Германија и САД загрижени поради исламскиот екстремизам на Балканот | Свет | DW | 25.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германија и САД загрижени поради исламскиот екстремизам на Балканот

Опасноста од исламскиот екстремизам на Балканот деновиве повторно се актуелизира на високо ниво со последниот извештај на германската влада и расправата во американскиот Конгрес на таа тема.

Во ист ден (17 мај) минатата недела, најпрво германската влада, а потоа и американскиот Стејт Департмент преку заменикот помошник државен секретар Хојти Ји предупредија на опасноста која на Балканот му се заканува од исламскиот екстремизам и зголеменото влијание на радикалните верски учења во регионот кои, претежно доаѓаат од Саудиска Арабија. Иако двата настани не беа меѓусебно поврзани, загриженоста која ја искажаа две водечки држави на западниот свет во однос на радикализацијата на поединци и групи и можните последици, не само за Балканот, туку и за Европа е досега едно од најсериозните предупредувања на оваа тема.
Германската влада, на пример, констатираше раст на исламистичкото влијание преку Саудиска Арабија и други држави од Заливот на Западниот Балкан, но особено на Косово каде преку активности на разни организации се шири вахабистичката интерпретација на Исламот.
Во извештајот, кој беше изработен како одговор на пратеничко прашање во Бундестагот, нема проценка за можните последици во регионот или во конкретната земја, но тие проценки можеа отворено да се слушнат за време на расправата за состојбата на Балканот која на 17 мај беше организирана во подкомитетот за Европа на американскиот Конгрес.

Опасност од повратниците


Заменикот државен секретар Хојт Ји предупреди дека Исламската држава и други насилни групи „успеваат да регрутираат борци и поддржувачи на Балканот“. Дополнителна опасност се повратниците од военото поле кои не само што можат да предизвикаат насилство во регионот, туку истото да го извезат и понатаму кон запад или север на европскиот континент.

Hoyt Brian Yee (Daniel Mihailescu/AFP/Getty Images)

Хојт Ји во Конгресот предупреди од опасноста од исламскиот екстремизам на Балканот


А такво нешто веќе со години, ако не и со децении се случува. Од Анис Амри, џихадистот кој го предизвика масакрот на божикниот пазар во Берлин во декември 2016, преку Абделила Химиш- кој учествувал во организацијата на нападите во Париз (ноември 2015) и Брисел (март 2016), па се до Насер бин Али Анси кој се смета за одговорен за нападот врз редакцијата на францускиот весник „Шарли Ебдо“- сите, на еден или друг начин имале некаква врска со Балканот, без оглед дали соработувале со луѓе од овој регион, минувале или престојувале во него или учествувале во војните на просторите на поранешна Југославија во 1990-те години. Бројот на потенцијалните екстремисти или терористи кои минале низ ткн. балканска рута за време на бегалската криза, засега, никој не се осмелува ниту да го процени.

Податоците кои во американскиот Конгрес ги изнесе Гордон Бардос, експерт за регионот на Југоисточна Европа даваат детален увид не само во „посредничката“ улога, туку и во опасноста која доаѓа директно од регионот. 
„Мораме да и ставиме крај на заканата од ширењето на исламистичките терористички мрежи во регионот. Необраќањето внимание кон овој проблем им даде на овие групи оперативен простор и време за да растат, и да го користат регионот како регрутен простор и платформа за напади ширум светот“, вели Бардос.

Bosnien und Herzegowina - König Fahd-Moschee in Sarajevo (DW/Z. Ljubas)

Џамијата на кралот Фахд во Сараево

Домашни келии

„Домашни“ балкански екстремисти во повеќе наврати беа откриени при организација на терористички напади. Во декември 2015, косовската и италијанската полиција открија четворица Косовци кои планирале да извршат атентат врз Папата Франциско. Во ноември 2016 беше откриена мрежа од 19 лица на Косово кои планирале „синхронизирани терористички напади“ во Албанија и Косово за време на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Албанија и Израел во Елбасан. Повеќе акти на насилство со исламистичка позадина во изминативе години се случија и во БиХ.
Севкупно, проценките на Бардос велат дека најмалку 1.000 луѓе од Балканот им се приклучиле на џихадистичките движења во Сирија и Ирак. Проценките се дека од западно европските, односно ЕУ членките, со население од околу 510 милиони луѓе, на блискоисточните боишта заминале околу 5.000 џихадисти. За споредба, од шесте западнобалкански држави (Албанија, БиХ, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија) со вкупно население од 20 милиони луѓе, заминале најмалку 1.000. Ако се земе предвид дека исламот е доминантна религија во три од овие шест држави, соодносот на бројот на населението со вкупниот број џихадисти е уште повеќекратно повисок. Притоа и без да се земат в предвид проценките на регионалните експерти кои тврдат дека само од Косово во џихад заминале повеќе од 1.000 луѓе. Албанскиот безбедносен експерт Илир Кула тврди дека бројот на џихадисти од регионот, доколку се земе предвид и балканската дијаспора, се мери „во илјадници“. 

Frankreich Terror in Paris Opfer (Reuters/P. Wojazer)

Во нападот во Батаклан во Париз била користена муниција од Балканот, тврди американскиот експерт

Балканското оружје

На сите тие податоци треба да се додаде и фактот дека Балканот игра важна улога и во вооружувањето на терористите во Европа. Како „наследство“ од војните во екс Југославија и сломот на албанската држава во 1997, регионот е преплавен со оружје од најразличен калибар кое може да се набави релативно ефтино. А дека тоа се случува потврда се и нападите врз „Шарли Ебдо“ и во Батаклан во Париз- во обата случаи користено е оружје произведено на Балканот, слично како и користената муниција во нападот врз аеродромот во Брисел.

Во екот на бегалската криза и кусо потоа, опасноста од исламскиот екстремизам на Балканот редовно наоѓаше простор во медиумските извештаи и во политичките изјави. Оттогаш, темата за првпат се актуелизира на високо ниво со последниот извештај на германската влада и расправата во американскиот Конгрес.
Ведран Џихиќ од Универзитетот во Виена кој долги години го истражува овој феномен во интервју за ДВ објаснува дека проблемот реално постои, но предупредува и дека истиот не треба да се предимензионира. На прашањето зошто во САД и во Германија сега се актуелизира оваа тема, Џихиќ вели дека „се работи за едно генерално чувство и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин дека доста работи на Западниот Балкан тргнаа наопаку". Целото интервју со професорот Џихиќ можете да го прочитате на следниот линк.

 

DW.COM

Реклама