Германија и Франција во судир поради ЕУ преговорите за С. Македонија | Северна Македонија | DW | 11.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Германија и Франција во судир поради ЕУ преговорите за С. Македонија

Француски дипломати денеска повторно најавија дека планираат да го блокираат почетокот на преговорите за членство во ЕУ со С. Македонија и Албанија. Меркел во недела ќе го убедува Макрон да даде зелено светло за Скопје.

Официјален Париз не отстапува од намерата да го блокира почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија на министерскиот совет во Луксембург следната недела, известува германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на дипломатски извори. Ваквиот потег ја носи Франција во директен судир со мнозинството земји-членки на ЕУ, и особено со Германија која, по одлуката на Бундестагот, инсистира да се исполни ветеното кон Скопје и Тирана.

Париз незадоволен од реформите

Париз тврди дека реформските напори во обете земји не се доволни и бара фундаментални промени во процесот на пристапување како предуслов за почеток на преговорите, велат дипломатски извори. Меѓудругото, Франција смета дека процесот е премногу технички и е тешко да се сопре доколку нема позитивен развој.

Во германската влада им контрираат на француските тврдења со став дека двете земји ги исполниле сите услови кои од нив ги бараше Европската комисија. ДПА констатира дека блокадата ќе биде особено горчлива за Северна Македонија која во меѓувреме се согласи да го промени своето име со цел да напредува во ЕУ интеграциите.

Но, Берлин, не е единствениот кој на францускиот потег гледа со неразбирање и лутина, пишува ДПА, дополнувајќи дека таквиот став го споделуваат и многу други земји-членки на ЕУ.

„Оној кој сега ќе го блокира процесот на пристапување ќе сноси одговорност за можната дестабилизација на нашето соседство“, вели дипломатски извор на ДПА.
Последната шанса за промена на францускиот став се очекува да биде средбата в недела меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Се надеваме дека Париз уште еднаш ќе размисли за својата позиција и дека нема да дозволи да биде изолиран во Европа од внатрешно-политички причини“, вели дипломат во Брисел. Тој смета дека францускиот државен врв го одбива почетокот на преговорите од страв дека од тоа ќе профитираат десните популисти на Марин Ле Пен.

Компромисно решение од Берлин

Минатата недела, водечките претставници на ЕУ, меѓу нив и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и идната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со заедничко писмо побараа да се отворат вратите за почеток на преговорите за членство на С. Македонија и Албанија во ЕУ.

Гледај видео 01:13

Меркел и Макрон со пофалби за Северна Македонија

Франција, според изјавите на анонимни дипломатски претставници на оваа земја, бара ново одложување на преговорите, овојпат за „некогаш во 2020 година“.

„Ништо нема да се постигне со уште едно одложување, но многу ќе се загуби со создавањето на стратешки вакум во југоисточна Европа“, вели дипломатски извор во Брисел.

Минатиот петок (04.10) а во пресрет на одлуката на ЕУ, германската влада во Брисел достави доверлив нацрт-предлог заклучок со кој се бара почеток на преговорите со С. Македонија веднаш, и одложување на преговорите за Албанија до исполнување на дополнителните услови кои ги постави германскиот Бундестаг. Берлин предлага првата меѓувладина конференција со Скопје да се одржи до крајот на 2019 година, додека со Тирана дури откако ќе се исполнат дополнителните услови, со цел да го ублажи отпорот во скептичните држави како Франција, Холандија и Данска.

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама