Германија го продолжува и го заострува „локдаунот“ | Информации и анализи за Германија | DW | 26.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија го продолжува и го заострува „локдаунот“

Делумниот карантин воведен во ноември продолжува, а контактите ограничени. Канцеларка Ангела Меркел и покраинските премиери вака сакаат да се справат со вториот корона-бран во земјата. Исклучоци ќе важат само за Божиќ.

Гуска во рерна, подароци под елка и цело семејство собрано на маса. Ова е идеалната слика за Божиќ за многу германски семејства. Ваква прослава со семејството е возможна и годинава и покрај корона-пандемијата. Канцеларка Ангела Меркел и 16-те покраински премиери постигнаа согласност околу ова на седумчасовниот онлајн состанок. Нивните заклучоци гласат: за време на божиќните празници се дозволени средби до 10 лица од различни семејства –децата до 14 години не се бројат.

Канцеларката сепак предупреди од големи очекувања и олабавување за божиќните празници. „Ситуацијата не ни дозволува да ги олабавиме ноемвриските мерки.“ Рестораните, баровите, кина, театри и други места за забава и понатаму остануваат затворени, а забрането е и ноќевање за туристи во хотели. Ова засега ќе важи до 20 декември, но можно е продолжување, рече Меркел, „освен ако имаме неочекуван пад на заразени.“ Во голем дел владата ќе ја надомести настанатата финансиска загуба.

„Продолжен и заострен карантин“

Ограничувањето на контактите исто така ќе биде заострено, најави Меркел: дозволена е средба на најмногу пет лица од две домаќинства – освен за божиќните празници. Можни се дополнителни ограничувања, особено во делот на дозволени контакти, за региони во кои има над 200 заразени на 100.000 жители во една недела. Како тоа ќе се спроведе во пракса е задача на покраините.

Повеќе на темата:

Германија ќе заострува мерки за да олабави пред Божик

Корона: Германија ќе почне со вакцинирање во средината на декември?

Германската политика со апел до граѓаните: Ве молиме, без приватни прослави

Закана од ново затворање: Има ли план „Б“ за училиштата?

„Ситуацијата и понатаму е многу сериозна“, изјави баварскиот премиер Маркус Зедер, кој заедно со Меркел и градоначалникот на Берлин Михаел Милер синоќа ги претставија новите мерки. „Успехот не е толку голем како што се надевавме, бидејќи карантинот не е толку строг како на други места. Бројот на починати исто така расте,“ нагласи Зедер. Со 410 смртни случаи во еден ден, бројката на починати како последица од корона во вторникот во Германија достигна нов црн рекорд. „Тоа се судбини и семејства. Поради тоа е важно да го продолжиме делумниот карантин и да го заостриме,“ рече Зедер.

Нова година со пријатели?

Мерките за кои се договорија Меркел и покраинските премиери сега треба покраините да ги спроведат во форма на уредби. Бидејќи заштитата од инфекции е задача на сојузните покраини. Неодамна реформираниот Закон за заштита од инфекции се применува за првпат. Покраините сега мора да ги оправдаат мерките во согласност со ова, но притоа да ги имаат предвид социјалните и економските аспекти. При тоа правилата важат само четири недели, а потоа мора да се продолжат.

Досегашното искуство покажува дека дури и кога покраинските премиери го нагласуваат своето единство, до сега ниту една од договорените мерки на средбите со Меркел не се спроведени во целост. Така и според досегашните корона-регулативи во одредени покраини, меѓу кои и најголемата Северна Рајна Вестфалија, прослава на Бадник дома со гости правно не би било проблем. Во Баварија и неколку други покраини пак правилата за ограничување на контакти важат и за приватни домови. Сега средбите во сопствените четири ѕида од 23 септември па „најдоцна до Нова Година“ се секаде дозволени. Но, се уште е нејасно дали е дозволена прослава со пријатели на новогодишната ноќ. Барем не треба да има општа забрана за традиционалното палење огномет. Петарди и ракети на новогодишната ноќ треба да бидат забранети само на прометни улици и плоштади.

Спор околу училиштата

Меркел и покраинските премиери особено долго и жестоко се расправаа на темата училишта. Меѓу другото се поставува и прашањето дали треба да се продолжи со настава во живо ако бројот на инфекции продолжи да расте. Баварскиот премиер Маркус Зедер бара ограничувања особено во оние региони каде што има многу заразени. За оваа точка не успеаја да постигнат согласност. Дел од премиерите сметаат дека училиштата се жаришта за ширење на вирусот. Со цел да се намали опасноста од ширење на заразата, божиќниот распуст годинава започнува порано, на 19 декември. Со ова би се намалил бројот на контакти пред да започат големите семејни божиќни средби и прослави.

Нови регулативи во трговските центри

Во иднина ќе биде намален и бројот на дозволени посетители во големите трговски центри. На површина од 800 метри квадратни, наместо досегашните 10, мора да има по 20 квадрати за еден купувач. Во помалите продавници остануваат досегашните правила.

Ваквите ограничувања во продавниците се „прекумерни“ рече шефот на ФДП, Кристијан Линднер по крајот на средбата. Опозициските ФДП и АфД до сега се најгласните критичари на корона-мерките во Германија. „Мораме посилно да ги заштитиме луѓето на кои им се заканува потежок облик на болеста,“ рече Линднер. Наместо заострување тој предлага бесплатно делење маски, брзи тестови, ваучери за такси како и воведување посебно време за пазарење за ризични групи и стари лица. „За да може нормалниот социјален живот да се одвива во променети услови со почитуваање на правилата за хигиена и растојание“, додаде Линднер.

Мнозинството ги поддржува мерките

Според анкетите, мнозинството Германци ги поддржуваат досегашните мерки за справување со пандемијата. За речиси 57% од нив е оправдано тоа што државата го регулира бројот на лица кои заедно ќе слават Божиќ. Ова го покажува анкетата на Институтот за испитување на јавно мислење Цивеј. Двајца од тројца испитаници над 65 години се за државна регулатива на овие прашања. Постарите лица често имаат потешки последици од заболување од Ковид 19 во споредба со помладите.

И научниците имаат различни ставови околу мерките за справување со растечкиот број заразени. Вирологот од Хамбург, Јонас Шмид Кансит во средата за Баварското радио изјави дека се сосем доволни препораките за дистанца, маска и користење на корона-апликацијата. Треба само доследно да се спроведат, категоричен е тој. „Се зависи од тоа дали населението го прави ова во одредена мера или не."

Тивка ноќ?

Дел од населението не само што ги отфрла владините корона-мерки туку и ја негира опасноста од пандемијата. Т.н. „Кверденкер“ движењето и понатаму е популарно, шири теории на заговор и се чини дека во одреден дел се радикализира.

Но, оваа јавна дебата навистина може да стивне барем во божиќните денови додека бабите и дедовците со внучињата си ја потпевнуваат „тивка ноќ“ околу елката. Ако бројот на заразени продолжи да расте и во новата година, тогаш дебатата околу поостри мерки повторно ќе стане гласна.

 

Реклама