Германија потфрли во Аганистан | Информации и анализи за Германија | DW | 24.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија потфрли во Аганистан

Германската влада е соочена со урнатини од својата политика кон Авганистан. И по триумфот на талибанците, таа колебливо презема одговорност. Тоа е срамно, смета Марсел Фирстенау.

Deutschland, Berlin | Protest für die Evakuierung von Menschen aus Afghanistan

Германската влада погрешно ја процени ситуацијата во Авганистан (фото: протести во Берлин за евакуација на луѓето од Авганистан, 17.08.2021)

„Надвор од Авганистан!“ Левицата ова го бара цели 20 години - од 2001-та, кога почна воениот ангажман на Германија во рамки на ИСАФ-мисијата предводена од НАТО. Провидно, евтино барање, затоа што опозициската партија никогаш не мораше да преземе одговорност во влада, а со тоа и одговорност за воените ангажмани на Бундесверот? И да и не.

Да, затоа што борбата против теророт на талибанците, барем на почетокот на овој век, беше поврзана и со оправдана надеж за напредок и демократија за луѓето во Авганистан. Не, затоа што многу брзо се покажа дека оваа борба не ќе може да се добие. Зашто, сите авганистански влади не можеа да се справат со основното зло - корупцијата, а тоа веројатно и не го сакаа. Освен тоа, Западот никогаш сериозно не се обиде да промени нешто во тој поглед, И, како што често се случува во воени операции, премалку обрнуваше внимание на културата и историјата на земјата која требаше да се смири.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon

Марсел Фирстенау

Сојузната влада остави неискористен простор

„Надвор од Авганистан!“ - оваа парола на една во политиката лесна категорија (Левица), која звучи евтино, во стварноста беше постојано дел од размислувањата на сојузната влада. Прашањето само беше - кога? Се разбира, одговорните, а пред сѐ канцеларката Ангела Меркел, која има компетенции за давање насоки, знаеја дека одговорот ќе треба да дојде од Вашингтон.

САД го диктираа тактот во овој воено и хуманитарно неуспешен поход. Така беше и кога одеднаш беше речено: „Надвор од Авганистан!“ Меѓутоа, германската влада притоа имаше некаков простор за делување, не толку во воената, колку во цивилната сфера. Зашто, за ситничарскиот, бирократски однос кон сопствените локални соработници и нивните семејства е одговорна самата Германија.

Без план Б

Тоа што многумина од нив не се извлечени навреме од Авганистан е страшно и срамно за оваа влада. Министерот за надворешни работи Хајко Мас до јуни сметаше дека брза победа на талибанците е исклучена, а кога се случи токму тоа, тој за тоа ги обвини тајните служби (БНД). Критиката за погрешната проценка на ситуацијата е можеби оправдана, но тоа е само дел од целата слика.

За далекувида политика е потребна разработка на сите замисливи сценарија. За такво нешто во фиоката мораше да има план Б - за евакуација на германската амбасада во Кабул и многуте Авганистанци на чија поддршка, за која честопати го ризикуваа животот, беше упатен Бундесверот во својата фатална и со многу жртви поврзана неуспешна мисија. Соработката на ресорите кои се најважни за Авганистан, потфрли во моментот на воен пораз и во неделите пред тоа: министерствата за надворешни работи, за одбрана, за внатрешни работи и за развој немаа заедничка стратегија.

Ангела Меркел должи објаснување

Главно одговорен за тоа е Канцлерамтот, каде завршуваат сите нишки. Тука, на неделни седници на владата, се носат најважните одлуки. Тука се наоѓа и БНД, тука има координатор за тајните служби. Накусо - Ангела Меркел должи објаснување! Нејзе, како и на сите други луѓе во Германија, сега им останува уште надежта дека предоцна почнатата евакуација на Германците и Авганистанците, ќе биде успешна.

Сѐ уште може да се спасат многу луѓе. За тоа не е превисока ниедна цена, ниту финансиски ниту политички. Меѓутоа, едно тешко дека ќе ѝ успее на оваа германска влада по оваа катастрофа - да ја поврати загубената доверба во Германија и Авганистан.