на бегалци

- Ограничување на приемот на бегалци годишно на околу 200 илјади луѓе

- Зајакнување на кохезијата во Европа, со Германија која ќе игра активна улога во дебатата за зајакнување на европската интеграција.

- Отфрлање на протекционизмот, изолационизмот и национализмот

- ЕУ да преземе водечка улога во заштитата на климата на меѓународен план

- Засилување на Европскиот парламент и зајакнување на финансиите на ЕУ - Германија е подготвена да плаќа повеќе во буџетот на ЕУ

- Зајакнување на француско-германската соработка

Успехот во договарањето на општите цели не значи автоматски дека формирањето на новата влада е завршена работа. За коалицијата со конзервативците на 21 јануари ќе мора да се изјасни конгресот на социјалдемократите. Во партијата на Мартин Шулц владее извесен отпор против нова коалиција со Меркел, а за аминување на договорот на демократски начин - со гласање, ќе треба да се изјаснат сите членови на социјалдемократската партија.

По катастрофалниот резултат на изборите на 24 септември минатата година, социјалдемократите првично се изјаснија дека немаат намера повторно да коалицираат со Меркел. Таквиот став се промени откако пропаднаа преговорите на конзервативците со Либералите и Зелените, а земјата се најде на работ на политичка криза која води кон предвремени парламентарни избори.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер апелираше до двете партии да ја имаат на ум и својата одговорност кон Европа, а не само кон своите партии и гласачи. 

Според проценките, новата влада во Германија би можела да се очекува околу Велигден. 

DW.COM

Реклама