Германија: Кој, кога и како ќе биде вакциниран против коронавирус | Информации и анализи за Германија | DW | 10.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија: Кој, кога и како ќе биде вакциниран против коронавирус

Скоро ќе стигне вакцина и со тоа крај на пандемијата на коронавирус! За жал, не е така, зашто остануваат низа предизвици. Германија се обидува да се подготви за периодот на вакцинирање

Ниту во ЕУ, ни во Германија уште не е издадено одобрение за производство на вакцина против коронавирус, но неколку потенцијални кандидатки се во последната тест-фаза. Остануваат отворени неколку прашања: која или кои вакцини ќе добијат дозвола, колку дози ќе има на располагање и кој ќе има предност за вакцинирање?

Германија веќе работи со полна пареа на „хардверот" – организација и логистика за вакцинирање низ цела земја. Владата и 16-те сојузни покраини, кои законски се надлежни за заштита преку вакцинирање, планираат заедничка соработка, поделба на задачите и изградба на нова структура. Покраините треба да формираат државни центри за вакцинација, ќе ги има вкупно 60, вклучувајќи и ултраладилници со температура до минус 60 степени Целзиусови за овозможување посебни услови за складирање. Владата ќе ги обезбеди и плати вакцините и ќе помага при лиферувањето. Ќе бидат формирани и вакцинирачки екипи со задача на пример да ги имунизираат станарите и персоналот во старечките и домовите за нега.

Повеќе на темата:

Вакцината против коронавирус на „Фајзер“ e 90% ефикасна

Коронавирус: Вакцинирање во Германија уште пред крајот на 2020?

Германија: „Веројатни“ се повеќе корона-вакцини

„Успех би бил ако корона-вакцината барем го ублажи текот на болеста“

„Софтверот" ќе биде поголемиот предизвик, односно прашањето според кои правила кој, кога и како ќе биде вакциниран. Во првата фаза ќе важи принципот на приоритет, почетно многу строго, а постепено во помала мерка. Оваа етапа можеби ќе трае со месеци, изјави германскиот сојузен министер за здравство, Јенс Шпан.

Планот за приоритет предвидува вакцинацијата прво да ја спроведуваат центрите за имунизација. Дури во втората фаза ќе бидат вклучени матичните лекари и ќе вакцинираат лица со помалку строго првенство.

Гледај видео 01:41

Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот

Кој спаѓа во групите кои први ќе добијат вакцина?

Конкретната распределба на вакцината, која во почетокот нема да ја има во големи количини, е комплексно прашање. Во креирањето на планот владата вклучи експерти од Советот за етика, Националната академија за науки Лаополдина и Постојаната комисија за вакцини во Институтот Роберт Кох. Собирот на  стручњаците од овие институции на политиката ѝ ги презентираше своите препораки, чија цел е да се погрижат за праведен и регулиран пристап до вакцина.

Во прва линија се предвидува спречување на тешка форма на болеста и смртни случаи кај луѓето со сигнификантен висок ризик. Потоа следува заштита од инфекција на оние кои се грижат за болните и посебно загрозените стари лица.

Истовремена цел е оневозможување на ширењето на вирусот преку „мултипликатори" на пример во старечките домови, каде живеат голем број здравствено загрозени луѓе и каде потенцијалот за настанување жаришта е висок. Крајно, мора да се обезбеди функционирање на јавниот живот, во оваа категорија спаѓаат на пример наставниците или пожарникарите, полицијата и вработените во заводите за здравствена заштита.

Засега вкупните планови уште не се целосно конкретизирани, истакна претседателот на Комисијата за имунизација Томас Мартенс во Берлин. „Тоа е нормално, зашто стратегијата за вакцинација ќе ја планираме детално дури кога ќе биде одобрена вакцина". Дури тогаш ќе биде издадена национална препорака за вакцинирање, чија примена е во надлежност на сојузните покраини. Тековните тестови за Ковид-19 актуелно нудат уште премалку податоци и последично многу непознати варијабли. Сепак, до крајот на годината ќе може да се подготви матрица со поточна хиерархизација, како што стои во заеднички усвоен документ.

Што ѝ советуваат експертите на политиката

Во моментот кога „хардверот" и „софтверот" ќе бидат функционално спремни, ќе требаат соодветни корисници и добри „софтвери за заштита против штети". Вакцинацијата треба да биде доброволна, гласи неподеленото мислење на експертите и на канцеларката Ангела Меркел. Меѓутоа, сузбивање на инфекционата динамика може да биде овозможено само преку имунизација на 55 до 65 проценти од  населението во Германија – бројка наведена од министерот за здравство. Во Германија притоа не е мал бројот на антиваксери. Дури и за вакцината против сипаници, со кои е можно значително побрзо инфицирање отколку со Ковид-19, кај одделни граѓани постојат задршки.

Успешна кампања за вакцинирање е задача токму на политиката, истакнуваат експертите, советувајќи транспарентност, добра комуникација и јасна парламентарна регулатива. Во Бундестагот и меѓу народот во последно време се присутни жалби за начинот на донесување на антикорона мерките – имено, со заобиколување на парламентите. Важно е кон населението да се пристапи со респект и со разјаснување на дилемите, подвлече претседателот на Леополдина, Гералд Хауг.

Германскиот министер за здравство е задоволен од експертските препораки, тој се заложи за широка општествена дебата, почнувајќи од домот, па до работното место на граѓаните. Во однос на веројатно првично ограничениот контингент на вакцини, Шпан е свесен дека прво ќе треба да се „утешат" луѓето кои всушност сакаат да бидат вакцинирани, а за тоа се потребни добри аргументи. Зашто, кој ќе се вакцинира во првата фаза не одлучуваат лекарите, туку политиката. 

Планиран е централен мониторинг

Веќе сега дебати иницира еден друг пункт, барем кај дел од новинарите. Сите лица кои примиле вакцина треба да бидат внесени во централна датотека. Кај корона-предупредувачката апликација, поради заштита на личните податоци и заради заштита од хакери, Германија се одлучи за децентрализиран модел. Сега Комисијата за имунизација инсистира на брз пристап до податоците, меѓу другото и заради следење на евентуалните придружни дејства и искуствата со новите вакцини. За жал, во Германија не постои централен регистар за вакцинираните, како на пример во Финска, изјави претседателот Мартенс.

Значи, колкумина ќе бидат фактички вакцинирани во првата фаза, уште не е дефинитивно решено. Исто така ни тоа кога може да се започне со вакцинирање. Експертите предупредуваат од преголеми надежи во брзо враќање кон поранешниот живот . Дури и кога ќе почне вакцинирањето, контактите поради ниските имунизирачки квоти ќе мора да останат редуцирани.

 

Реклама