За кого гласаат луѓето со мигрантско потекло во Германија? | Информации и анализи за Германија | DW | 21.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

За кого гласаат луѓето со мигрантско потекло во Германија?

На изборите за Бундестагот право на глас имаат и 7,4 милиони луѓе со мигрантско потекло и германски пасош. Партиите честопати забораваат на оваа група избирачи. Како гласаат тие?

Кога за помалку од две недели на избори ќе се гласа за новиот состав на германскиот парламент, кон избирачките места ќе се упати и група која честопати се превидува од страна на политичарите и партиите: 7,4 милиони луѓе со право на глас кои имаат мигрантско потекло. Тоа се 12% од сите избирачи со право на глас во земјата.

Иако е тоа голема бројка, партиите ретко се обраќаат директно кон оваа група избирачи, укажува социологот Сабрина Мајер. Таа во моментов работи на истражување за луѓето со мигрантско потекло во Дуизбург, мултикултурен град во покраината Северна Рајна Вестфалија. Притоа, како што самата вели, честопати се вози низ градот и е малку зачудена „што во ваков град на плакатите ретко има теми со кои партиите им се обраќаат на луѓето со мигрантско потекло“.

Тоа би можело да е една од причините за нискиот одзив на изборите од страна на луѓето кои се дел од оваа група. Одзивот во оваа група на изборите во 2017 година беше 20% понизок од просекот. Тоа, ако се погледе во меѓународни рамки, не е невообичаено, вели Мајер, но е сепак повод за да се проанализира подетално. Затоа што, се заканува ѓаволски круг: „Ако една група не чувствува дека ѝ се обраќаат, тогаш излегува поретко на избори, а на тој начин се намалува поттикот на партиите да се занимаваат со теми за неа, што пак е причина за натамошен пад на одзивот.“

Мотивација за избори

Тоа е проблем кој му е добро познат на активистот Али Чан. Иницијаторот на Твитер-хаштагот#MeTwo, кој би требало да го сврти вниманието кон дискриминацијата, е роден во Турција, има курдско потекло, неговото семејство избегало во Германија во 1995 година. И Чан се бори за повисок одзив на луѓето со мигрантско потекло.

Ali Can, VielRespektStiftung, Aktivist

Али Чан: Не се успеа во тоа на луѓето со мигрантско потекло да им се даде чувство дека се дел од Германија како и сите други

Тој, меѓу другото, за изборите работеше на повеќејазична апликација која може да се спореди со популарната Wahl-O-Mat. „Во 21. век помошта при изборот би требало да е без бариери“, вели тој за ДВ. Тој е критички настроен кон фактот дека повторно активни морале да бидат самите мигрантски групи. „Не се успеа во тоа на луѓето со мигрантско потекло да им се даде чувство дека се дел од Германија како и сите други.“ Но, неопходно е и луѓето да се допрат емоционално: „Конечно, сите ние сакаме повисок одзив на изборите.“

ПовеќеИзбори во Германија: Зошто сиромашните не гласаат?

Малку научни податоци

Кон тоа треба да се додаде ситуацијата со немање доволно податоци. Само малку се знае околу тоа зошто некоја мигрантска група гласа за некоја партија. Причините се и од статистичка природа: во класичните изборни анализи бројот на учесници е најчесто премал за веродостојни заклучоци. Излез од таквата ситуација би биле истражувања специјално за оваа група, но тие чинат пари и често ги опфаќаат само најголемите мигрантски групи во земјата.

Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС), која е блиска на ЦДУ, има спроведено две вакви студии, во 2015 и 2019 година. Во фокусот се трите најголеми мигрантски групи во Германија. Тоа се луѓето со турско потекло (2,8 милиони), со руско потекло (1,4 милиони) и со полско потекло (2,2 милиони).

Повеќе: Германија: Повеќе од четвртина од населението има мигрантско потекло

Резултатот во две групи долго време бил константен, се вели во една од студиите: „Доселениците со германско потекло кои дошле од Русија натпросечно многу гласаат за партиите на Унијата, а луѓето со турско потекло за Социјалдемократите.“ Од пред неколку години, меѓутоа, „утврдените шеми“ се напуштаат, а наместо тоа има „висока партиско-политичка мобилност“. Студиите покажуваат: многу избирачи со руско потекло од ЦДУ/ЦСУ се префрлиле на гласање за деснопопулистичката АфД, додека оние со турско потекло веќе не ѝ се верни на СПД, туку наместо тоа почесто гласаат за ЦДУ/ЦСУ. Кај избирачите со полско потекло од промената на расположението на избирачите профитираат Зелените.

Bundestagswahl 2021 - Wahlplakate

Конкретни теми? На плакатите ни трага од такво нешто

Промената е добар знак

Ваквата нова мобилност на избирачите може да се оцени позитивно, односно како „процес на нормализација“, велат истражувачите на КАС. Мобилноста на избирачите се зголемила и во општи рамки, значи и кај граѓаните без мигрантско потекло. Тоа Мајер го гледа вака: „Се намалува наклонетоста кон партиите, а повеќе се одлучува врз основа на одредени теми и наместо да се гласа глобално за една партија која отсекогаш се врзувала за групата на којашто се припаѓа, се гледа кој од што е засегнат.“

Но, како што се чини, партиите не сакаат да ја зграпчат оваа шанса. „За партиите луѓето со мигрантско потекло претставуваат голем изборен потенцијал“, нагласува организацијата „граѓани за Европа“. Но, само под услов „нивната персонална понуда и програмски насоки да се прилагодени на електоратот кој е различен“.

Ако се фрли поглед кон изборните програми, се добива поинаков впечаток: „Кај сите партии кога станува збор за мигрантски теми, се тематизираат 'бегство и азил'“, критикува Информативната платформа за новинари за теми од сферата на интеграцијата. „Миграцијата поради работа или образование, која сочинува најголем дел, е ретко тема.“

Deutschland Sabrina Mayer, Universität Duisburg-Essen

Сабина Мајер: Ако една група не чувствува дека ѝ се обраќаат, тогаш излегува поретко на избори

Луѓе без германски пасош

Една група воопшто не се зема предвид, а таа е речиси исто толку голема колку и граѓаните со мигрантско потекло и германски пасош, а тоа се луѓето со мигрантско потекло кои живеат во Германија, но немаат право на глас затоа што немаат германски пасош. Тоа се 8,7 милиони луѓе. Во таа група има многу луѓе кои во Германија дошле како бегалци. Ахмад Мобајед е роден во Сирија и во Германија дошол во 2015 година. „Едноставно, фрустрирачки е да не може да се гласа, да не може да се соодлучува“, вели тој за ДВ. Дури ни за теми кои го погаѓаат директно како бегалец.

Повеќе: Германија ќе го укине „мигрантско потекло“?

Германија не е исклучок во светот со правилото на избори да може да излегуваат само луѓе со германски пасош. Во само неколку држави правото на глас не е поврзано со државјанството. Сепак, повеќе иницијативи бараат промена на регулативата во овој дел.

Ахмад Мобајед вели дека независно од тоа што сѐ повеќе Сиријци ќе добиваат германско државјанство и ќе смеат да гласаат, тој не верува „дека има напори да се разбере што им е потребно на Сиријците, што тие сакаат на претстојните избори.“ Притоа, секој вид на признание на правото на овие луѓе да бидат слушнати и активно да учествуваат во пронаоѓањето решенија, е од голема полза. „Зашто, боли да се биде изолиран и таа личност може на негативен начин да биде потисната настрана од страна на политиката“.

За да се спречи такво нешто, можат, на пример, да помогнат политичари кои и самите имаат мигрантско потекло. Такви во Бундестагот сега има само малку: од 709 пратеници кои се дел од актуелниот состав на парламентот, 58 се со мигрантско потекло.