1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го презема претседателството со Г7

Сабине Кинкарц
1 јануари 2022

Германија како претседавач со Групата 7 има палета со теми, но она што Г7 го дискутира на крајот е сепак диктирано од случувањата на светската политичка сцена.

https://p.dw.com/p/451ct
Das Logo der deutschen G7-Präsidentschaft 2022
Фотографија: Michael Sohn/AP Photo/picture alliance

Непосредно пред Божик, владиниот портпарол Штефен Хебештрајт крена син постер на кој бела буква G и бела бројка 7 се поставени една во друга така што графички се претопуваат во G. Долу пишува „Г7 Германија 2022“, ништо повеќе. „Овој фокус на суштинските работи има за цел да ја претстави фокусираната програма за работа што ја поставивме за ова претседателство“, рече Хебештрајт.

Г7 - тоа се САД, Канада, Јапонија, Франција, Велика Британија, Италија и Германија. Кога групата се спои во 1970-тите, тоа беа седумте најсилни индустриски држави во светот и бизнисот беше доминантна тема. Денес „Групата 7“ најмногу се занимава со големи политички прашања кои можат да се решаваат само мултилатерално, односно заедно.

Германија ја презема палката од Велика Британија

Голем дел од она што беше дискутирано и преговарано во рамките на британското претседателство со Г7 во 2021 година, сега треба да продолжи во текот на германското претседателство. Пред сè, континуираната борба против пандемијата на корона, која по две години е далеку од совладана. Министрите за здравство на Г7 последен пат ги здружија силите на крајот на ноември. На самитот на шефови на држави и влади на Г7 во Лондон во јуни, беше договорено до крајот на 2022 година во земјите во развој да се дистрибуираат 2,3 милијарди дози вакцини. Германија е вториот најголем донатор во алијансата за вакцинација Ковакс.

Една од централните теми на германското претседателство со Г7 треба да биде климатската политика. Министерката за надворешни работи Аналена Бербок, на последниот состанок на министрите за надворешни работи на Г7 под британското претседателство во Ливерпул, не остави никаков простор за сомнеж околу ова. Климатската криза има влијание врз мирот и безбедноста, не само за Европејците, туку особено за погодените земји во развој и земји во забрзан подем.

„Можеме да ѝ се препуштиме на илузијата дека Западот е остров, но дури и на него водата ќе продолжи незапирливо да расте доколку не дејствуваме сега“, рече Бербок. „Затоа заедничкото справување со климатската криза ќе биде еден од приоритетите на нашето претседавање со Г7 следната година.“

UK | G7 Außenministertreffen in Liverpool
Министрите за надворешни работи и за развој на државите од Г7 во Ливерпул, 12.12.2021Фотографија: Olivier Douliery/AP Photo/picture alliance

Вклучување на Кина

Без Кина, сепак, Г7 нема да може да го забави глобалното затоплување. „Кина е партнер за нас, за Г7“, нагласи министерката за надворешни работи Бербок и притоа не мисли само на заштита на климата. „Кога станува збор за многу глобални прашања, работите можат да се решат само заедно.“ Односот кон авторитарниот режим во Пекинг во рамките на Г7 е сѐ, освен неспорен. Американскиот претседател Џо Бајден, на самитот на Г7 во Лондон, повика на поостар однос.

Кина е дефинитивно конкурент и „на многу начини и системски ривал“, вели министерката за надворешни работи Бербок, но: „Соработкатае главна заповед во дипломатијата и меѓународната соработка, но врз основа на човековите права и меѓународните договори“. Треба да се знае како да се постапува со оваа „надворешнополитичка дилема“.

САД се „најважниот партнер“

Канцеларот Олаф Шолц има ист став. „Мора да ја усогласиме нашата политика за Кина со Кина со која реално се соочуваме“, рече тој во својата прва владина изјава, што ја даде во Бундестагот во средината на декември. „Критичната ситуација со човековите права“ и „прекршувањето на универзалните норми“ треба да се нарекуваат „по име“. „Тоа не го менува фактот дека земја со големина и историја на Кина има централно место во меѓународниот концерт на народите.“

За време на германското претседавање со Г7 ќе стане јасно дека новата германска влада многу повеќе од претходно сака да ја обликува својата надворешна политика во „конструктивен дијалог“. Во форматот Г7, сепак, тоа не може да се направи без САД, тоа го знае и канцеларот. САД се „најважниот партнер“ во глобалната конкуренција, нагласи Шолц во својата владина изјава.

Cornwall G7 Treffen mit Gastpolitikern
​​​​​​„Групата 7“ денес најмногу се занимава со големи политички прашања кои можат да се решаваат само мултилатерално, односно заедноФотографија: Leon Neal/Getty Images

Шолц сака да го обврзе Џо Бајден

Партнер од кој сега очекува многу. „Со американскиот претседател Џо Бајден го споделувам уверувањето дека либералните демократии во светот мора одново да докажат дека можат да дадат подобри, пофер и поправедни одговори на предизвиците во 21 век“, рече Шолц. Ова важи и за односите меѓу земјите. Германската влада секогаш ќе се залага за мултилатерална соработка и за нејзините институции.

Така ќе биде и во поглед на Русија. Г7 се заканија со „големи последици“ во случај на напад врз Украина, пред сѐ мислејќи на економски казнени мерки. „Секое нарушување на територијалниот интегритет ќе има висока цена и ние овде ќе зборуваме со еден глас со нашите европски партнери и нашите трансатлантски сојузници“, нагласи канцеларот Шолц во Бундестагот, повторувајќи ја со тоа изјавата на својата претходничка Ангела Меркел.

Deutschland | Bundeskanzler Scholz, erste Regierungserklärung im Bundestag
Новата германска влада многу повеќе од претходно сака да ја обликува својата надворешна политика во „конструктивен дијалог“Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Претседателството со Г7 како голема меѓународна задача

Независно од ова, Шолц сака да продолжи да се залага за преговори. Со оглед на нејзината историја, Германија мора „да биде подготвена секогаш да прави уште еден обид повеќе за разбирање, да прави обиди за излез од спиралата на ескалација“.

Сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер, кој ќе биде домаќин на министерски состанок на министрите за финансии на земјите од Г7, најави дека претседавањето со Г7 е „голема меѓународна задача со која мора веднаш да се зафатиме“. Истото го планираат и германските министерства за надворешни работи, за економија и за здравство.

Самит на Алпите

Врв на германското претседателство со Г7 ќе претставува самитот на шефови на држави и влади од 26-ти до 28-ми јуни 2022 година, во замокот Елмау, во живописните кулиси на баварските Алпи. Малото место во округот Гармиш-Партенкирхен веќе беше домаќин на самит во 2015 година.

„Ова, секако, е убава потврда дека минатиот пат било добро и оставило трајни впечатоци кај шефовите на држави или влади“, изјави радосно градоначалникот Томас Шварценбергер во интервју за баварското радио.

„Се разбира, исто така знаеме дека повторно ќе има многу работа за нас, за полицијата, спасувачите и сите вклучени. Следните шест месеци ќе бидат многу исцрпувачки и многу напорни.“ Замокот Елмау ги исполнува сите логистички и безбедносни барања кои треба да ги исполни една локација за самит на Г7, се вели од страна на германската влада.

Deutschland G7 Gipfel Angela Merkel und Barak Obama Schloss Elmau
Канцеларката Меркел и претседателот Обама на самитот на Г7 во Елмау во 2015 годинаФотографија: Reuters/M. Kappeler

Самитот би требало да чини 166 милиони евра

Луксузниот хотел со пет ѕвездички, со големи апартмани за шефовите на држави или влади, се наоѓа во шума, во тешко проодно подрачје. Во 2015 година, околните патишта беа проширени за полициски возила, а беше направено и посебно место за полетување и слетување.

Баварското МВР проценува дека самитот ќе чини околу 166 милиони евра. Речиси 90 проценти од таа сума се планирани за безбедност, вклучително и за километарски огради и комуникациски системи поддржани од сателити. Во 2015 година, 20.000 полицајци од цела Германија беа распоредени за да го претворат местото на одржување на конференцијата во тврдина. Овојпат веројатно ќе биде исто така.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ