Повеќе права за вакцинираните или не? | Информации и анализи за Германија | DW | 05.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Повеќе права за вакцинираните или не?

Дали вакцинираните во Германија наскоро ќе имаат повеќе права од невакцинираните? Со зголемувањето на бројот на инјектирани вакцини, ова прашање станува сѐ поактуелно.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан е за враќање на слободите на лицата кои веќе примиле вакцина против Ковид-19. За нив би требало да се укинат обврските за тестирање и карантин. Став кој предизвика различни реакции во земјата и покрена теми како праведност, солидарност и ограничување на основните човекови права.

За што станува збор во дебатата?

Уште пред една година, пролетта 2020-та, се водеше интензивна дебата за тоа дали државата би требало да им издава потврда на граѓаните кои со тестови или вакцинирање може да докажат имунитет, со што тие би можеле без ограничувања да учествуваат во јавниот живот. Министерот за здравство Јенс Шпан побара мислење од Германскиот совет за етика. Ова тело во септември се изјасни против ваков доказ „во сегашниот момент“. Образложението беше дека до тој момент нема цврсти докази за степенот и траењето на имунитетот.

Повеќе: Вакцинирани- и што потоа?

Зошто дебатата сега повторно се разгорува?

Шпан за весникот „Билд ам Зонтаг“ укажа на нова студија на институтот „Роберт Кох“ (РКИ). Во извештајот на РКИ испратен од Министерството за здравство се вели: „Според актуелните сознанија, ризикот од пренесување на вирусот од страна на лица кои се целосно вакцинирани, најдоцна од 15. ден по примањето на втората доза, е помал отколку при негативен антигенски брз тест на инфицирани лица кои немаат симптоми.“ Овој извештај во саботата им беше испратен на сојузните покраини.

Со тоа се поставува прашањето - дали граѓаните, со оглед на малата понуда на вакцини, смеат да се третираат различно.

Deutschland | Coronavirus | PK Jens Spahn

Министерот за здравство Јенс Шпан е за враќање на слободите на лицата кои веќе примиле вакцина против Ковид-19

Критичарите велат...

Критичарите предупредуваат на опасноста од расцеп во општеството и создавање две класи. За ваков нееднаков третман би можело да се размислува само откако сите граѓаните ќе имаат шанса да се вакцинираат, велат критичарите. И министерот за здравство на почетокот повеќепати повторуваше: „Многумина чекаат солидарно за некои да може да се вакцинираат побрзо. А, оние кои не се вакцинирани од вакцинираните очекуваат исто така солидарност и трпение.“ Меѓутоа, сега Шпан вели: „Оној кој е целосно вакциниран, во иднина може да биде третиран како некој кој има негативен тест.“

Гледај видео 02:57

Цела година во комплетна изолација

Приврзаниците велат...

Поранешниот претседател на Уставниот суд во Германија, Ханс-Јирген Папиер, изјави дека органичувањето на граѓанските права не е дозволено. „Кога ќе се утврди дека од страна на вакцинираното лице не произлегува опасност од зараза, веќе не постои уставна легитимација за ограничување на неговите основни права“, вели тој.

Слична е и аргументацијата на министерката за правда Кристине Ламбрехт: основните права не се привилегии, вели таа. „Основните права ми припаѓаат согласно Уставот и ако државата посегне по тие основни права, тогаш за тоа се потребни добри причини.“ Таква причина би била заштитата на животот, но ако таа причина отпадне, затоа што од вакцинираното лице веќе не произлегува опасност, тогаш државата веќе нема право да посега по тие основни права.

Deutschland Corona-Pandemie | Impfpass

Дебатата се разгорува: Треба ли да имаат привилегии оние што ќе докажат дека се вакцинирале?

Поинаква аргументација

Германскиот Совет за етика во февруари аргументираше поинаку. Во препораката на Советот се вели дека и на вакцинираните лица кои веќе не се заразни, би можело да им се наметнат едноставни превентивни мерки, како држење растојание или носење маски. Телото укажува на тоа дека дел од населението би можело да го смета нееднаквиот третман како неправда. Правилата би требало во даден момент да бидат укинати за сите лица.

ПовеќеВакцинацијата почна, многу прашања сѐ уште без одговор

Приватни фирми, како продавници, дискотеки или ресторани, имаат и свој куќен ред и веќе имаат исклучувано одредени лица и пред пандемијата на корона. За приватните фирми во Германија важи „договорна слобода“. Сопственикот на дискотека не мора да прими гостин ако неговиот стил на облекување не е соодветен. Советот за етика нагласува дека вакви организатори на забави и манифестации и сега „се слободни во одлуката со кого ќе склучат договор“. Тоа ја опфаќа „принципиелно и можноста да се прави разлика врз основа на статусот со вакцинацијата“. Ваквите парава, меѓутоа, не важат доколку државата наредила општо затворање, оценува Советот.

Што се однесува до лицата сместени во старечки домови, палијативни установи или установи за хендикепирани лица, Советот за етика смета дека во тој дел се неопходни посебни правила. Забраните за излегување или за посети и контакти би требало да се укинат за лицата кои живеат во овие установи, а се веќе вакцинирани. Тоа етички е оправдано, поради оптоварувањето кое овие лица го имаа во текот на пандемијата, се вели од Советот.

Гледај видео 01:46

Во авион за Германија само со негативен ковид-тест

Политичарите и најавите на Шпан

Најавата на министерот за здравство Јенс Шпан за давање поголема слобода за вакцинираните лица, на пример при купување, предизвика поделени реакции на политичарите.

„Се разбира дека вакцинираните би морале да можат да ги уживаат сите права, доколку податоците од науката потврдуваат дека за такво нешто нема пречки“, изјави шефот на пратеничката група на Левицата, Дитмар Барч за весниците од медиумската групација „Функе“. Експертот за здравствени прашања на СПД, Карл Лаутербах, дава поддршка на предлогот на Шпан, „затоа што се покажа дека вакцинираните се заразуваат само ретко и веројатно не се веќе заразни за другите“, Меѓутоа, според Лаутербах, тоа би требало да важи само по втората примена доза.

Парламентарниот раководител на пратеничката група на ФДП, Марко Бушман, на Твитер напиша: „Кога ќе се утврди дека од едно лице веќе не произлегува опасност ниту за него ниту за другите, тогаш државата нема право да му ја ограничува слободата.“

Шефицата на пратеничката група на деснопопулистичката АфД, Алис Вајдел, пак, е на мислење дека она што „се продава како повеќе права за вакцинираните“, не е ништо друго освен „стигматизација на оние кои не се вакцинирани или не сакаат да се вакцинираат“. Не смее да има скриена обврска за вакцинирање, оценува Вајдел. АфД бара укинување на сите ограничувања на основните права веднаш за сите граѓани.