Германија: Кавга околу протерувањето бегалци | Свет | DW | 23.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија: Кавга околу протерувањето бегалци

Германските покраини го заострија односот кон одбиените баратели на азил минатите години. Во 2016 година досега се протерани 14.000 апликанти, меѓу кои и бројни болни луѓе. Лекарите ја критикуваат праксата.

Посебна ригидност во односот кон мигрантите пројавува покраината Северна Рајна Вестфалија. Според информациите на дијаконијата Рајнланд Вестфален, минатите четири години бројот протерани лица транспортирани преку аеродромот во Диселдорф тројно пораснал - од 1200 на 3600. Зачестено меѓу нив се наоѓаат болни мигранти, во најголем дел по потекло од Балкан и од Турција.

Многумина засегнати страдаат од болести како дијабетис, висок крвен притисок, рак, сида или сериозни психички заболувања. „Од усвојувањето на новите правила за азил пролетта годинава, од протерување се изземени само лица со најтешки заболувања, кај кои репатријацијата би ја влошила болеста“, вели Далиа Хене, една од задолжените за следење на постапката на протерувањето.

„Право на адекватна проверка на заболувањето“

Критика на оваа тема стигнува и од Комората на Сојузот на психотерапевти од Берлин, БПфК, која ги отфрла новите правила за азил. „Инсистираме сериозните или животно загрозувачки психички болести да бидат сврстени меѓу оние кои го оневозможуваат протерувањето. Бегалците со психички проблеми имаат право на правилна проверка на нивната болест“, истакнува претседателот Дитрих Мунц.

Dr. Dietrich Munz

Д-р Дитрих Мунц

Нему трн в око посебно му е пасусот во законскиот текст според кој како причина да се избегне протерувањето мора да постои опасност од драстично влошување на болеста. „Таков случај е можен како кај депресиите, така и кај посттрауматските заболувања. 40 проценти од пациентите со пострауматски заболувања веќе имале планови за самоубиство или се обиделе да си го одземат животот. Освен тоа, голема е веројатноста од влошување на оваа болест ако заболениот повторно е вратен на местото поврзано со неговото трауматско искуство“, потенцира Мунц.

Но, присилното протерување не се спроведува секогаш. Информациите на Министерството за внатрешни работи велат дека од јануари 2015 до јуни 2016 година се прекинати преку 600 протерувања. Често пилотите одбиваат да примат одредени бегалци, некои не може да бидат депортирани поради акутна болест.

Остри тонови од политиката

Контрареакција од полицијата и политичарите: зад критиката на лекарите и адвокатите тие насетуваат намера за спречување на налозите за присилно протерување. Претседателот на Германскиот полициски синдикат Рајнер Венд и политичарот од ЦСУ, Ханс-Петер Фридрих пледираат за побескомпромисно протерување на одбиените баратели на азил. Во игра е „индустрија на спречување на протерувањето“, изјави Венд за весникот „Билд“. Фридрих, поранешен министер за внатрешни работи и заменик-претседател на пратеничката група на Унијата во Бундестагот, истакнува: „Оној кој дозволува одбиените баратели на азил на ваков начин да ја влечат државата за нос, ја уништува довербата на граѓаните во ефикасноста на државата. За таа цел потребна е итна промена на регулативата.“

Директорот на Про-азил Гинтер Буркарт ја отфрла изјавата на Венд за постоење „антипротерувачка индустрија“ како обична пропаганда. Германија е правна држава, во која судовите ги коригираат погрешните одлуки на службите. Тоа треба да му е јасно на господин Венд, вели Буркарт. Но, и сојузниот министер за внатрешни работи, Томас де Мезие излезе со став - дека во оценките на медицинарите претпоставува владење на тактика услужна пристрасност.

Deutschland Abschiebung Polizei

Германија го забрзува протеривањето

Несигурност во лекарската бранша

Тоа предизвика незадоволство меѓу медицинарите. Експерти како Далиа Хене тука ја препознаваат сферата на тензии во која се наоѓаат лекарите. „Познато ми е е дека меѓу лекарите владее голема несигурност во врска со т.н. медицински потврди за можност од протерување на бегалците. Пред новиот закон за азил, доволна беше медицинска или потврда од психолог, на пример за степенот и последиците на одредено хронично заболување, која можеше да доведе до привремено одложување на постапката за протерување. Сега се признаваат само потврди кои не се постари од 14 дена и издадени под строги правила. Прашање е колку е еден лекар во состојба во најкратко време и најчесто без поддршка од преведувач, се‘опфатно да дијагостицира или да исклучи акутна болест која може да биде индикатор за протерување.“

Постојат и натамошни ограничувања, укажува Хене: „Воопшто веќе не се прифаќаат вештачењата од психотерапевтите. Тоа оди дотаму што одбиените баратели на азил се отпуштаат дури и од психијатриските клиники, кои всушност би требало да бидат прибежиште за погодените луѓе. Тоа го дознав од Психосоцијалниот центар од Диселдорф, кој со години врши третман на трауматизирани бегалци,“ вели Хене.

Општоважечки стандарди во државата

Од таа причина Хене бара коренити промени во односот кон бегалците загрозени од протерување. „Итно е потребна промена на интерпретацијата и примената на новите правила за азил. Потребни ни се стандарди за протерување на одбиените болни баратели на азил важечки во цела држава.“

Но, заострената пракса во протерувањето се заканува во идните години да предизвика пораст на репатријацијата на бегалци. Тоа барем го кажуваат бројките. Така, до 30 јуни 2016 година во Германија живееле речиси 550.000 одбиени баратели на азил. Многумина од нив имаат право на неограничен престој и во меѓувреме се вклопиле и немаат врски со татковината. Но, на 215.000 бегалци им се закнува протерување.

DW.COM

Реклама