„Германија е една од најбезбедните земји во светот“ | Свет | DW | 03.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Германија е една од најбезбедните земји во светот“

Криминалистичката статистика за лани покажува опаѓање на бројот на извршени кривични дела во Германија. Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер е задоволен, зашто криминалитетот е на најниско ниво од 1992 година.

Полицијата во Германија во 2018 година регистрирала помалку деликти отколку во претходните години, произлегува од полициската криминалистичка статистика, која ја претстави сојузниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер во Берлин. Според неа, кривичните дела, од измами до убиства, лани се намалиле за околу 200.000 случаи, паѓајќи под бројката од 5,4 милиони дела. Ова е најниско ниво од 1992 година наваму. Пораснал и бројот на решени случаи - стапката од речиси 57 проценти е историски рекорд. Посебно намалување во однос на претходната година има кај деликтите кражби, провала во станбени објекти и улични кражби. Процентот на странци меѓу извршителите е практично константен, изјави министерот, „што е спротивно на впечатокот кај јавноста“. Уделот на странски извршители на кривични дела изнесува 30,5 проценти наспроти 30,4 во 2017 година.

Тоа е повод за Зехофер да заклучи: „Германија е една од најбезбедните земји во светот“, без оглед на порастот на чувството за несигурност.

Министерот сепак не е целосно задоволен, и покрај податоците кои пружаат основа за задоволство, за успех може да се зборува само ако трендот продолжи. Во кој контекст тој спомена период од пет години, а за таа цел е потребно и персонално и предметно доопремување на безбедносните служби.

Загрижува примената на сила против полицајци

Сојузниот министер за внатрешни работи акцентот го стави и врз темата употреба на насилство против полицајци, припадници на службите за прва помош и пожарникарите. Лани владата усвои посебен казнен регистар за вакви дела, претходно тие се водеа во заедничката графа „телесни повреди“, што беше недоволно прецизно. Насилството против споменатите државни претставници е во пораст од речиси 40 проценти - во 2018 година се случиле 34.000 вакви инциденти, што секако е резултат и на посебната класификација на деликтите.

Повеќе: 

Конфискуван имотот на криминален клан во Берлин

Германија: Бројот на кривични дела се намалува, стравот се зголемува

Агресивноста против претставниците на полицијата, документирана со т.н. боди-камери (камери кои на телото ги носат полицајците и по потреба ги вклучуваат заради документирање на интервенција) е на неприфатливо ниво. „Мораме да ги заштитиме оние кои нас нѐ штитат!“, истакна Зехофер, додавајќи дека мора да постои посилна општествена почит кон полицијата.

Даркнет во визирот

Министерот посебно се осврна и на темата сајбер-криминал. Интернетот му оди на рака на криминалот поврзан со опојни средства и детска порнографија. Т.н. даркнет е платформата преку која тој главно се одвива и таму заработувачката е голема, а ризиците за откривање се мали.

Deutschland Kriminalität l Prozess im Fall der kinderpornographische Plattform Elysium (picture alliance/dpa/A. Dedert)

Зголемен број случаи на детска порнографија на интернет

Бројот на регистрирани случаи на злоупотреба на деца е зголемен за 6,7 проценти, од 11.547 на 12.321, а бројот на осомничени извршители е покачен за 5,4 проценти, на 9357 лица.

Во оваа област е потребно воведување казни против оние кои ги водат интернет платформите и модернизирање на полициската работа.

Црни бројки

И статистиката има свои граници. Во неа се опфатени само случаите за кои е поднесена кривична пријава, а „црните“ бројки се поголеми.

За да се опфатат подобро и тие, Сојузната служба за криминалистика, БКА, во преку 18 месеци изврши репрезентативна анкета со 31.000 граѓани за нивното субјективно чувство на безбедност. Таа нуди интересни резултати, истакна шефот на БКА, Холгер Минх.

Помалку од еден процент на испитаниците биле жртва на поголеми деликти; кривична пријава најчесто не била поднесувана првенствено кај сајбер-криминалот, што значи тука постојат поголеми црни бројки; девет проценти од испрашаните очекуваат да бидат жртви на терористички напад; 21 процент се чувствувале несигурни во сопственото станбено опкружување, што е висок пораст, зашто во претходната година бројот бил 7,3 проценти. Натпросечно е чувството на несигурност кај жените и мигрантите и генерално во источна Германија.

„Ден на студии“

За ситуацијата во источна Германија во Берлин вчера беше претставена и друга студија. Податоците се добиени од тамошните советувалишта за жртви од десноекстремно насилство. Таму се регистрирани 1212 случаи, осум проценти повеќе во однос на 2017 година, а во нив се опфатени и антисемитските напади.

Освен тоа, вчера се објавени и бројки од криминалистичка област која не се води во полициската статистика. Во 2018 година во цела Германија биле регистрирани 813 напади врз муслимани и џамии, што е помалку отколку во претходната година, кога биле регистрирани 950 деликти. Но, бројот на повредени е зголемен од 32 на 54 лица. Се смета дека и овде постојат повисоки  црни бројки, зашто воопшто не се опфатени многу секојдневни напади, навреди и дикриминација против муслиманите. Се претпоставува дека извршители на речиси сите овие дела се десничарски екстремисти.

DW.COM

Реклама