Германија е парализирана | Свет | DW | 02.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Германија е парализирана

Од кабинетот на канцеларката се вели дека и в.д. влада е способна за дејствување. Тоа е само условно точно. Надворешнополитичките жаришта покажуваат колку е важно наскоро да се добие нова влада, оценува Јенс Турау.

Прво претседателот Франк-Валтер Штајнмајер неделава телефонски разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа и канцеларката Ангела Меркел ја повика Анкара. За што и да се зборувало, тоа е изненадувачка вест. Кога актуелните односи на Германија и Турција би ги нарекле ледено доба, тоа би биле премногу благи зборови. Затоа, секој разговор е добредојден.

Сега сепак се разговара за голема коалиција

Проблемот е во тоа што Ердоган знае дека моќта на Ангела Меркел во овој момент е ограничена. Канцеларката два часа седеше кај претседателот Штајнмајер во дворецот Белви со шефовите на СПД, Мартин Шулц, и на ЦСУ, Хорст Зехофер. Претседателот сака да спречи нови избори и да ги примора демохристијаните и социјалдемократите да формираат голема коалиција.

Сега веројатно и ќе дојде дотоа, СПД е подготвена да разговара за такво нешто, иако ги држи отворени сите опции, па и толерирање малцинска влада. Но, додека да биде формирана владата, ќе мине подолго време. Сето тоа можеби ќе трае до март. Конечно, СПД до пред само неколку недели беше цврсто решена да не влегува во голема коалиција и да остане во опозиција.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау

Ердоган, Трамп, Макрон

Меркел со Ердоган најверојатно разговарала за бегалците. Се надевам - и за Германците кои се затворени во Турција. Тоа се само два од многуте проблеми меѓу двете земји. А во Франција, претседателот Емануел Макрон чека Германија да се изјасни за неговите предлози за реформи на еврозоната и ЕУ како целина. За тоа време САД вршат брутален притисок врз сојузниците (можат ли сѐ уште така да се наречат?) за, ако затреба, прекин на дипломатските односи со Северна Кореја. Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел се снајде така што најави дека Берлин од германската амбасада во Пјонгјанг ќе повлече некои службеници. Добро решение како прва помош, но не и одраз на некаков цврст став.

Довербата е разнишана

И сето тоа се случува во време кога двете големи партии во Берлин мора да најдат заеднички јазик. Постои и многу голем проблем со довербата. Со скаменето лице, а всушност вриејќи од бес, Мартин Шулц во петокот демантираше дека е подготвен за преговори за коалиција, а ЦДУ ја обвини дека преку медиумите ја проширила таквата „лажна вест“. Двете партии не се во најголема слога.

Кога личните рани ќе зараснат, екстремно тешко ќе биде да се согласат и околу содржината. Пример Макрон: СПД стави јасно до знаење дека нема ништо против јакнење на државните инвестиции, а можеби ниту против заедничка финансиска политика во еврозоната, но Меркел е многу скептична. И, тие дискусии би можеле да потраат подолго. А да не зборуваме за несогласувањата околу внатрешнополитички проблеми, како на пример здравствената политика.

Штајнмајер е во право

Станува сѐ појасно дека германскиот претседател бил во право кога се спротивстави на нови избори и побара двете партии по секоја цена да се согласат околу голема коалиција. Во Берлин се владее, но со половина сила. Во министерствата и уредот на канцеларот многу службеници не знаат како натаму, што донекаде го намалува нивниот елан. А автократите и егоманите од двете страни на Атлантикот со една в.д. канцеларка ќе разговараат поинаку отколку со канцеларка која ја избрал Бундестагот. Германија не може да чека на нова влада до напролет. Важен е секој ден.

DW.COM

Реклама