Германија: Еутаназијата е повторно легална | Свет | DW | 27.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Германија: Еутаназијата е повторно легална

Уставниот суд на Германија го укина членот 217 од кривичниот закон со кој беше забранета помош при самоубиство. На таквата одлука се надеваа многу тешко болни пациенти.

„Би сакала да можам да си заминам кога веќе нема да можам да ги издржувам болките“, му вели Мелани С. на лекарот Лукас Радбрух на Универзитетската клиника Бон-Венусберг. Оваа 63-годишна жена има рак на белите дробоови во поодмината фаза. Посебно ја плаши можноста дека веќе нема да може да голта и дека ќе се задуши. Такво нешто не сака да доживее при полна свест. Мелани размислува за можностите за медицинска помош при самоубиство.

Но, таков вид самоубиство досега беше забранувано со членот 217 од германскиот кривичен закон, донесен во декември 2015 година. Целта на законот беше на здруженија и поединци да им се забрани „бизнис со смртта“.

Deutschland Bonn Sterbehilfe Melanie S. im Gespräch mit Dr. Radbruch (DW/W. Dick)

Мелани С. (д.) во разговор со лекарот Лукас Радбрух

Патот кон смртта

Но, последиците беа големи. Не само што со своите услуги се повлекоа помагачите при самоубиство кои ги имаше до 2015 година, туку и многу лекари во германските болници веќе воопшто не сакаа да разговараат со пациентите за еутаназија. На тешко болните лица кои сакаа да си ги скратат маките не им преостануваше ништо друго освен да побараат соодветна понуда во Швајцарија или Холандија. Таму е дозволено самоубиство со асистенција.

На оние кои поради недостиг на сила или пари не можеа да тргнат на пат, им преостануваше само да ги замолат членовите на семејството за помош при самоубиство, зашто спорниот член на законот не се однесуваше на нив. Но, кој би оптоварил некој свој со таква молба?

Поради тоа пациенти и лекари поднесоа тужба до Уставниот суд. Минхенскиот адвокат Волфганг Пуц за ДВ вели: „Влијанието на двете големи цркви во Германија врз оние кои носат политички одлуки е и натаму многу големо, иако живееме во секуларна држава.“ Протестантската и католичката црква се против секаков вид на еутаназија.

Deutschland Sterbehilfe Rechtsanwalt Wolfgang Putz (picture-alliance/dpa/U. Deck)

Адвокатот Волфганг Пуц се залага за либерализација на еутаназијата

Можностите на палијативната медицина се недоволно познати

Лекарот Лукас Радбрух внимателно ја слуша Мелани С. Тој е претседател на Германското друштво за палијативна медицина, кое има за цел да ги ублажи болките кога оздравување веќе не е можно. Неговото искуство вели дека барањето помош при самоубиство е често повик за помош и надеж дека „постои излез во случај на опасност“. Кога на пациените ќе им се понудат средства за ублажување на болките, тие во повеќето случаи тоа го прифаќаат.

„Ако пресудата на Уставниот суд за укинување на членот 217 стане нова мотивација за помагачите при самоубиство, тоа би претставувало опасен развој за нашето општество“, вели Радбрух. Тој стравува дека многу тешко болни пациенти би се одлучиле на самоубиство за веќе никому да не му бидат на товар. Радбрух смета дека никој не би смеел да биде под притисок и дека не би требало да се создаде впечаток дека самоубиството е едноставна работа.

Deutschland Bonn Sterbehilfe Lukas Radbruch (DW/W. Dick)

Лукас Радбрух е претседател на Германското друштво за палијативна медицина, кое има за цел да ги ублажи болките кога оздравување веќе не е можно

Нови правила

Уставниот суд вчера (26.02.) одлучи дека членот 217 не е во согласност со Уставот. Со оглед на тоа што овој член веќе не важи, повторно е можна еутаназија во рамките како пред 2015 година. Лекарите, значи, може да дадат информации за еутаназија и да пружат пасивна помош при самоубиство, односно да стават на располагање медикаменти кои усмртуваат.

На ова се надеваше и Харалд Мајер (49), кој има мултиплекс склероза во одминат стадиум. Тој со својата инвалидска количка може да управува само со устата, а седум-осум луѓе на смена се грижат за него 24 часа на ден - за да може да јаде, да врши нужда... Мајер смета дека тоа е крајно понижувачки. „При полна свест моето тело ми станува сѐ потесен затвор. Вака веќе не сакам“, вели тој. Со одлуката на Уставниот суд сега станува можно остварувањето на неговата претстава за „мирно заспивање“ дома.

Deutschland Prozess um Recht auf Selbsttötung - Harald Mayer (picture-alliance/dpa/R. Pfeil)

Харалд Мајер има мултиплекс склероза во одминат стадиум

Арнолд, помагачот при еутаназија

За тоа се залагаше и Уве-Кристијан Арнолд, специјалист уролог од Берлин, кој стана активен на средината на 1990-те. Тој ризикуваше да ја загуби дозволата за извршување лекарска дејност затоа што со своето пружање помош при самоубиство ја прекршуваше лекарската заклетва. Арнолд е еден од оние кои ја поднесоа тужбата до Уставниот суд против членот 217. Тој требаше во април 2019 година пред Уставниот суд да даде изјава за својата професионална пракса. Претседателот на Уставниот суд, Андреас Фоскуле, лично се заложи за тоа Арнолд да каже во каква животна ситуација пациентите изразуваат желба за самоубиство и како се постапува притоа. Но, до такво нешто не дојде. Арнолд беше болен од рак на коските и почина пред да има можност да зборува во Уставниот суд.

Sterbehelfer Uwe Christian Arnold (DW/W. Dick)

Уве-Кристијан Арнолд - адвокат ја прочита неговата изјава пред Уставниот суд

Но, адвокат ја прочита неговата изјава. Арнолд никогаш не сметаше со тоа дека Уставниот суд навистина ќе го укине членот 217. Сега тоа навистина се случи. Не за да се олесни бизнисот на помагачите при самоубиство, или за самоубиството да стане секојдневие, туку за на смртно болните кои сакаат да стават крај на своите маки да им се даде можност за достоинствена смрт. Пресудата на Уставниот суд, според сите страни вклучени во процесот, има историско значење.

Дојче веле информира со воздржаност за темата самоубиство, поради тоа што има знаци кои упатуваат на тоа дека некои форми на известување може да наведат на имитирање. Доколку Ве мачат размислувања за самоубиство или се наоѓате во емоционално лоша состојба, побарајте помош.

Реклама