Германија: Богатите сѐ побогати, сиромашните - посиромашни | Информации и анализи за Германија | DW | 13.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија: Богатите сѐ побогати, сиромашните - посиромашни

Сиромашните стануваат сѐ посиромашни, богатите сѐ побогати, покажува извештај на германската влада. Критичарите потенцираат дека короната уште повеќе ја засилува социјалната нееднаквост.

Џамила Кордус е храбра жена. Продавачката се осмели да излезе на телевизија и да зборува пред милионска публика на првиот канал на германската телевизија, во емисијата „Остро, но фер“. Темата на 10 мај гласеше: „Сиромашни и покрај тоа што работат - дали социјалниот подем е само празно ветување?“. Џамила Кордус е самохрана мајка. Парите секогаш одвај стигнуваат, иако работи со полно работно време како магационерка во голема онлајн-компанија. Откако ќе ги одземе фиксините месечни трошоци, ѝ остануваат околу 500 евра за живот.

Сиромашен и покрај работата - слика која сѐ почесто е германска реалност. Тоа го докажува и најновиот извештај на германската влада за сиромаштијата и богатството во земјата „Сиромашна богата Германија“. Извештајот излезе вчера (12.05) од Министерството за труд, а за констатациите во него најверојатно ќе се разговара уште еднаш во јули, во германскиот парламент.

ПовеќеПандемијата ја зголемува социјалната нееднаквост

Владата секои четири години прави обемен извештај (500 страници) кој би требало да овозможи поглед во социјалната ституација во Германија. А, таа изгледа главно мрачно - јазот помеѓу сиромашните и богатите во земјата станува сѐ поголем. Пандемијата на коронавирус ја има дополнително влошено ситуацијата. Тоа за опозициските партии, синдикатите и социјалните здруженија е сигнал за аларм.

Dr. Joachim Rock Abteilungsleiter

Јоахим Рок

Јоахим Рок од Германскиот сојуз на социјални организации кои не се дел од мрежата на јавни установи, вели: „Извештајот покажува дека кризата најчесто ги погаѓа најсиромашните.“ Во интервју за ДВ тој додава дека токму во корона-кризата луѓето со ниски примања се изложени на ризик „од губење работа и приходи“. Влијанието на пандемијата врз богатите луѓе во финансиска смисла е далеку помало, нагласува Рок.

Повеќе: Сиромашните почесто имаат тежок тек на Ковид-19

Сиромашни во Германија

Што значи да се биде сиромашен во Германија? Дали се сиромашни луѓето без покрив над главата, оние кои собираат шишиња или живеат од социјална помош? Или сиромашни се и луѓето кои работат со полно работно време, но не можат да преживеат со својата плата?

Во Германија е тоа точно дефинирано - сиромашен е оној кој има помалку од 60% од просечната нето-плата во земјата, а тоа во моментов се 1176 евра. Богат е оној кој има повеќе од 3900 евра нето. Тука се вбројуваат и супер богатите, како сопственикот на ланецот супермаркети „Лидл“, Дитер Шварц, чие богатство се проценува на над 20 милијарди евра. Уделот на богати луѓе во Германија постојано се зголемувал во последните години, покажува извештајот за сиромаштијата и богатството. Се зголемувал и уделот на сиромашните. Истовремено, се топи средниот слој.

Гледај видео 05:10

Сиромаштија на старост

Ситуацијата во време на пандемија е уште повеќе заострена. Во истражувањето направено за извештајот, околу една четвртина од домаќинствата навеле дека нивниот приход во корона-кризата се намалил. Лицата кои заработуваат малку или нормално биле особено погодени од тоа.

Јоахим Рок го набљудува различниот развој на платите во државата веќе подолго време: „Додека луѓето со ниски плати честопати имаат реални загуби на приходите, високите плати се зголемуваат значително повеќе. Богатството е распоредено многу нерамномерно - најбогатата половина од населението располага со 99,5% од богатството.“ Многу високи нето-приходи имаат околу 3,8% од населението. Тие поседуваат повеќе од половина милион евра во недвижности, заштеди или преприемачки капитал.

Infografik Top-Nettovermögende DE

Процент на граѓани кои имаат иднвидуално богатство од над петстотини илјади евра

Шефицата на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт, оценува дека сѐ поголемиот јаз помеѓу сиромашните  богатите и чувството на сѐ повеќе луѓе дека се оставени на цедило во кризата, е отров за општествената кохезија. Катја Кипинг, задолжена за социјални прашања во Левица, за ДВ изјави: „Неолибералните ветувања за подем во општеството се покажаа празни, барем што се однесува до посиромашните слоеви.“

Лоши оценки за мандатот на Меркел

Јоахим Рок на владеењето на канцеларката Ангела Меркел му дава главно лоши оценки: „Нееднаквоста во Германија во изминатите 16 години е значително зголемена“, вели тој. „Социјалните реформи кои стапија во сила во 2005 година придонесоа многу за тоа: во 1995 година само 15% од населението живееле во сиромаштија, додека во 2005 година тоа биле над 35%, а во 2015 година - речиси две третини.“

Повеќе: „Во Германија не тече мед и млеко“

Ако луѓето имаат помалку пари, тоа ќе има и политички последици. Тоа ја загрижува германската влада, која знае: колку пониски приходи, толку помал политички ангажман и подготвеност за гласање. Актуелната влада нема да може да промени многу во врска со актуелната социјална ситуација во Германија, зашто во септември се одржуваат нови парламентарни избори на сојузно ниво. Но, веќе сега се покажува дека прашањето на платите и праведноста ќе игра голема улога во изборната кампања: ќе има ли данок за многу богатите, треба ли да се воведе оптоварување за оние кои заработуваат добро, ќе мора ли да се зголеми минималната плата?

Berlin | Angela Merkel beim Flüchtlingsgipfel

Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за труд и социјала Хубертус Хајл, чие министерство го подготви извештајот за сиромашните и богатите во земјата

Социјалниот подем е многу тежок за сиромашните

Во владината анализа се заклучува дека сонот за социјален подем останува неисполнет за најголемиот дел од сиромашните луѓе и нивните деца. Луѓето со ниски плати и нивните деца имаат мали шанси за искачување во општеството. Јоахим Рок тоа го објаснува вака: „Децата и младите од добростоечки фамилии, на пример, одат петпати почесто во гимназија отколку оние кои живеат во сиромаштија.“

Повеќе: Милиони Германци работат на повеќе работни места

За луѓето како Џамила Кордус, самохрана мајка од Берлин која собра храброст да ја раскаже својата судбина на телевизија, владиниот извештај веројатно делува многу отрезнувачки. Но, за неа едно не доаѓа предвид - да зема државна помош наместо да оди на работа. „Израсната сум со тоа дека работата е најважна“, рече таа за телевизијата АРД. Освен тоа, додава и дека сака да ѝ биде пример на својата ќерка. „Ако само седам дома, што ќе прават децата подоцна?“