Германија и Ковид-19: Меѓу копнежот за отворање и следниот бран | Информации и анализи за Германија | DW | 25.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија и Ковид-19: Меѓу копнежот за отворање и следниот бран

Иако ситуацијата со инфекциите тоа не го дозволува, владата подготвува етапен план за излез од локдаунот. Германија се наоѓа меѓу чеканот и наковалната.

Германската канцеларка Ангела Меркел, се разбира, знае дека на луѓето во Германија им е преку глава од корона-рестрикции. „Постои оправдан копнеж по стратегија за отворање“, рекла Меркел неодамна на партиски собир на ЦДУ.

Етапен излез од рестрикциите?

Канцеларката размислува за постепено напуштање на ограничувањата, откако во понеделникот во повеќе покраини повторно отворија детските градинки и училишта, на ред би дошле училиштата за дуално образование. И, она што најкопнежливо го чекаат бројни луѓе – олабавување на ограничените контакти. Моментно е дозволена средба со само уште едно лице надвор од семејството. Натамошен чекор би бил повторно отворање на културните институции и рестораните, би бил дозволен и спорт во групи на отворено, сето ова во неколкунеделен ритам од почетокот на март. Би можело.

Бројките на инфицирани се всушност превисоки

Но, само што протече фазниот план на Меркел, навалија цела низа лоши вести на тема коронавирус. Многу од политичарите беа шокирани и револтирани од викенд-сцените: пролетните температури и сонцето ги измамија Германците масовно да излезат надвор. Во Хамбург, во парковите во Берлин или Минхен, насекаде исти слики: на импровизираните штандови луѓето купуваа пијалоци, од дистанца ни трага, ни оддалеку не носеа сите маски. Фешта за коронавирусот, коментираа многумина.

Кабинетот на Меркел останува скептичен

И шефот на кабинетот на Меркел, Хелге Браун, излезе со отрезнувачки изјави: актуелните бројки не нудат никаков повод за оптимизам. А шефот на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Ралф Бринкхаус за јавниот сервис АРД изјави: „Едно нешто би било многу, многу лошо: кога сега би се одлучиле на отворање, а потоа по три или четири недели да мораме да правиме чекор наназад“. Политиката е растргната меѓу копнежот на луѓето и стравот од следен бран на коронавирус.

Deutschland | Coronavirus | Berlin öffnet drittes Impfzentrum

Вакцинацијата бавно напредува

Експертите веќе очекуваат следен бран

Зашто, повеќе експерти тврдат – третиот бран е веќе тука: без оглед на локдаунот, затворените ресторани, кина и театри, бројките на инфицирани и на почетокот од оваа недела стагнираат, нема веќе пад, дури повремено и мал раст. Виновник е очигледно т.н. британска мутација на коронавирусот, доста позаразна, на неа во Германија во меѓувреме отпаѓа речиси една четвртина од сите инфекции. Во секој случај, и етапниот план на Меркел, слично како и размислувањата во покраините, поаѓа од тоа да се почне со претпазливи олабавувања на рестрикциите дури тогаш кога со вирус нема да се инфицираат повеќе од 35 луѓе на 100.000 жители во рок од една недела. Моментно овој индикатор во земјата изнесува 60,5, речиси двојно повисок.

Левица: „Владата конечно излезе со некаков план“

Значи,опуштање не е на повидок. Сепак, шефот на кабинетот на Меркел, Хелге Браун со покраински претставници работи на усогласен документ за кој Меркел на 3 март ќе дискутира со покраинските премиери. Според пратеникот од Левица, Јан Корте, ова е добар знак – владата конечно ја напушта стратегијата на комплетно затворање или комплетно отворање. „За поздравување е што некој во владата планира нешто правовремено во корона-кризата, а не само едноставно да реагира. Но, јас очекувам ниту владата ни пак покраините да преземаат еднострани чекори, туку да се дискутира во Бундестагот и во покраинските парламенти и да постои заеднички договорен процес.“

Дростен: „Мора да се врши широка вакцинација!"

Од една страна желба за олабавувања, од друга страна загриженост кај експертите: врвни германски виролози интерно се изјасниле за што помасовно вакцинирање на луѓе со прва доза, онака како што направи британската влада, која најавува до јуни да ги укине сите ограничувања. Германија, напротив досега уште се придржува на планот прво комплетно да се имунизираат посебно ризичните групи како стари лица во домови, негувателскиот персонал и  лекарите и тоа со две дози.

Deutschland Virologe Christian Drosten

Вирологот Дростен: Да не се бара влакно во јајцето

А познатиот виролог Кристијан Дростен, професор во болницата Шарите во Берлин, упати речиси молбени апели да не се одбива ни вакцината на АстраЗенека, која ја има, но се најде на лош глас и по извештаи за жестоки нуспојави наидува на скепса кај многу луѓе. Во неговиот популарен подкаст за радио НДР, Дростен порачува: „Мораме да ги вложиме сите напори за што е можно поширока имунизација. Вакцините со кои располагаме се екстремно добри наспроти она што може да се очекува. Не треба постојано да се бара влакно во јајцето, а некои тоа го прават и со лупа“.

Досега се вакцинирани 3,7 милиони граѓани во Германија

Но, токму поради лошиот имиџ на вакцината на АстраЗенека, кампањата за вакцинирање во Германија уште е во застој. Институтот Роберт Кох денеска ги објави најновите бројки – вакцинирани се во меѓувреме 3,7 милиони луѓе, додека во Велика Британија вакцина примиле 15 милиони, иако првенствено само прва доза.

 

Реклама